Четириесет години по премиерата на првиот филм, односно, четвртата епизода од сагата „Војна на ѕвездите“ на Џорџ Лукас, и нешто помалку години од почетокот на моето игнорирање на овој серијал затоа што сите други го фалеа и го сакаа, решив за време на празниците зад нас да исправам една филмска неправда, или подобро, да пополнам дупка во мојата филмофилска приказна, и достоинствено да им се посветам на филмовите кои дефинитивно се најуспешни во историјата на подвижните слики како производ кој можеби повеќе заработи од рекламниот материјал отколку од публиката, која секако, не е за занемарување. Сè уште добро се сеќавам на рекламите на Телевизија Скопје за новиот спектакл во киното Центар, „Враќањето на џедајот“, а подоцна и на телевизиските премиери на трилогијата, помпезно најавувани, но истите не го сменија моето мислење, туку само ја зголемија одбивноста кон комерцијалниот проект. Дури пред 13 години, за време на летувањето во Тунис, ги посетив и кулисите каде се снимале одредени сцени од филмот, кои денес претставуваат вистинска неодминлива туристичка атракција на влезот во непрегледната Сахара, но рамнодушноста кон оваа митологија веројатно може да се забележи и во фотките во прилог.
Но, после толку години, одлуката конечно падна, и наместо да го гледам новиот, осми дел кој во моментов е актуелен во кино, јас решив да се закотвам пред телевизорот и да му дадам шанса на генијалниот Лукас, овој пат без никакви предрасуди. Имаше недоумици околу тоа како да му се пристапи на серијалот од позиција на tabula rasa (добро сега, ги имам гледано трејлерите и одредени сцени), но дилемата бргу беше разрешена и изборот падна да се оди онака како што филмовите се снимени, од 1977 па наваму, иако можеби пологично беше да се почне од поновите prequel-и, но нејсе, забавата почна.
По гледањето на првите три антологиски делови, епизодите 4, 5, и 6, веднаш сфатив дека Star wars претставува основа на жанрот од 70-те години па наваму, бидејќи многу значајни филмови кои оттогаш се појавија очигледно се инспирирани токму од она што Лукас и компанија го пласираа во своите остварувања. Секако, во овој момент веќе ги чувствувам вашите потсмевања за моментното просветлување кое ми се случи, и затоа чувствувам потреба да му се извинам на Star wars серијалот за една голема неправда која му ја имам нанесено со моето комплетно игнорирање, но и онака и без мене истиот веќе живее во милиони, ако не и во милијарди битија ширум планетава, а веројатно и низ галаксијата, така што, нема лутиш.
Веројатно за серијалот знаете многу работи, и за наивноста на одредени сценаристичко-визуелни решенија непотребно е да се троши простор, сепак ова се филмови снимени пред 35-40 години, но истите, за чудо, и тоа како се гледливи и ден-денес. Или можеби стареам!? Океј, јас само ќе се обидам во следните редови да ги пренесам импресиите и одредените заклучоци кои сами по себе се наметнаа, потврдувајќи ја тезата од претходниот пасус, дека „Војна на ѕвездите“ е инспиративен до немајкаде, и неговите идеи се препознаваат во многу други жанровски остварувања подоцна.
• Формулата во сите три филма е слична: ред вселена, ред шума/мочуриште/пештера на некоја планета или месечина, ред битка очи в очи… Сценографијата во мочурливо пештерските сцени многу наликува на она што подоцна можевме да го видиме во Alien серијалот.
• Master Yoda е можеби најексплоатиран лик, секако, во други облици, во многу подоцнежни остварувања, да се потсетиме само на Шифу во анимираниот „Кунг Фу Панда“, но можеби и на Квато во „Тотален отповик“ од утробата на стомакот.
• Во вториот дел, Лук Скајвокер ја губи раката, но набргу добива нова, во сцената која многу потсетува на онаа од првиот Терминатор, кога низ отворената рака на Шварц се гледаат челичните жили кои го регенерираат екстремитетот и го враќаат во функција.
• Интересна е и повразноста со стрипот, па така Хан Соло, игран од тогаш младиот Харисон Форд, подоцна веројатно послужил како инспирација за создавање на стрип херојот Мистер Но на Бонелиевци, чиј авион неретко му откажува, како и вселенскиот брод на Соло. За храборста, пак, да не зборуваме, Хан во секој филм ја спасува Галаксијата спасувајќи го Скајвокер, а за шармот кон жените, го имаат и обајцата во големи количини.
• Кога веќе ја споменавме деветтата уметност, да забележиме дека придружникот на Соло Хан, вукито Чубака, веројатно е директна инспирација за креирањето на ликот на Неандерталецот Јава, стандардниот придружник на стрип херојот Марти Мистерија.
• А што да се каже за металниот робот Си-Три-Пи-О? Директната асоцијација е Дата од братскиот серијал „Ѕвездени патеки“, а најдиректната Шелдон од те-ве ситкомот „Теорија на Големиот прасок“.
• А кога претходно веќе го споменавме и Харисон Форд, кој неколку години пред „Војна на ѕвездите“.
како голобрад момак играше во првиот филм на Џорџ Лукас, култниот „Американски графити“, улогата на секогаш авантуристилки настроениот Хан Соло му била одлична подготовка за неговиот подоцнежен успех со ликот на Индијана Џонс, овој пат под режисерската палка на Стивен Спилберг.
• Во 80-те години на минатиот век се појавија еден куп филмови во кои мали креатури како оние мали мечиња-ли-се-што-ли-се во третиот дел го забавуваа светот од големиот екран, во моментов ми текнува на Гуниси и на Гремлини.
• Еден од најгледаните филмови во осмата декада беше и „Топ ган“, чија популарност веројатно му ја должи на „Војна на ѕвездите“ токму поради слично снимените сцени при воздушните борби како и оние на Лук и непријателите во кецот, меѓу тесните ѕидови.
• Декада подоцна, пак, се појави и филмот Starship troopers, во кој наоѓаме многу допирни точки, особено кога станува збор за агресивноста на големите бубачки.
• Интересно, и француската кинематографија има попримено влијание од Лукасовата имагинација, а веројатно највеќе е препознатлива кај маестро Лик Бесон, па така неговата сина Дива од „Петтиот елемент“ можеме да ја забележиме во епизодата шест, само во зелена варијанта, а директниот цитат „Јас сум твојот татко“ тој го употребува во неговиот популарен серијал „Артур и Минимојзите“.
Е сега, можеби добрите познавачи на ес-еф жанрот би рекле дека ситуацијата е токму обратна: Џорџ Лукас, кој ги напиша сценаријата и ги режираше првите три филма, се инспирирал од класиците на научната фантастика, и сето тоа мудро го инкорпорирал во своите приказни. Како поткрепа на овие можни забелешки најочигледна е поврзаноста со серијалот „Дина“ на Френк Херберт, чии пустински црви се дел и од серијалот на Лукас, но без моќниот зачин кој ја менува свеста. Сепак, факт е дека Дејвид Линч, откако го започна Јодоровски, ја екранизираше „Дина“ пар години по трилогијата, и можеби не на идејно, но на визуелно ниво, инспирацијата течела во обратен правец. Тука не застанува можната „креативна кражба“ на Лукас од разно-разни филмски остварувања пред 1977 година, па така, на пример, славниот Си-Три-Пи-О многу наликува на Вуди Ален во неговиот филм „Спанко“ (1973), кога му зарибува меморијата и безглаво бега од забавата на која прави фрка. Исто така, да потсетиме дека инспирацијата за озлогласениот Дарт Вејдер, шаманот на сите филмски негативци, оди директно до Библијата и протераниот ангел од Рајот, нели, додека градот на Ландо Калрисијан од вториот дел дефинитивно е инспириран од антологискиот „Метрополис“ на Фриц Ланг од времето на германскиот експресионизам, а бркотницата со спејс/моторите, или како и да се викаат, во третиот дел низ дрвјата во шумата, наликува на онаа во истиорискиот спектакл „Бен Хур“, во арената со коњската трка. Но, морам да споменам, најсладок дел ми е оној пред крајот на „Враќањето на џедајот“, во кој во стилот на вистинска вселенска опера, Хан Соло и’ ги преврзува раните на принцезата Лела од штотуку завршената борба, и си велам, Лукас мора да ги гледал старите добри југословенски партизански филмови, давајќи им фантастичен омаж на легендарните Љубиша Самарџиќ и Милена Дравиќ во многуте слични сцени во кои тие брилјираат токму држејќи завои во рацете.
Почувствувајте слобода и продолжете ја низата, веројатно има уште многу што да се напише, ова е сепак Star wars сага која никогаш не завршува 😉
(Текстот е објавен и на kritika.mk)