Кон филмот „Пола ИКС“ на Лео Каракс

Девет години по неговото маестрално остварување „Љубовниците од Понт-Неф“, францускиот контраверзен филмски естетичар Лео Каракс го сними „Пола ИКС“, според романот на Херман Мелвил, Pierre or The Ambiguilties. По три филма базирани врз оригинален материјал, режисерот се одлучи да загребе под површината на литературата, односно да го адаптира романот кој длабоко го одбележал неговиот адолесцентски период од животот. Меѓутоа, врската која ги одбележува сите негови досегашни остварувања, од „Boy meets Girl“ (1983), преку „Bad Blood“ па се’ до споменатиот „The Lovers…“ (1991), вклучувајќи го и актуелниот наслов, е темата која датира уште од антиката – инцестуозната љубов, или поблаго кажано, љубовта меѓу братот и „можната“ сестра.

Вечната потреба за спојување со другиот дел од себеси е почетниот момент на ивотните превирања во безмалку совршениот живот на Пјер (Гијом Депардје). Откако околу него ќе се појави дивата девојка која му кажува дека е негова сестра од некое далечно минато, тој решава да тргне по поинаков пат, откажувајќи се од сите удобности, и отфрлајќи го претходниот период од животот како голема лага, се’ со цел да го надополни загубеното време со својата (полу)сестра. Но незрелоста на таквиот проект можеби најмногу е поттикната од неговата писателска кариера која веќе не му носи никаква возбуда, туку само извештачени зборови, кои се дават во својата предвидливост.

Пјер, исто како и Каракс со овој филм, излезот го гледа кон отворање на нови животни предизвици, барајќи автентична инспирација, гледајќи и’ на реалноста директно в очи. Ако Каракс по девет години се одлучува да сними адаптира едно издржано литерарно дело, таквата негова храброст ја префрлува и на ликот во филмот Пјер, кој талкајќи по улиците на Париз и спиејќи по метроата со двете жени за кои и самиот не е сигурен кој е нивниот идентитет, го бара својот вистински spiritus movens. Хаос, несигурност, прашања, отуѓеност… Ваквиот сплет на околности наведува на обид режисерот да направи генерациско култно дело, но оваа констатација останува да ја потврди времето што претстои пред нас.

Покај виртуозната фотографија, во која боите во сцените, нешто слично како кај Кишловски, се менуваат во зависност од интензитетот на сцената и учесниците во неа, уште неколку интересни детали го прават „Пола ИКС“ поетичен, мистериозен и прекрасен. Прво, режисерот си поиграл со потеклото на можната сестра на Пјер, која, за разлика од романот, во филмот има нагласено источноевропски акцент, алудирајќи на испиените и тажни ликови од босанското лудило. Сето тоа акетрката Катерина Голубева го манифестира со молчалива игра на нежност и очај. Второ, ликот на писателот, во убедлива трансформација на помладиот Депардје, речиси во сите сцени е доловен од зад грб, таинствено наведнат над масата, при што камерата во ниту еден момент не ни го покажува текстот кој тој го пишува. Така се добива впечаток на лажна големина и гордост, кои подоцна ќе се покажат како фатални. Трето, приказната во втората половина од филмот се префрла во еден голем хангар во париските предградија, кадешто група фанатици ја изразуваат својата уметност правејќи бучна индустриска музика – додека околу нив се шетаат кокошки, сето тоа како алтернатива за врвот на емоциите меѓу ликовите во филмот, чие катарзично расположение го прикажува безизлезот на човековото битисување како прецизна метафора. И на крајот, како мал куриозитет, во филмот не постои личност со име Пола. Насловот, едноставно, е добиен од почетните букви на француската транскрипција на романот на Мелвил, а ИКС-от, покрај тоа што си поигрува со нејасните идентитети на карактерите во филмот, јасн ни покажува дека насловите на филмовите на Каракс му се слабост, или, како што тој вели, Јас едноставно би сакал да бидам како сликарите, сите дела би ги оставил без наслов, само со чкртнат датум на создавање.

Со „Пола ИКС“, Каракс се враќа на голема врата во светската кинематографија, повторно кршејќи ги конвенионалностите со снимање на сосема непредвидливи и провокативни стории. Новиот филм е директен удар или сатира на денешната американска литература,која левитира во светот кој стана премногу модерен и празен. Иако многумина не ги варат до крај неговите филмови, сепак, тие поседуваат длабок емотивен набој, убавина, простор и движење. Каракс е еден од последните почитувачи на францускиот „Нов бран“ од 60-те, но дефинитивно снима подобри еротски сцени од нив. Проверете ја љубовната (инцестуозна?) сцена при крајот од филмот, можеби една од најнасилните, но истовремено и најпрекрасните сцени снимени во последнава декада.

@Текстот е објавен во двобројот јули-август на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *