Стари концертни билети (2 дел)

Што да се издвои како значајно од концертите на кои сум присуствувал, кога всушност сите се значајни на овој или оној начин. И на свирките на кои не си поминал ОК од разно-разни причини, сепак дел од нив остануваат во меморијата и со драго срце им се навраќаш на тие моменти на кои си присуствувал по своја волја. Во овој втор дел, повторно хронолошки, стартувам од втората половина на 90-те, па се’ до крајот на првата деценија од новиот милениум. Има тука многу за што да се пишува, но ќе се обидам да се задржам во рамките на возможното 😉

Пепси Зигет фестивал 1996

По Ник Кејв и Иги Поп, повторно Будимпешта, овој пат со мојата прва посета на огромен европски фестивал, Pepsi Sziget на островот на Дунав. За жал, билетот не сум го зачувал (ако воопшто и имаше билет?), но тука е алката која седум фестивалски денови беше дел од мојата лева рака. Но, пред да се потсетам на тие златни денови пред 24 години, да ги протнам Dead Can Dance во приказнава, на чиј концерт присуствував месец-два пред Пепси Зигет, но за жал, и овој билет не сум го зачувал, но затоа се’ уште го имам оригиналното ЦД од албумот Spiritchaser кој бендот тоа лето го промовираше насекаде низ светот. Свирката беше на отворена сцена во еден од градските паркови, нешто како нашата „Школка“, но со далеку поголем капацитет. Имаше и луѓе кои беа качени на околните дрвја за да го проследат концертот, на кој Лиза Жерар, Брендан Пери и останатите брилјираа, како да им е последен настап. Потоа испадна дека бендот се распадна, секој почна со соло проекти, за дури пред неколку години повторно да се обединат и да ни подарат уште два прекрасни албуми. Се сеќавам на еден од музичарите задолжен за удиралки, кој постојано скокаше во воздухот, како Абориџин во шамански транс (Дед кен денс се од Австралија, веројатно и не сум далеку од вистината), и токму тој му даде додатен шмек на целиот концерт, кој беше незаборавен.

Враќајќи се на Пепси Зигет, да напоменам дека во моментот беше еден од најкурентните европски фестивали, настан во подем на кој сакаа да свират сите кои во моментот значеа нешто на музичката сцена, нешто што потоа како примат го презема новосадскиот Exit festival. Во Будимпешта во 1996 ги гледав моите херои од младоста, Соник јут, со една исклучително жестока свирка на која свиреа теми од актуелниот албум Washing machine, но се навратија и на „хитовите“ од Goo, Dirty, Daydream nation… Трстон Мур лежеше на сцената и вадеше неверојатно сонични гитарски звуци, а Ким беше Kool thing. На фестивалот повторно го гледав Иги Поп, кој направи стандардно откачено шоу со многу енергија, но она на што највеќе се радувам е што успеав да ги гледам Стоун роузис. По нивниот Second coming, ова им беше последна турнеја после која повторно влегоа во хибернација, се ‘до пред неколку години кога ја реализираа повратничката турнеја. Јан Браун со дајрето не искомуницира нешто посебно со нас во публиката, меѓутоа, свирката која ја направија, проследена со незаборавни светлосни ефекти, беше за паметење.  На главниот стејџ уште настапија и за мене неинтересните Therapy?, The Levellers, Slash од Ганс ен роузис во некоја блуз варијанта, сосема непознатите The Bates, и секако, Продиџи, кои по „Т-фестивал“ претходната година во Скопје, овде беа само бледа сенка од својот концертен врв во претходниот период.

Арт сити (Х’взи пашини конаци во Бардовци)

Во еден од најпрекрасните зачувани конаци во околината на Скопје, Х’взи пашините конаци во Бардовци, организаторите на „Арт сити“ на моја територија се обидоа да иницираат проект кој требаше да продолжи да живее и по овој настан, но за жал, како и секогаш, работата во меѓувреме се изјалови. Подоцна конакот послужи и како кулиса за снимање на неколку македонски филмови („Големата вода“ на Иво Трајков и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски), и сега повторно е оставен на забот на времето.

„Арт сити“ и датумот на одржување, 13 јуни 1997 година, на кој настапија „Стринг форсис“, а потоа имаше и транс журка до раните утрински часови, зазема засебно место во мојата приватна историја, и веројатно е време тука и да застанам со објаснувања, затоа што убавината лежи во неискажаниот простор помеѓу.

Денди ворхолс, Орбитал

На прагот на новиот милениум, додека тераме летен одмор во Пиреја, ни се укажа шанса да тркнеме до Солун каде се одржуваше еднодневен фестивал со четири имиња, меѓу кои „Орбитал“ е најзвучното. Зошто да не, летен одмор и концерт на отворено се совршена комбинација. Сцената е на еден простор на солунското пристаниште, каде постојано пиркаше ветенце, но за жал, истото носеше некоја смрдеа од птичји какушки, па не беше баш пријатно во текот на концертот. Но, тоа го ставаш на страна и одиш да се журкаш. Настанот насловен „Electron 2000, 2 City festival“, го отвори локален, грчки бенд со блед настап. Chumbawamba, групата со еден хит во целата своја кариера, направи какво-такво загревање за присутните тинејџери, и тогаш, откритието на вечерта: straight from Portland, Oregon USA, магичните Dandy Warhols. Буквално ништо не знаев за нив, а направија концерт за паметење. Кртни Тејлор Тејлор и Зиа МекКејб со своите сугестивни појави не можеш потоа да не ги сакаш, па затоа, по спиењето на клупи крај Белата кула, следното утро, со најава на благ ишијас во телото, се упативме во најблиската музичка продавница и го купивме антологискиот албум „Thirteen tales from urban Bohemia“. И на крајот, Орбитал, кои како да ни беа одвишни, но и заморот си го направи своето. Денди ворхолс беа оние, вистинските!

Обојени програм

По пет месеци во АРМ во касарна во Скопје, од девет месеци воен рок, веќе се сметаш за џомба 😊 Во градот пристигнуваат „Обојени програм“, и успевам да искамчам слободна вечер. Мојот омилен новосадски бенд е актуелен со темата „Кад се неко нечем добро нада“, а свирката се одржува во „Лејди блу“ (екс-Кристијан, и уште еден куп имиња во меѓувреме). Кебра и пријателите сум ги гледал многупати, но оваа свирка ќе ми остане во паметење поради околностите во кои се наоѓав, насобраната енергија која требаше да се исфрли и одличната клупска атмосфера која се создаде, благодарение на одличната свирка на Обојени. „Кога некој се надева на нешто добро“, тоа и ќе го добие!

Масив атак

Повторно поврзување на летниот одмор со концерт на кој мора да се присуствува. Овој пат Макарска како летна дестинација, а Загреб како излет во „непознатото задоволство“. Масив атак се бенд кој ги одбележа 90-те во трип-хоп смисла, како нов израз во музиката, и нивниот настап во живо беше задолжително четиво за секој кој внимава на својата духовна култура. Хрватската престолнина беше најблиската дестинација за посета, пред да се симнат и во Скопје во годините што следеа. Но, концертот на отворените спортски терени „Шалата“ во шминкерскиот Загреб веројатно претставува завршница на една креативна фаза на бендот, која потоа никогаш повеќе не се повтори. Она што го гледавме во Скопје беа само технички призраци на вистинскиот музички потенцијал на групата во своите најдобри денови. Како и да е, се’ уште во ушите ми одѕвонуваат вокалните интерпретации на Хорас Енди и Елизабет Фрејзер, која, за среќа, беше дел од таа турнеја, и кога веќе не сум имал можност да ги гледам Cocteau twins во живо, тогаш доволно антологиски е присуството во близина на нивната божествена вокалистка.

Лембчоп

На среде лето, тепа некоја жега, Скопје станува неподносливо, а август е далеку за да се побегне од асфалтот. И тогаш ми се јавува Шурбе и ме прашува дали ми се оди на концерт на Lambchop во Белград, имало место во мини комбито. Па како не, човеку? Одиме. Малата одбрана екипа од 7-8 луѓе од Скопје присуствуваше на овој прекрасен настан кој се одржа во салата „Коларац“, камерен прсотор каде обично концерти одржува белградската филхармонија. Но, музиката на Курт Вагнер и неговата 9-10 члена екипа на сцената делува компактно во овој совршено акустичен простор. На репертоарот е целосниот актуелен „Is a woman?“, но екипата се навраќа и на претходниот опус. Совршена белградска вечер со совршен американски бенд!

РЕМ

Повторно Белград, овој пат во зимско руво, и повторно американски бенд, но во една од халите на Саемот, каде со свое присуство не’ почестија „REM“ на врвот од својата богата кариера. Интересот е огромен, сепак ова е бенд кој на најдобар можен начин ги спојува алтернативата и меинстримот. Мајкл Стајп е со сина боја околу очите, подготвен е за својот индијански танц на сцената додека пајташите ги свират легендарните хитови од 90-те, иако бендот во моментот е актуелен со „Around the sun“, Сепак, публиката ги бара темите од „Out of time“ и „Automatic for the people“, и тоа и го добива. Не, не сме ја изгубиле нашата религија, тоа е – музиката!

Меркјури рев

Според многумина, еден од најдобрите, ако не и најдобриот концерт во Скопје на актуелен бенд во моментот. Mercury rev ги сакам уште од првиот албум „Yerself is steam“, кога Дејвид Бејкер водеше љубов во Car wash, a пчелите на Атиџе го бркаа и сакаа да го избоцкаат до смрт, но нивното ремек дело кое е во моите Топ 10 на сите времиња е „Deserter’s songs“ од 1998 година, плоча која се слуша секогаш и секаде, затоа што е безвременска. Шурбе ме пушта да присуствувам на тонската проба во Универзална неколку часа пред концертот, Џонатан е со винце во рака и опуштено го вежба гласот, а Грасхопер ја рока гитарата, најавувајќи жесток настап. И така и се случи! А дека и бендот ја почувствува посебната енергија во воздухот таа скопска јунска вечер, доказ е нивниот албум во живо од настапот, вистинска реткост кога се работи за светски бенд, да го почести токму нашиот град со издавање на лајв материјал, кој можете да го преслушате и да се потсетите на тие магични моменти на следниот линк: https://mercuryrev.bandcamp.com/album/skopje-05, a eте го тука и коњот на Ацета 😊

Пети Смит

Легендарната њујоршка панкерка во Скопје – сон или стварност? Сепак, стварност! Концертот е повторно во Универзална, и го добивме сето она и што го очекувавме – и покрај годините во кои се наоѓа, Пети е полна со енергија, не’ прошета низ нејзината антологиска дискографија, и ни порача дека „моќта е во луѓето“. Но, јас би сакал да го потенцирам нејзиниот прес во „Александар палас“, каде во присуство на многу заинтересирани, таа изведе мал перформанс, како што и доликува на ваква рокенрол госпоѓа. Со шешир на главата, со аутфит во стандардна црна боја („Black is basic“), таа на крајот ја зема акустичната гитара во рацете и како модерен трубадур си запеа и се прошета меѓу присутните, на некои среќници пеејќи им дури и на увце. Е па како потоа уште повеќе да не ја почитуваш најголемата рокенрол поетеса во минатиот век!?

Едиторс

Многумина би рекле дека ова е бенд како и редица други од Островот, но Едиторс со текот на годините се профилираа во музичка машинерија која од албум до албум нуди нешто ново, а на живите настапи брилјира со својата едноставност и прецизност. Лириката на Том Смит е повеќезначна, а темата „Smokers outside the hospital doors“ во живо ќе ја срушеше халата на нова железничка, во тогашниот клуб „Колосеум“. Едиторс на крајот од месецов се во Солун, фановите сигурно ќе тркнат двесте и кусур километри јужно да ја видат нивната последна музичка инкарнација.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *