Интервју со екипата на омнибусот „СКОПЈЕ РЕМИКС“

Првата македонска премиера во 2012 година се случи пролетта, симболично најавувајќи младешки филмски ветришта и во македонскиот филм. Имено, „Скопје ремикс“ (почетно „Д Скопје“) е филм што на едно место собра сè што е квалитетно и просперитетно во домашната филмска уметност, давајќи им можност на многу имиња кои, ако веќе немаат свој прв целовечерен филм, тогаш барем со еден свој краток проект да бидат дел од едно македонско целовечерно остварување. Филмот се снимаше долго, и околу него кружеа многу приказни, кои одеа дотаму дека поради идејно разидување, многумина од авторите, во моменти на нетолеранција, посегнувале по не баш популарни мерки за смирување на страстите (дипломатски кажано). Но, на крајот излезе еден симпатичен продукт што „Филмополис“ сесрдно го поддржа, бидејќи сметавме дека ваквите проекти се реткост, се случуваат генерациски еднаш и којзнае кога потоа, и затоа, и покрај сите слабости за кои се свесни и самите автори, безрезервно треба да се поддржат. На премиерата во киното „Милениум“ имав среќа (и време) паралелно да интервјуирам седум од десетте автори, во следната емисија гостин во студиото ми беше Вардан Тозија по повод неговиот филм „Свиркачот“ што најмногу ми се допадна, а со Ѓорче Ставревски и Синиша Евтимов едноставно се разминавме. Но, Евтимов и онака многу повеќе е театарски отколку филмски режисер, додека во „Филмополис“ број 277 бевме на снимањето на делот што Ставревски го снимаше кај Градска болница, со Ангелов како скитник кој бара отпушок повеќе пред зградата. На крајот, ми се чини дека со прилогот ја доловивме целосната слика за овој проект-манифест на филмаџиите што (ќе) ја сочинуваат иднината на македонската кинематографија.

По три години снимање и постпродукција, конечно, во петокот, на 30 март, во киното „Милениум“ во Скопје, се случи премиерата на долгонајавуваниот омнибус насловен „Скопје ремикс“. Составен од 9 приказни снимени од 10 режисери, филмот претставува мал подвиг во кој новата генерација македонски режисери со љубов раскажува за можните минати, сегашни или идни проекции во и за овој град. Жанровски различни, деветте филмови го „возат“ гледачот низ различни територии, и на крајот од проекцијата, иако таа трае околу 140 минути, кај гледачот предизвикуваат чувство на посакување уште некој дел повеќе. За самиот проект во целина – мислења од поголемиот дел од неговите директни раскажувачи.

Борјан Зафировски: Мислам дека филмот испадна приближно до она што го замислувавме. Идејата беше да се направи еден скопски мозаик што ќе биде разновиден, бидејќи таков ни е и градот. Имаше неколку идеи за тоа како треба да изгледа целокупната визија. Првичната идеја беше да се направи продукциски чист филм каде што некои елементи би биле врамнотежени и со тоа би се приближиле на некаква естетика на долгометражен филм. Исто така, имаше и идеја да земеме еден директор на фотографија, кој сам по себе би донел некаква воедначена естетика. Но, потоа, и јас како продуцент, и во разговор со колегите, разбравме дека… да, можеби така, условно кажано, би добиле еден испеглан филм, но, од друга страна, би изгубиле од авторската автентичност, но и од автентичноста на овој град, кој и не е баш така воедначен, и за што јас сметам дека му е предност.

Јане Алтипармаков: Мислам дека филмов е своевиден подвиг што конечно се собра екипа на релативно млади луѓе, кои се обидовме да ја пренесеме таа енергија на платното и дека публиката тоа ќе го препознае. Тоа е и најголемиот дострел на овој проект, што една поголема група луѓе се обидува да направи нешто заедно. Тоа си има и добри и лоши страни, но важно е што енергијата што ја носиме кога ќе излеземе во град, можеме да ја пренесеме и на професионален план. Не мислам само на зезање и на журка, туку на урбаност, модерност со концепт, и на крајот од денот професионално исполнување на нашите задачи. Сите ние сме филмски работници и посакувам почесто да правиме различни видови проекти. Она што исто е плус е што досега многу малку сме гледале од обработените теми, не се работи за балкански стереотипи, туку напротив, овој филм на ваков начин може да биде изработен и во Њујорк, да речеме.

Срѓан Јаниќијевиќ: Мислам дека насловот на филмот е многу точен. Прво беше „Д Скопје“, што не ми се допадна многу, но и „Скопје ремикс“ како прикаска не го сакав многу, меѓутоа, кога го видов филмот, ми стана јасно за што зборуваме. Конечно, и мојот филм, сам по себе, во буквална смисла, е безмалку „Скопје ремикс“. Толку се ремиксувани некои архитектонски и суштински делови од градот, што совршено се поклопуваат со самиот наслов. Успеавме да направиме филм што го задржува духот на градот, но има друга гледна точка, друга перспектива на гледање на работите, како да си го видел градот низ еден откачен витраж.

Бојан Трифуновски: Филмов е интересна турлитава со бавење на семантичката природа на душата на градот. Не на многу длабок начин, туку на начин што одговара на скопската енергија, на начин на кој нешто што се сака, толку многу не се преиспитува, инаку ќе завршевме во некоја random патетика. Ако е нешто добро во овој филм, тогаш тоа се различноста и истовременоста на девет свежи погледи на овој град.

Даријан Пејовски: Секој пејзаж на Скопје изобилува со разноликост. И во овој филм сите филмови се различни, по жанр, по стил, по сè, но токму тоа е бенефитот на овој проект.

Огнен Димитриевски: Кога почнувавме пред три години, идејата беше овој проект да не биде само филм што ќе го гледаме два часа во кино и потоа ќе го заборавиме, туку идејата беше овој проект да ѝ даде спин на целата културна сцена во Скопје. Сметам дека го измрдавме Скопје, тоа е ремиксувано до крајност.

Саша Станишиќ: Ние сме држава на малодушна нација, и да се собереме вака, волку голем број автори во еден проект, само по себе е успех. Самото тоа што филмов вечерва доживува премиера го сметам за успех.

На конференцијата на новинарите по повод премиерата на „Скопје ремикс“,  Срѓан Јаниќијевиќ изјави дека реализацијата на овој комплексен проект, кој вклучува повеќе од 150 македонски уметници, многупати била дел политички игри, со крајна цел: негово непојавување на големото платно. Слоганот на „Скопје ремикс“ e: Го градиме Скопје со љубов и рокенрол. Тој е разигран, весел, безгрижен и моќен, меѓутоа нè интересираше дали филмот носи некаква политичка порака кон оние што сакаат да го менуваат без тоа да им биде дозволено од неговите граѓани, дали филмот носи, ако не директна, тогаш индиректна политичка порака, а пропо сопките во текот на процесот на негово снимање.

Саша: Има една реченица од Хантер Томпсон што многу ја сакам, каде што вели дека сè што ја менува мојата околина е политика, и во таа смисла и овој филм е политички. И да не сакаме да имаме таков став, тој самиот се наметнува.

Бојан: Македонците се народ што не може да се лиши од влијанието на дневнополитичките настани и сигурно дека потсвесно филмот праќа некоја политичка порака кон публиката. Ние како поединци, секој на свој начин, ја креираме културната сцена во градов, така што во таа смисла филмот носи политичка порака, но тој не е нужно револуционерен, туку повеќе се стреми кон тоа да биде омнибус на кој ќе се гледа како на уметничко дело и кој истовремено ќе биде успешен во киносалите.

Јане: Да, постои еден вид суптилна политичка порака, секако, не посочувајќи со прст конкретно кон никого. Постојат филмови што јасно стојат зад своите политички ставови, но со овој филм тоа не е случај. „Скопје ремикс“ е повеќе естетски исказ, борба и желба да се направи естетско концептуално поместување во македонската кинематографија. Барем јас, лично, се водев од таа идеја, да видиме дали можеме да направиме еден своевиден македонски нов бран, бидејќи сметам дека после 20 години кинематографија во независна Македонија, време е да одиме чекор понатаму.

Огнен: Избегнувавме директни политички пораки, но меѓу редови има, бидејќи во последниве 20 години политиката беше присутна на секое ниво, но во филмов тоа делува од заднина и е во втор план.

Срѓан: Не верувам, особено поради тоа што ако филмот носел политичка порака, ќе носел уште од пред три години, кога почнавме да го работиме, а таа во моментов не би важела, каква и да е. Политичката порака и не може да трае долго, таа сама по себе има краткотрајно дејство. Може да постои некоја глобална порака, а таа нема врска со оваа политика за која зборувам. Сакам да потенцирам дека за тие пари, некој не може да го направи филмот и за тоа да обвини некој друг, а од друга страна, ако не се случи филмот, ќе кажат дека се со чисти раце. Постојано е проблем кога државата ги дава парите, и тогаш е многу чувствително. Тоа се пари од мој и од твој џеб и не е убаво да земеш пари за нешто што не е убаво, за нешто што нема да излезе. Но, тоа е добар пи-ар за некој после да каже – ете, не се случи, кое секој може да го злоупотреби. Многу ми е мило што тоа не се случи, ја имавме таа енергија и волја… имаше некои расправии меѓу нас, но тие секогаш беа на естетско, а не на некое друго ниво, и драго ми е што направивме филм што се бави со градот, и ништо повише.

Даријан: Ако некој сака да бара политички контекст на филмов, на крајот и сигурно ќе го најде. Но, пред сè, ова е урбана бајка за градов.

Борјан: Секој од деловите носи одредена порака. Не би сакал од името на авторите да зборувам за една универзална порака, слоганот доволно кажува – го градиме овој филм со љубов и рокенрол. Тоа беше и заедничката идеја, многу повеќе да зборуваме за духот на градот, а многу помалку за архитектурата и некои други случувања, кои, според мене, се небитни. Најбитно е она што ние го градиме со нашиот дух.

Водени од идејата на филмско-уметнички витраж, како во прекрасните филмови „Париз, те сакам“ и „Њујорк, те сакам“, авторите на „Скопје ремикс“ во своите кратки филмови повеќе зборуваат за решенијата и за иднината на градот, отколку за минатото и проблемите што нè мачат, сето тоа низ микс од различни жанровски решенија, како комедија, анимација, мјузикл, научна фантастика… Омнибусот започнува со ефектниот краток филм на режисерот Ѓорче Ставревски насловен „Скопски љубовџии“, во кој нè соочува со старата шармерска болка на градот – швалерајот. Сепак, најефектниот дел е „Свиркачот“ на Вардан Тозија, чие дејствие се случува во иднината, во 2063 година, и зборува за духот на овој град, кој никаква политичка или каква било друга гарнитура, не може по никоја цена толку лесно да го скрши. За дејствието и пораката во другите парчиња од мозаикот – од самите автори.

Јане: Мојот филм се вика „Среќни краеви“ (Happy endings), снимен е во 2009 година и беше едно од првите парчиња што беа завршени. Тоа е еден личен, интроспективен филм, кој ја пренесува атмосферата што ја чувствував во моментот. Се споивме неколку луѓе и се надевам дека пренесовме една специфична, интимна атмосфера, во која во фокусот е и радиото во кое со години работам, Канал 103, како еден вид обврска кон него. Филмот е своевидна психоанализа на главните ликови и на она што ми се случуваше во тој период, плус околината што секојдневно ме инспирира – градот, „Стотројка“, свирките на бендовите, и мило ми е што во филмот испромовирав недоволно афирмирани музичари, кои се надевам дека на гледачите ќе им остават впечаток.

Огнен: Мојот филм се вика „Фотофиниш“, во него Макс од Скопје се трка со мотор со ѓаволот, и ќе видиме што ќе се случи на крајот.

Даријан: Мојот филм се вика „Опера“, станува збор за црна комедија работена во стилот на германскиот експресионизам и американскиот филм-ноар. Го снимавме во Македонската опера и балет, кој е еден од најрепрезентативните објекти во нашиот град.

Бојан: „Bruce Lee is a pussy“ е филм за тројца браќа од централното градско подрачје, филм што еден од протагонистите го опишува како банална дијалошка дијареја со примеси на магичен реализам. Тоа е филм што бара во Скопје да се роди суперхерој, па макар тој бил и идиот.

Саша: Мојот филм е насловен „Мангава диско панк“, во превод од ромски „Сакам диско панк“, и претставува одредено поигрување со стереотипите за Ромите и Шутка. Се работи за романтична комедија каде што главен лик е член на ромски панк-бенд, на прв поглед тотален лузер, но во суштина човек што верува во тоа што го прави.

Борјан: „Боите на љубовта“ е приказна за еден млад човек идеалист, кој верува дека вистинската љубов лежи во спектарот на сите бои. Во денешно време живееме во голема поделеност на боите – некои се сини, други портокалови, трети црвени… секој ден сме бомбардирани од кампањи, не само политички, туку и на мобилните компании, кои, доколку би можеле, би нè обоиле и нас и целиот град во една боја, и затоа главниот лик трага по љубовта во спектарот на сите бои, кој единствено се наоѓа во соларната светлина.

Срѓан: Филмот се вика „Поган Паган“, тоа е единствениот анимиран филм во омнибусот. Се работи за нова, урбана, скопска ‘Оливер Твист приказна’ за една псевдосторија, лажен документарец за многу работи што сум ги прочитал од весници или од каде било, склопени во една структура. Филмот е многу рокенрол, и тоа најмногу ми се допадна, што испадна така. Таква е структурата на приказната, така е водена и така е раскажана.

И на крајот, скопската енергија што истекува во големи количини од овој уметнички манифест, природно нè наведе на прашањето: што чувствуваат неговите автори кога ќе го слушнат зборот: Скопје?

Борјан: За мене Скопје е духот што го носиме, и кој, според мене, никогаш нема да умре.

Огнен: Скопје е мојот дом.

Бојан: Скопје… тополите во Мичурин, игралиштата во Ново Лисиче, падобранците во „Ригара“ во Чаршија, бифето на Авдо и Борче во МНТ.

Саша: Скопје е погледот од прозорецот кај мене кога станувам отсабајле, маркетот од каде што купувам леб, автобусот, киново…

Јане: Скопје за мене истовремено е нешто многу убаво и многу грдо, баш го сфаќам дуално, каква што е и природата на човекот. Истовремено и го мразам и го сакам. Факт е дека го чувствувам за свој дом и се надевам дека со многу енергија и концепти од типот на Канал 103 и „Филмополис“, Скопје ќе излезе од оваа мочварна ситуација во која се наоѓа и ќе тргне напред, бидејќи го заслужува тоа.

Даријан: И го мразам и го сакам. Во принцип, сите генерации скопјани плукаат по градов. Генерацијата на нашите родители вика дека порано било боље, ние викаме дека било подобро пред 20 години, но во принцип, мислам дека треба да си го сакаме градов.

Срѓан: Кога на почетокот зборувавме дали и како треба да ја врземе прикаскава, јас реков: Видете го градов, не треба да врзувате ништо. Тој изгледа така хаотично, што така треба да изгледа и филмот. Треба да има наше заедничко чувство, структура, сензибилитет, но не треба да ја врзуваме прикаската затоа што целиот град е неврзан. На Фејсбук го прикажува како Ушкуп, низ него поминал Кензо Танге, поминале Турци, Срби, поминале сите, и многу е откачено. Во тоа е и убавото, во неговата различност.

(Прилогот е емитуван во „ФИЛМОПОЛИС“ 388, а транскриптот и воведниот дел од текстот се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *