„Род“ од Миљенко Јерговиќ

„Род“ на Миљенко Јерговиќ е книга составена од повеќе целини – романи, документи, раскажувачки скици, фрагменти – во кои се менуваат фикционални и нефикционални делови и на совршен начин се мешаат реалното и измисленото. Со многу автобиографски елементи Јерговиќ во „Род“ ја испишува сагата за семејството на Карло Штублер, неговиот прадедо. Ова е книга во која авторот низ судбината на сопственото семејство зборува за цел еден век на Средна Европа и на Балканот, роман кој како железница ја вмрежува епохата и различните краишта, земјите кои се менуваа, историјата која беше немилосрдна. Од прадедо му и почетокот на XX век до денешницата на авторот и неговата судбина, „Род“ претставува opus magnum на Миљенко Јерговиќ.

Миљенко Јерговиќ (Сараево, 1966) е книжевник и новинар кој живее во село недалеку од Загреб. Првиот новинарски текст го има објавено во 1983 година, а првата поетска збирка „Опсерваторија Варшава“ во 1988 година. За неговата збирка раскази „Сараевско Марлборо“ (1994) година критичарите сметаат дека со неа почнува трендот на т.н. стварностна проза. Потоа објавува уште неколку збирки раскази (Мама Леоне, Иншалах Мадона, Иншалах), како и десетина романи. За романот „Род“ во 2015 година ја добива наградата „Његош“. Делата му се преведени на повеќе од дваесет јазици.


PRESS RELEASE ЗА ПРОМОЦИЈАТА НА КНИГАТА

Почитувани,

На 22 август (вторник) во кафе барот „Ла Кања“ во Скопската чаршија со почеток од 21 часот ќе се одржи промоција на романот „Род“, издание на ИЛИ-ИЛИ, со гостување на авторот Миљенко Јерговиќ, во превод од хрватски на македонски јазик на Владимир Јанковски, кој заедно со писателката Оливера Ќорвезироска ќе бидат и промотори на книгата. Промоцијата е дел од програмата „Креативна Европа“.

„Род“ е книга за големите војни во малите земји кои по правило никогаш не завршуваат, но и роман што се занимава со сето она што официјалната политика сака да го скрие под тепих. Роман за идентитети што ги силуваат националните митови, токму во име на идентитетите. Денис Дерк

Впечатокот што книгата го остава е впечаток на борење со себеси, со своите лични и семејни демони. Демоните не дозволуваат лесно да бидат избркани, и затоа трауматичните сцени невротично се појавуваат, постојано се реконструираат. Дарко Милошиќ

Раскажувачот е отворен, суров, безмилосен кон светот, но и до крајни граници интимен, емотивен, искрен и поетичен… Драган Бабиќ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *