Музејот на современа уметност „Лудвиг“ во Будимпешта се наоѓа на неколку станици со трамвај од центарот, во комплексот „Мупа“, во чии рамки има и коцертна сала за филхармониски и разни други музички настани. Музејот е животно дело на Ирене и Петер Лудвиг, љубители на уметноста, поддржувачи, колекционери, кои во далечната 1989 година успеале да ја освежат уметничката сцена на Будимпешта со отворање на ваков прекрасен објект. Нивната визија и ден-денес го облагородува градот и го држи на мапата на светски градови во кои може да се проследи современиот уметнички крик на актуелните уметници, но и на оние од поблиското минато.