„Средни години“ од Алеш Мустар

Денеска од печат излегува новата книга во едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ, и за прв пат – превод, поточно, препев. Се работи за збирката поезија „Средни години“ на словенечкиот автор Алеш Мустар, во препев на Лидија Димковска.

Еве дел од одгласите за книгата во словенечките медиуми:

Алеш Мустар со пораките и уметничката вредност на својата оригинална автопоетика, со оваа збирка претставува неповторлив глас во словенечката поезија.
(Жири за наградата „Вероника“)

Поетскиот глас е разбирлив, непосреден и емотивно обележан, а уште една одлика на авторот е високата мера (само)иронија, црн хумор, па и цинизам од една, како и остра општествена критичност од друга страна.
(Кристина Слуга, „Букла“)

На „Средните години“ на Алеш Мустар нема што да им се забележи. Кон тоа најмногу придонесуваат комуникативната дикција, неприсилената поетска градба и крајно луцидната иронија на неговата поезија.
(Мартина Потиск, „Содобност“).


АЛЕШ МУСТАР (1968, Љубљана) е поет и преведувач. Дипломирал англиски јазик и книжевност, како и педагогија на Универзитетот во Љубљана, а докторирал од областа на романската драматургија на Универзитетот во Букурешт, Романија. Преведува романска и македонска книжевност на словенечки јазик. Ја објавил поетската збирка „Суд(бин)ско толкување“ (2005), која беше номинирана за најдобра дебитантска поетска збирка, препеана на македонски („Блесок“, 2007) и на англиски („Блат букс“, 2008). Неговата втора поетска збирка „Средни години“ излезе при Центарот за словенечка книжевност во Љубљана во 2017 г. и беше номинирана за најголемите поетски награди во Словенија: „Јенко“ и „Вероника“, а од страна на критиката беше избрана и за критичко–поетскиот фестивал „Прангер“. Неговите песни се застапени во повеќе антологии, а учествувал на поетски читања и фестивали во САД, Данска, Чешка, Холандија, Романија, Македонија, Хрватска и др. Алеш Мустар се занимава и со алтернативен театар.

Средни години

Никогаш повеќе криумчарење на фармерки
и на гуми за џвакање,
чувство на радост од новогодишно украсениот сив град,
млеко во ќесички,
црно-бели цртани,
телефонски разговори во јавни говорници,
поздравување во чекалниците.
Никогаш повеќе забави на морскиот брег
со гитара и со срцепарателни песни,
жетони за градски автобус,
редици пред киоскот со помфрит,
продавници со мешана стока.
Никогаш повеќе љубезни гостилничарки
што даваат пијачка на вересија,
никогаш повеќе жиро-сметки
и изговори дека банката е веќе затворена.
Само купишта пластика
и свет како згаснат екран
на паметен телефон.

Сплитско утро

Како нерезидент во уметничка резиденција
низ подотворените ќепенци
го гледам поројниот дожд кој ги изми улиците од стадата туристи.
Куќите од камен зад чии ѕидови
засекогаш замолкнале гласовите на гласните госпоѓи
ќе се одморат од вревата и блицевите,
а и душата на Диоклецијан барем накратко.
Сиромашните спокојно ќе буричкаат во контејнерите
барајќи пластични шишиња
и ќе си дозволат нешто од продажбата.
Зарзаватчиите скапчии
ќе си ги одморат нозете.
Ема на заслужен распуст сѐ уште мирно спие,
барем денес не треба да си го дува носот во морето.
Толку е мирен Сплит изутринава.
Токму ваков пред десетици години
го откривав кога ја гледав ТВ-серијата
на работ на тврдиот кауч во дневната соба.
Во скромната кујничка речиси го чувствувам присуството
на духовите на јунаците од ТВ-екраните.
Мислам дека Виолета
кога сега би ги видела своите сограѓани
како, небаре во гето,
на крајот од ривата потпивнуваат
пиво купено во продавницата,
веднаш би се обесила.
Кога дождот малку се смирува
моето размислување го прекинува
гласна група туристи со чадори во рацете.
Навистина не е вистинското време за интимистичка поезија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *