Пост фестум: Здраво млади #8

Во саботата МКЦ го покажа сиот свој сјај при понудата и организацијата на осмото издание на фестивалот „Здраво млади“, кое по неколкуте јунски дождовни изданија доби многу посоодветен термин на одржување, 01 септември, симболичен датум кој го означува крајот на летото и почетокот на обврските, нудејќи комплетно ослободување на сите сетила.

Програмата започна точно напладне со концерт на 5+ бендот, и најмладите, секако, си заминаа на попладневна починка истрчани, изнаскокани и задоволни.

Вечерта, пак, баш беше пријатно да си во Младинскиот културен центар, под ѕвезденото скопско небо. Си земаш купончиња за драгоцена течност, се шеташ од стејџ до стејџ, во меѓувреме во галеријата наидуваш на одлична изложба на фотографии чие отворање претходно си го пропуштил (Индија во црно-бело), се дружиш со еден куп луѓе со кои одамна не си се видел, и со тоа овој настан сосема си ја исполни својата благородна функција.

Музичката програма понуди пресек на новите тенденции во современата музика, меѓу кои германскиот бенд CAMERA во холот, како за загревање, добро „извозија“, срското чудо REPETIROR не’ разнесоа со својата енергија, CIGARETTES AFTER SEX се изненадија (како и сите ние) колку многу тинејџер(к)и во Скопје ги знаат нивните песни и ги пеат на глас, додека WOODEN SHJIPS не’ потсетија на гостувањето на нивните браќа по звук MOON DUO пред две години на истото место.

Но, најголем впечаток ми остави театарската претстава со која во 19.30 почна вечерната фестивалска програма, што како концепт е одлично. Иако одамна сум скаран со театарот, ЦРНИЛА РЕМИКС на Јордан Симонов пријатно ме изненади со својот оригинален пристап и разрушувачка хип-хоп енергија од сцената. Како вчера да беше кога Јоцо намина во книжарница и ми бараше хип-хоп литература. Откако најдовме нешто, го прашав чуму му е, а тој ми ја објасни замислата што ја има. Честитки за целата екипа, фантастични се, и колку што дознав, претставата според драмата на Коле Чашуле ќе го затвори годинашниот МОТ, а потоа ќе игра на редовен репертоар. Сигурен сум дека ќе руши рекорди во гледаност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *