Директно од Нотингем, Англија, веќе десет години ни доаѓаат прекрасни смирувачки тонови преполни со артизам, меланхолија, драма, страст, софистицираност… Ваквиот спој на убавото со мистичното длабоко не’ убедува дека Ник Кејв, Таксидомун, Велвет андерграунд, Нил Јанг и Џој дивижн се патници чија крајна дестинација завршува во пазувите на Тиндерстикс.
На 21 мај во музичките продавници се појави нивниот петти по ред студиски албум насловен „Can our love…“, кој содржи нови осум бисер од нивната работилница, прв пат издадени за новата издавачка куќа, славната Beggars banquet. Според многумина, албумот претставува фино надоврзување на претходникот „Simple pleasure“ (1999), а како поинаку, кога Тиндерстикс се бенд што никогаш нема да биде прогласен за здодевен, бидејќи гордо ја продолжува музичката линија која сите ние ја сакаме и почитуваме.
На новиот албум бендот звучи совршено. „Dying slowly“, „People keep coming around“, „Sweet release“ и другите теми се исчистени од секакви заблуди, задржувајќи ја тешката литерарна форма на текстовите, поддржана од инструменталниот (симфониски) дел од каде што, зад тешката сомотска завеса, испарува чашата со виски ставена на клавирот, исполнувајќи ги соништата на сите присутни во зачадената просторија.
Еднодецениското постоење на бендот оваа година е зачинето со нова маркетиншка стратегија протната на нивните концертни настапи низ Европа, кадешто покрај порцијата прекрасни звуци, фановите на оваа група ќе можат да видат и кратки филмски приказни за секоја од песните на новиот албум. Штом и Русите и Турците се заинтересираа за нивната музика (на 19 и 21 јуни гостуваат во С. Петербург и Москва, а на 23 во Истанбул), несомнена е констатацијата за универзалноста на нивната уметност. Tindersticks? Tricklin through my mind!
На крајот да ја споменеме и најавата за нивната работа на саундтракот за филмот „Trouble every day“ на Клер Дениз, со Беатрис и Винсент Гало во главните ролји. Дотогаш, може ли нашата љубов… да остане вечна? Со вакви албуми, сосема извесно!!!
@Текстот е објавен во двобројот јули-август на „Урбан магазин“ 2001 година.