Во последнава деценија многу популарни места во Будимпешта, кои функционираат во текот на целото деноноќие, се таканаречените „руинирани пабови“. Приказната започнала со популарниот Szimpla Kert (на сликите), кој се претвори во она што денес е, свратилиште на сите генерации мештани и туристи.
Szimpla Kert е пријатно катче во кое секој ќе си пронајде нешто за себе, пред се’ благодарение на група ентузијасти кои токму на местото кадешто се наоѓа успеале да создадат ваков интересен и простран локал, на чии објекти во кои се наоѓа, кога-тогаш, во блиска иднина, им се заканувало уривање. Токму и затоа името „руинирани пабови“, бидејќи примерот на „Симпла керт“ подоцна го следат уште неколку слични пабови (Anker’t е најголемиот меѓу нив) на места на кои веројатно би никнале нови, високи и модерни згради.
Но на овој начин, со уредување на овие „руинирани места“, се задржал духот на Будимпешта, и плус сето тоа е претворено во туристичка рута, која на големо им се препорачува на посетителите, кадешто овие богами и оставаат завидна сума на пари пиејќи од безбројните локални одлични пива. Башка, овие пабови имаат и различни намени, па така неретко во нив се одржуваат разно-разни саеми, и со тоа сликата е комплетирана. Алал вера!