Стари концертни билети (3 дел)

Кога уште некое догледно време нема да можеме да одиме и да уживаме во концертни настапи, освен оние виртуелните, не преостанува ништо друго туку да се сеќаваме на времињата кога тоа беше и тоа како возможно. Во третиот дел од овој серијал има се’ и сешто, се надевам дека со повеќето од вас кои ќе го прочитате текстот заеднички сме ги споделиле радосните моменти во публиката.

 Ласт експедишн

Старите волци деновиве ја доживуваат својата втора младост, и судејќи според најавните синглови, до крајот на годинава ќе имаме нов, жесток албум од нивната лабораторија. Но, овде се потсетуваме на нивните „златни години“, на почетокот од 90-те, кога во Куршумли ан направија незаборавна свирка. Енко, Сецко и компанија пред стартот на летото беа во полна форма, и го промовираа деби албумот „Интро“, за мене се’ уште најдраг албум од нивната дискографија. „Маршира пропаста“, „Крвави кукли“, „Песна за песот“ и омилената, „Далеку си“ оддаваа шаренило на македонската музичка сцена, претходно претежно завиена во дарк бои благодарение на влијанието на „Мизар“. Куршумли ан таа вечер едноставно експлодираше од рок енергија!

Санс

Ѓоле, Фрешко и Еди долго време го свиреа материјалот (види „Стари концертни билети (1 дел)“, во пакет со Архангел на Градежен), и конечно, во 1994 година го издадоа легендарниот „Мојот сон е само мој“. Во меѓувреме испадна дека овој албум е со најдолг животен век кај нас, затоа што кога и да го реиздадеа на нов носач на звук (ЦД, ЛП), тие правеа промоција ко да е нов материјал 😊 Интересно е што промоцијата на албумот се случи една пролетна вечер во една стара куќа во Дебар маало, низ која слободно се прошета целата македонска сцена, и притоа добро се забавуваше. Потоа, секако, следеше концертот во МКЦ на кој материјалот во живо звучеше уште подобро од оној на касетата.

Демолишн груп

Словенечката супер група се прослави со синглот „Јапанци раде за нас“, и нивниот жесток сценски настап навистина требаше да се види во живо. Секако, најдобриот концертен простор во тој период, Куршумли ан, ги вдоми овие зафрканти кои направија одличен концерт под ѕвезденото скопско небо. Подоцна бендот дојде во Скопје и како дел од една претстава на „Словенско младинско гледалишче“ на МОТ во МКЦ, и тогаш за прв пат видовме бенд во живо во рамките на една претстава. Впрочем, Словенците отсекогаш предничеле со театарскиот експеримент на балканските простори.

Хаустор

Повторно Куршумли, овој па како дом за повратничкиот концерт на легендарните Хаустор. Не се сеќавам во каква постава настапија, но по „бегството“ во Париз на Дарко Рундек и по смирувањето на воените страсти во балканскиот лонец, тој си ги собра пајташите и си направи турнеја низ екс-ЈУ, не заборавајќи го и Скопје, во кое има многу фанови. Кога сме веќе кај Рундек, да споменам дека кога работев 9 месеци во убавите времиња во Сител, водејќи музички магазин насловен „Нова машина“, во 1999 година Логин го донесе маестрото на концерт во МКЦ, и во очи на истиот, неколку часа пред свирката, со Рундек и басистот (не се сеќавам на неговото име) направивме едно попладневно интервју во живо. Јас бев полн со трема, па тоа го искористија момците и ми ги здиплија Бос цигарите. Нејсе 😊 Вечерта, секако, влегов га-га на концертот, и затоа немам зачуван билет.

Но имам од трите коцерти на Рундек Карго трио во последниве години, исто така свирки со одличен енергетски набој, иако загребачкиот шминкер е веќе во години, но се’ уште е витален, како прч 😊

Џон Лури и Лаунџ Лизардс

Секогаш кога ќе гостуваше нешто што на мене во тој период ми беше музички блиско во рамките на Скопскиот џез фестивал, редовно одев да го проследам. Еден од незаборавните концерти е оној на луцидниот Џон Лури и неговите Лаунџ Лизардс, чии албуми редовно се вртеа на мојот ЦД плеер во 90-те години. Лури го сакав и поради тоа што беше пајташ со Џим Џармуш, мојата филмска љубов во младоста, често играјќи во неговите филмови („Почудно од рајот“, „Под законот“…). На сцената во Универзална, њујоршките мајстори музички брилјираа играјќи си својот минимализам, сето тоа надополнето со хуморот на Џон Лури, кој меѓу песните, раскажувајќи лични догодовштини, добро не’ забавуваше, како вистински комичар.

Арто Линдзи и Морено Велосо

По четири години во Скопје, повторно во рамките на СЏФ, имавме можност да го гледаме некогашниот член на Лаунџ лизардс, Арто Линдзи, овој пат со неговиот нов бенд, кој ни покажа како треба да звучи еден модерен и образуван музичар во новиот милениум. Низ многу ноиз елементи и експериментален звук, Арто и дружината ме оставија подзинат. Арто исто така стана познат и како продуцент на многу познати бразилски музички имиња, па прекрасната вечер во Универзална тематски беше надополнета со, во тој момент, најпотентниот бразилски музичар Морено Велосо, чија музика не’ испоти до коска. Погодувате, се работи за синот на легендата Каетано Велосо. Круша под круша паѓа 😉

Ерик Трифаз и Нилс Петер Молваер

Благодарение на Мајлс Дејвис, некако најпријатен џез, ако така можа да кажам, ми е оној во кој доминираат дувачките инструменти, особено трубата. Францускиот трубач Ерик Трифаз направи стандардно добар концерт, но она што ми остави впечаток оваа скопска незаборавна вечер е настапот на Норвежанецот Нилс Петер Молваер. Врска немав за што се работи, но концертот ми го разнесе умот. Таа меланхолија што ја доловува Нилс со својот звук, надополнета со видеата кои се проектираа врз едно тенко платно пред музичарите на сцената, создаде магичен ефект, и овој концерт го сметам за еден од незаборавните, затоа што Скандиавецот во тој момент ни покажа колку е добро да се комбинира џезот со електрониката, доколку тоа го правите на вистински начин.

И на крајот од овој блок посветен на СЏФ, во прилог еден билет од далечниот 23 октомври 1992 година, на кој не пишува што сум гледал, а јас, секако, сум заборавил. Оливер? Шурбе? Ениуан?

Мадредеус

Оффест, помладиот брат на СЏФ, во годиниве наназад ни го донесе во Скопје сето она што е музички релевантно на светската музичка сцена во моментот, како иновација, како авангарда, како новина. Португалската атракција Мадредеус, откако претходно поминаа низ филтерот на Вим Вендерс во „Приказната за Лисабон“, својот зенит го достигнаа во првата декада во новиот милениум, и токму во тие моменти ги гледавме во живо во нашиот град. Фадо волшебниците не’ опчинија со својата магичност, а Тереза Салгеирош со својот вокал ги допре небесата.

Дејвид Б’рн

Еден од оние фраери чиј настап задолжително треба да се најде во вашиот фолдер на гледани концерти во животот, секако е и легендарниот Дејвид Б’рн. Кога веќе не сме имале можност да го гледаме со неговите „Токин хедс“, и неговата соло кариера не е за потценување. Напротив. Да речеме, „Look into the Eyeball“ е генијален албум. Како и да е, привлечниот денди неќ развесели со една разиграна варијанта на неговите преаражирани песни за таа прилика, со многу протагонисти на сцената и со една голема насмевка на лицето. Фиктивната приказна за средбата со него во скопскиот парк е дел од мојата прва збирка раскази „Кротки приказни“. Знаејќи дека сака да вози велосипед каде и да настапува, едноставно исконструирав можност дека случајно сме се сретнале на фонтана во парк. Сето натаму е историја.

Крафтверк

Неодамна почина Флоријан Шнајдер, еден од основачите на култниот германски електро бенд Крафтверк, чие влијание на светската музичка сцена е безвременско. За среќа, имавме можнст да ги гледаме два пати во Скопје. Во 2005 година, на нивната повратничка турнеја, кога на Саем, во таа претопла, па и претесна сала за да ги прими сите заинтересирани, Крафтверк направија неверојатно шоу, каде за прв пат видов дека мобилните телефони во иднина ќе служат за снимање на свирките, и следствено на тоа, губење на шармот на одењето на настани во живо. Но, во случајот со нив, тоа е дел од декорот, знаејќи каква музика ни подарија во децениите наназад.

На концертот пред две години во „Борис Трајковски“, видно подостарените германски ѕвезди на мене ми звучеа и изгледаа премногу ретро, но го искористив моментот да ги покажам легендите и на подмладокот, за да видат од кого тргна сето тоа во 70-те години на минатиот век. И мислам дека не згрешив. Амин.

 

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *