„Сите наши тела“, четири куси раскази

Лупење јаболка

Има движења што го будат минатото. Бавно лупам едно јаболко со џебно ноже (џебно ноженце, го викаа некогаш), набљудувам како се вие спиралата на кората, го бришам јабол­ковиот сок по ножето. Мојата рака се сети за раката на татко ми која се сети за раката на дедо ми. Не јас, туку мојата рака помни. Не јас, туку дедо ми ги лупи јаболката. И сите тројца подголтнуваме задоволни.

Прости имиња

Во подземниот премин на Централната автобуска станица, на самиот крај на 80-тите, еден имаше наредено цела тезга со аудиокасети, од оние со лента, нема сега да ги објаснувам со фусноти. Прв пробив на црниот пазар. Сета музика на светот можеше да се открие таму, во тој восхитувачки хаос – од Франц Лист до Лепа Брена, „Парпл“ меѓу „Штурците“ и Берлинскиот симфониски оркестар, од Френк Синатра до Хисарскиот поп. (Во одреден степен такви беа и 90-тите.)

И, сепак, сиот тој хаос беше само привиден. На едниот крај на тезгата стоеше табла со натпис „Брзи“, а на другиот крај – „Бавни“. Што барате, прашуваше човекот, брзо или бавно?

Еј, таа првична дефинираност на светот што го прави сло­женото просто, отсекогаш ме восхитувала.

Nomina trivialia.

Смена на жанрот

Пред само 150 до 200 години, патувањето од еден до друг крај на континентот било авантуристички роман – смена на кочии, стемнување по пат, гостилници со вревливи друштва и итри домаќини, разбојници на патот, болести, одмори, преми­нување преку реки.

Сега, сето тоа трае пократко од читањето авантуристички роман.

Во 5 часот попладне се качив на авион од Софија, во 8 часот и 30 минути бев во Лисабон. По патот ништо интересно.

 

Born in 1968

Што вклучува списокот на родените во 1968-та?

Многу бебиња што ќе станат терористи, двајца од нив за­мешани во настаните од 11 септември; еден кинески сериски убиец со 65 жртви; многу актери и пејачи; од типот на Џејсон Донован и Селин Дион, чијашто сентименталност го потопи „Титаник“; порноѕвездата Danni Ashe, world’s most downloaded breasts (најдаунлодираните цицки на светот, но денес веројатно бивша носителка на титулата); Принцот на Астурија; новиот Џејмс Бонд; Мика Хакинен од Формула 1; Џад Ло; Патриша Аркет; Лиза Мари Присли, ќерка на татка си; бившиот тенисер Петар Корда; неколку бивши пејачи на рок-бендови, бившиот најдобар безбол играч во втората лига; потоа Гај Ричи, и тој бивш на Мадона…

А изгледаше како исклучителна година.

@превод од бугарски јазик: Душко Крстевски

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *