Вчера од печат излезе новата книга од Калина Малеска, во издание на ИЛИ-ИЛИ. Насловен „Светот што го избрав“, ова е третиот роман во нејзината библиографија, објавен по десетгодишна пауза. Во меѓувреме авторката издаде една теориска книга и по две збирки раскази и книги за деца за истата скопска издавачка куќа.
Романот ја раскажува приказната за трансформацијата на Леона, чие чувство за себе и сопствениот идентитет се менува низ контактот со луѓето и просторите: подрумот во кој се вселува, состанарите и околниот двор, членовите на одборот за наставни програми, канцеларијата за состаноци, барот…
На почетокот од романот протагонистката, по дваесет години живот со своето семејство, се соочува со нова ситуација, без стан, без работа, без пари, со привремен ангажман. Новите околности и луѓето што ги запознава кај неа поттикнуваат сеќавања, интроспекција, анализа на своите и на туѓите постапки, изнаоѓање на причините зад нив.
Доминантна карактеристика на романот е, потенцира Никола Гелевски, „заузданата хетерогеност во најширока смисла (што е романот како жанр): различни генерации, класи, родови тензии, попречености, одлично пренесен детски поглед – Вера е еден од најдобро направените ликови. Се забележува веродостојност, ангажираност, прецизна ситуираност, неореализам (сцената со децата на кои таткото им забранува да си играат кај Леона). Се чувствува љубов и емпатија кон луѓето, но и критичност“.
На хетерогеноста се осврнува и Оливера Ќорвезироска: „убав е миксот на интересите и ликовите, на надворешното (комисијата) и внатрешното (женската потреба од љубов изразена на многу впечатлив, невообичаен и автентичен начин), а комплексноста на романот се огледа и во присуството на филозофските наслаги, етичките размисли, есеизираноста во една необична форма“.