Во засебен текст беа претставени седумте филмови во официјалната трка за наградите, но „КинеНова“ на филмофилите им нуди и останати атрактивни содржини на сребрениот екран. Еве што се’ содржат програмите на четвртото издание на фестивалот, кој стартува утревечер во киното „Милениум“ со двојна програма. Од 18 часот, за сите оние кои ја пропуштија „Петрунија“, уште една проекција на наградуваниот филм на Митевска, а од 20 часот филмот на отворање, победникот во Карлови вари годинава, „Таткото“ на бугарскиот тандем Грозева/Валчанов. А пред нив – ексклузива, светска премиера на десетминутниот анимиран филм „Змијулче“ на Иванов/Гацова/Господиновски.
ФИЛМ НА ОТВОРАЊЕ
Петок, 4 октомври, Кино Милениум, 20 часот
Бугарија, Грција/2019/87’
ТАТКОТО (The Father)
режија: Кристина Грозева(Kristina Grozeva), Петар Валчанов (Petar Valchanov)
улоги: Иван Барнев (Ivan Barnev), Иван Савов (Ivan Savov), Тања Шахова (Tanya Shahova)
Синопсис
Васил само што ја загуби долгогодишната партнерка, неговата сопруга Валентина. По надреалниот случај со мобилниот телефон за време на погребот, тој ќе се обиде да стапи во контакт со жена му на оној свет со помош на видовит човек. Синот Павел се обидува да го вразуми, но Васил е тврдоглав и сака да ја истера работата до крај. „Таткото“ е интимна семејна драма за неможноста за комуникација со луѓето кои се најблиску до нас. Бугарскиот режисерски тандем на супериорен начин ни прикажува секојдневни животни моменти доведувајќи ги до комично-апсурдни ситуации, пристап кој им ја донесе главната награда на фестивалот во Карлови вари минатиот јули.
Фестивали и награди
– Karlovy Vary International Film Festival 2019 – Најдобар филм
– Sakhalin International Film Festival 2019 – Најдобар режисер и награда од публиката
– El Gouna International Film Festival 2019 – Во компетиција
Биографија
Кристина Грозева и Петар Валчанов како тандем работат уште од самите почетоци на нивните кариери, по завршувањето на филсмките студии во Софија. Нивната прва соработка е на документарниот филм „Parable of life“ (2009), за следната година да го реализираат и ТВ филмот „Forced landing“ (2010). Голем успех постигнуваат со краткиот филм „Jump“ (2013), кој е прв бугарски филм номиниран за европските филмски награди EFA. Нивното прво целовечерно остварување, пак, „Лекција“ (2014) беше дел од А-фестивалите во Торонто и Сан Себастијан. Нивниот втор филм „Слава“ постигнува огромен успех и гледаност низ целиот свет, но е и прв победник на нашиот фестивал „КинеНова“, добивајќи ја главната награда од жирито во 2016 година.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОЕКЦИЈА
Понеделник, 07 октомври, 20 часот, Кинотека
ЛЕТ/ШВА/ЧЕШ/2018/102’
ПУТИНОВИТЕ СВЕДОЦИ (Putin’s witnesses)
сценарио и режија: Витали Мански (Vitaly Mansky)
улоги: Владимир Путин (Vladimir Putin), Михаил Горбачов (Mikhail Gorbachov), Витали Мански (Vitaly Mansky)
Синопсис
Настаните започнуваат на 31 декември 1999 година, кoга во Русија се избра нов претседател. Документарниот филм е базиран врз уникатните документирани сведоштва за вистинските причини и последици од операцијата „Наследник“, по кои Русија го испрати во заборав Претседателот кој владееше со земјата. Главни протагонисти во филмот се Борис Елцин, Михаил Горбачов, Владимир Путин и руската нација, која отсекогаш била нем сведок на својата судбина. Филмот е Мански е редок автентичен поглед врз младиот Путин и големата политичка машинерија зад него која му донесе огромна моќ.
Фестивали и награди
- Karlovy Vary IFF 2018 – Најдобар документарен филм
- Stockholm Film Festival 2018 – Најдобар документарен филм
- Antenna IDF Sydney 2018, Australia – Филм на отворање
Биографија
Витали Мански (1963, Лвов, Украина/СССР) дипломирал на престижниот Државен институт за кинематографија во 1989 година (VGIK) и набргу потоа станува еден од најценетите руски документаристи и продуценти. Снимил повеќе од 30 филмови како режисер и истите се прикажани на многу светски фестивали. Како продуцент се потпишува зад филмовите на режисерите Рената Литвинова, Дмитри Желковски, Сергеј Лозница… Во 1996 година го стартува проектот на архивирање на приватни аматерски видеа за животот во СССР од 30-те до 90-те години на минатиот век. Мански е продуцент на националната награда „Lavrovayavetv“ која секоја година се доделува на најдобрите руски документарни филмови. Од 2015 година живее во Летонија.
„LUX PRIZE“, пет најдобри филмови според Европскиот парламент
Споменатата „Петрунија“ и наградуваниот „Медена земја“ на Котеска/Стефанов (проекција в недела од 20 часот во Кинотека) се дел од оваа ЕУ селекција, во чии рамки ќе може да се погледнат уште три одлични актуелни европски остварувања.
Вторник, 08 октомври, 22 часот, Кинотека
Шпанија/2018/132′
КРАЛСТВОТО (Realm)
режија: Родриго Сорогојен (Rodrigo Sorogoyen)
сценарио: Изабела Пења (Isabel Pena), Родриго Сорогојен (Rodrigo Sorogoyen)
улоги: Антонио де ла Торе (Antonio de la Torre), Моника Лопез (Monica Lopez), Хозе Марија Пу (Josep Maria Pou)
Синопсис
Во овој жесток политички трилер кој изобилува со познатата шпанска страст, приказната го следи животот на популарниот политичар, чие богатство го стекнува на сосема нелегален начин. Се чини дека на животот на висока нога му се гледа крајот откако еден весник ќе ја фокусира јавноста врз неговиот развратен животен стил исполнет со каприци.
Фестивали и награди
– Goya Awards 2019 – Најдобар режисер, актер, споредна актерка, сценарио, музика, монтажа, саундтрак
– ASECAN 2019 – Најдобар филм и актер
– Spanish Actors Union 2019 – Најдобар актер и споредна актерка
– Sant Jordi Awards 2019 – Најдобар актер и актерка
– Luxembourg City Film Festival 2019 – Најдобар филм
Биографија
Родриго Сорогојен (1981) својот леб го заработува снимајќи серии (зад себе има веќе шест серијали), но кога ќе реши да сними долгометражен филм (досега има три), тоа го прави на супериорен начин. Оваа теза ја докажа и со минатогодишниот апсолутен победник на шпанските филмски награди „Гоја“, кога ги доби најголемиот дел од нив во најважните категории.
Среда, 09 октомври, 20 часот, Кинотека
Данска/Шведска/САД/2019/128′
ЗАСТАРЕНИОТ СЛУЧАЈ ХАМАРСКЈЕЛД (Cold case Hammarskjöld)
сценарио и режија: Мадс Бругер (Mads Brügger)
улоги: Мадс Бругер (Mads Brügger), Јеран Бјоркдал (Göran Björkdahl), Даг Хамарскјелд, архивски фотографии (Dag Hammarskjöld, archive footage)
Синопсис
Данскиот режисер Мадс Бругер и шведскиот приватен детектив Јеран Бјоркдал се обидуваат да ја решат мистеријата околу мистериозната смрт на Даг Хамарскјелд, кој заедно со поголемиот дел од екипажот загина во авионска несреќа. Како се развива истрагата, така случајот стар повеќе од 50 години добива нова димензија и открива криминал многу поголем од убивањето на тогашниот генерален секретар на ОН.
Фестивали и награди
– Sundance Film Festival 2019 – Најдобар режисер
– Lighthouse International Film Festival 2019 – Најдобар докуентарен филм
– Greenwich International Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм
– Cinetopia Film Festival 2019 – Најдобар документарен филм
Биографија
Мадс Бругер (1972) е дански новинар, ТВ водител, писател и филмаџија. Има напишано неколку книги, редовно пишува колумни во весниците на актуелни теми, продуцирал неколку наградувани радио програми и го води популарното ноќно ТВ шоу „ The 11th Hour “. Тој е автор на сатиричен доку серијал насловен „ Danes for Bush “, како и на документарците „The Red Chapel“ (World Cinema Documentary Jury Prize, 2010 Sundance Film Festival) и „The Ambassador“ (2012 Sundance Film Festival).
Четврток, 10 октомври, 18 часот, Кинотека
Грција/2018/89′
НЕЈЗИНА РАБОТА (Her job)
режија: Никос Лабот (Nikos Labôt)
сценарио: Катерина Клеицоти (Katerina Kleitsioti), Никос Лабот (Nikos Labôt)
улоги: Мариша Триантафилиду (Marisha Triantafyllidou), Димитрис Имељос (Dimitris Imellos), Марија Фиљини (Maria Fillini)
Синопсис
Панајота за прв пат се вработува како чистачка им се надева дека ќе го даде својот придонес во семејството. И додека на работното место се соочува со сурова експлоатација, таа сепак смета дека ова е најсреќниот период во нејзиниот живот. Но ова чувство нема да трае долго бидејќи зад аголот чека ѓаволчето со трозабец в рака.
Фестивали и награди
– Warsaw International Film Festival 2018 – Најдобар филм и ФИПРЕСЦИ
– Thessaloniki Film Festival 2018 – Најдобра актерка
– Sofia International Film Festival 2019 – Најдобар балкански филм
– Festival Cinéma Méditerranéen de Bruxelles 2018 – Најдобар филм
– Hellenic Film Academy Awards 2019 – Најдобар деби филм, актер и актерка
Биографија
Никос Лабот (1976) зад себе има неколку проекти како асистент режисер, а со своите три наградувани кратки филмови во првата декада од новиот милениум докажа дека пред него претстои добра филмска иднина. По ко-режисерството со Јоргос Мустакис (Yiorgos Moustakis) на документарниот филм „Тhe Immortals at the southern point of Europe# (2013), минатата година конечно го сними својот целовечерен првенец, кој наиде на одличен прием кај критичарите и публиката, закитувајќи се со неколку фестивалски награди.
ПОСВЕТЕНО НА… ЈЕСИМ УСТАОГЛУ, една од најзначајните турски режисерки во последниве три декади
Сабота, 05 октомври, 18 часот, Кинотека
Турција/1999/104′
ПАТУВАЊЕ ДО СОНЦЕТО (Journey to the sun)
сценарио и режија: Јесим Устаоглу (Jesim Ustaoglu)
улоги: Назми Кирик (Nazmi Kirik), Нероз Баз (Newroz Baz), Мизгин Капазан (Mizgin Kapazan)
Синопсис
Мехмет, млад турски мигрант од селото Тире, се вработува како истражувач на вода под улиците на Истанбул. При едно недоразбирање, тој е заменет со Курд, неправедно е претепан и затворен. Иако пуштен по една недела, тој губи се’ што имал – станот, работата, девојката во која е вљубен… Откако неговиот курдски пријател е убиен, тој заминува со телото во селото на границата со Ирак, и сфаќа зошто толку многу Курди се бегалци.
Фестивали и награди
– Ankara International Film Festival 1999 – Најдобар филм, сценарист, режисер и актерка
– Berlin Film Festival 1999 – Награди „Blue angel“ за најдобар европски филм и „Peace film award“
– International Cinematographers’ Film Festival Manaki Brothers 1999 – Најдобар кинематографер (Jacek Petrycki)
– Istanbul International Film Festival 1999 – Најдобар филм, режисер, ФИПРЕСЦИ и публика
Понеделник, 07 октомври, Кинотека
Турција/2016/105′
СОМНЕЖ (Claire obscure)
сценарио и режија: Јесим Устаоглу (Jesim Ustaoglu)
улоги: Фунда Ерјигит (Funda Eryigit), Ечем Узун (Ecem Uzun), Окан Јалабик (Okan Yalabik)
Синопсис
Во засега последниот и најзрелиот филм на Устаоглу од 2016 година, таа на супериорен начин ја плете приказната околу две Турчинки, едната притисната од традиционалните вредности во општеството, а другата модерна и ослободена од сите морални стеги. Сепак, тие делат многу повеќе заеднички нешта отколку што се чини на почетокот од нивното пријателство.
Фестивали и награди
– Kerala International Film Festival 2016 – Најдобар режисер
– Haifa International Film Festival 2016 – Специјално признание
– Istanbul International Film Festival 2017 – Најдобар режисер и актерка
Среда, 09 октомври, 18 часот, Кинотека
Турција/2008/112′
ПАНДОРИНАТА КУТИЈА (Pandora’s box)
режија: Јесим Устаоглу (Jesim Ustaoglu)
сценарио: Сема Кајгусуз (Sema Kaygusuz), Јесим Устаоглу (Jesim Ustaoglu)
улоги: Сила Челтон (Tsilla Chelton), Дерја Алабора (Derya Alabora), Онур Унсал (Onur Ünsal
Синопсис
Кога старата Нусрет заболува од Алцхајмерова болест, тоа е аларм за нејзините три деца да дојдат во местото каде се родиле и израснале и да ја донесат во Истанбул за да се грижат за неа. Во тие моменти Пандорината кутија се отвора и на површина излегуваат сите сеејни тајни. Филм кој ги воодушеви сите на прњстижниот фестивал во Сан Себастијан, а критичарите во написите ја спореди филозофијата на режисерката Устаоглу со големите мислители на 20 век, Хајдегер и Дерида.
Фестивали и награди
– San Sebastián International Film Festival 2008– Најдобар филм и актерка
– Amiens International Film Festival 2008 – Најдобра актерка
– Adana Film Festival 2009 – Најдобра спореден актер и монтажа
– Istanbul International Film Festival 2009 – Најдобра актерка
ФОКУС КОН СОВРЕМЕНАТА УНГАРСКА КИНЕМАТОГРАФИЈА
Четврток, 10 октомври, 20 часот, Кинотека
Унгарија/2017/116′
ЗА ТЕЛО И ДУША (On body and soul)
сценарио и режија: Илдико Ењеди (Ildyko Enyedi)
улоги: Геза Морчањи (Geza Morcsanyi), Александра Борбели (Alexandra Borbely), Золтан Шнајдер (Zoltan Schneider)
Синопсис
Кога двајцата работници во една кланица, Ендре и Марија, ќе отркијат дека делат исти соништа – додека се сретнуваат во шумата како елени и се вљубуваат еден во друг, тие одлучуваат да ги остварат своите соништа, но реалноста е нешто сосема друго. Филмот кој минатата година влезе во најтесниот круг за Оскарите ги воодушеви сите, докажувајќи дека на унгарската кинематографија треба сериозно да се смета и во следните години.
Фестивали и награди
– Academy Awards, USA 2018 – Номинација за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје
– Berlin International Film Festival 2017 – Златна мечка и награда ФИПРЕСЦИ
– European Film Awards 2017 – Најдобра актерка
– Sydney Film Festival 2017 – Најдобар филм
– Sofia International Film Festival 2018 – Најдобар филм
Биографија
Илдико Ењеди (1955) и’ припаѓа на постарата генерација унгарски филмаџии, со завидна филмографија зад себе која брои 14 режисерски остварувања. Своите сценарија ги реализираше во текот на 80-те и 90-те години на минатиот век, неретко освојувајќи и фестивалски награди, како „Златна камера“ на Канскиот фестивал за филмот „Мојот 20 век“ (1989). Но, по одличниот „Симон магионичарот“ во 1999 година Ењеди се повлекува од филмската сцена. На радост на многумина, по 18 години таа го реализираше „За тело и душа“ кој финишираше во ТОП 5 најдобри филмови за 2017 година снимени надвор од САД, по што авторката доби покана да стане член на Академијата за науки и уметности (АМPAS).
Петок, 11 октомври, 20 часот, Кинотека
Унгарија/1989/104′
МОЈОТ 20 ВЕК (My Twentieth century)
сценарио и режија: Илдико Ењеди (Ildyko Enyedi)
улоги: Дорота Сегда (Dorota Segda), Олег Јанковскиј (Oleg Yankovskiy), Паулус Манкер (Paulus Manker)
Синопсис
Разделени идентични близанци се возат во Ориент експрес не знаејќи дека се близу еден до друг, на почетокот од крајот на Австро-унгарската монархија. Сираците растеле одделно како посвоени деца во две сосема различни семесјства. Дора и Лили се родени во зората на 20 век, на денот кога Едисон на светот му ја претстави сијалицата како револуционерен изум. Во 1900 технологијата вртоглаво се развива. Дали темите како правата на жената и националното самоопределување кои ги застапуваат близанците се’ уште се курентни и актуелни?
Фестивали и награди
– Cannes Film Festival 1989 – Награда „Златна камера“
Сабота, 12 октомври, 20 часот, Кинотека
Унгарија/2010/109′
НЕЖЕН СИН: ПРОЕКТОТ ФРАНКЕНШТАЈН (Tender son: The Frankenstein project)
сценарио и режија: Корнел Мундручо (Kornel Mundruczo)
според романот „Франкенштајн“ на Мери Шели (Mary Shelley)
улоги: Рудолф Фреска (Rudolf Frescka), Лили Монори (Lili Monori), Корнел Мундручо (Kornel Mundruczo)
Синопсис
По долги години растење во институција, момчето се враќа дома, меѓу своите, но не се чувствува добредојден. Тој започнува борба за придобивање на наклонетоста и љубовта од својата фамилија, иако околностите во кои го прави тоа стануваат се’ понеобични и посурови. Учесникот на канскиот фестивал и добитникот на фестивалските награди во Сараево и Севиља го стави во фокус Корнел Мундручо како еден од најинтересните млади европски автори во новиот милениум.
Фестивали и награди
– Cannes Film Festival 2010
– Sarajevo Film Festival 2010 – Специјална награда од жирито
– Seville European Film Festival 2010 – Специјална награда од жирито и најдобар кинематографер
Биографија
Корнел Мундручо (1975) и‘ припаѓа на новата генерација на унгарски филмаџии кои со своите први и втори остварувања веќе се наметнаа како нов бран во унгарската и европската кинематографија. Интересно, тој е успешен и како сценарист, и како актер, но најпознат е како режисер, неретко играјќи помали улоги во своите остварувања. Зад себе има неколку наградувани кратки и телевизиски серии и филмови, а неговата филмографија веќе брои 7 долгометражни филмови, меѓу кои овие два кои се дел од ревијата, според критичарите, се неговите најдобри.
Недела, 13 октомври, 20 часот, Кинотека
Унгарија/2017/129′
ЈУПИТЕРОВАТА МЕСЕЧИНА (Jupiter’s moon)
сценарио и режија: Корнел Мундручо (Kornel Mundruczo)
улоги: Мераб Ниниџе (Merab Ninidze), Шомбор Јегер (Zsombor Jeger), Ѓерѓ Черхалми (Gyorgy Cserhalmi)
Синопсис
Аријан е сириски бегалец кој сака да влезе во Унгарија преку Србија, заедно сум татко му и уште многу други земјаци со кои ја делат истата судбина. Сите тие, и покрај ветувањата и барањето на малку човечност од обичните луѓе и од официјалните власти, на крајот ќе паднат во стапицата на цинизам и корупција. Маестрално дело на Мундручо кое на јасен начин ја опишува голготата на бегалците како современи номади во суровиот 21 век.
Фестивали и награди
– Cannes Film Festival 2017 – Во конкуренција
– Norwegian International Film Festival 2017 – Најдобар филм
– Austin Fantastic Fest 2017 – Најдобар филм
– International Cinematographers’ Film Festival Manaki Brothers 2017 – Најдобар кинематографер
https://www.youtube.com/watch?v=-TztZYXHGbM
Прочитајте информации, погледнете трејлери и изберете ги своите фаворити. Дојдете на „КинеНова“ четири, ќе биде забавно 😉