За да привлечете што поголем број на туристи во метрополата, морате да имате што повеќе работи кои ќе ги анимираат додека престојуваат во градот. Освен музеите, скулптурите и останатата стандардна понуда, потребна е програма плус за што подобри впечатоци по заминувањето на посетителите. Загреб има убав проект кој е остварлив за најупорните, и според коментарите на сите оние кои поминале низ процесот, заклучокот е дека навистина вредело.
Се работи за Сончевиот систем распослан низ целиот град, кој љубопитните треба да го откријат, а за тоа, богами, може да се потроши и целиот ден. Јас, за жал, го немав тој луксуз, и се фотографирав само на почетната точка, пред скулптурата на ѕвездата што дава живот, насловена „Приземјеното Сонце“. Се работи за дело на академикот Иван Кожариќ поставено уште во далечната 1971 година, кое е оштетувано и преместувано, за на крајот, во 1994 година, својот мир да го најде токму овде, како стартна точка на целата приказна.
Десет години подоцна, на иницијатива на скулпторот Давор Прајс, поставени се деветтте планети во сончевиот систем насекаде низ градот, наречени „Деветте погледи“, и тие се протегаат од плоштадот на банот Јосип Јелачиќ па се’ до далечните предградија на хрватската метропола.
Планетите се изработени од нерѓосувачки челик, а секоја содржи метална плоча со податоци за името, размерот и просечната оддалеченост од Сонцето. Всушност, оддалеченсота на секоја планета од скулптурата на Сонцето, според размерот, е токму толкава колку реалната оддалеченост во сончевиот систем, затоа најдалечните планети морале да се сместат речиси надвор од градот.
И ако најстарата скулптура, „Сонцето“ на Кожариќ, е со размер од 2 метри, скулптурата на најголемата планета Јупитер има 28 сантиметри. Најмалиот Плутон, пак, кој во 2006 година го исфрлија од друштвото, а потоа повторно го вратија, е голем само 3 милиметри.
Интересна е и оддалеченоста на скулптурите од Сонцето, каде исто така се внимавало на соодветниот размер. Најблиската „приземјена“ планета, Меркур, е 88 метри оддалечена од Сонцето сместено во центарот на Загреб, а најоддалечениот Плутон дури 7658,6 метри. Седум ипол километри пеш, па не е фер! Башка што е ставен на потпорниот столб на еден надвожњак, па ајде оди најди го, да те видам. Лудило 😊
Поради сето ова малкумина се решаваат да го „изодат“ целиот пат откривајќи ги „ситните“ планети, често пати невидливи за обичниот минувач, бидејќи се наоѓаат на столбови, огради, мостови… Но доколку ги користите достапните GPS координати, целата операција изгледа остварливо. Господата од хрватската туристичка заедница пресметале дека треба да се поминат вкупно 30,5 километри за да се откријат и видат сите „приземјени“ планети.
На крајот, доколку сте во главниот град на Хрватска и сепак се одлучите да си ја дозволите оваа урбана вселенска авантура, еве ги точните координати на поставеноста на скулптурите, претставени на плочата која се наоѓа на плоштадот „Бан Јелачиќ“, поставена од страна на Хрватското геодетско друштво:
Merkur – Margaretska ul. 3; 88 metara od Sunca
Venera – Trg bana Josipa Jelačića 3; 167,5 metara od Sunca
Zemlja – Varšavska ul. 9; 211 metara od Sunca
Mars – Tkalčićeva ul. 21; 319 metara od Sunca
Jupiter – Voćarska ul. 71; 1194 metra od Sunca
Saturn – Račićeva ul. 1; 2170 metara od Sunca
Uran – Siget 9; 4150 metara od Sunca
Neptun – Kozari 17 (naselje Kozari bok); 6570 metara od Sunca
Pluton – Aleja Bologne, na stupu podvožnjaka; udaljen 8880 metara od Sunca
Bon voyage 😉