„Лудвиг“ во Будимпешта

Музејот на современа уметност „Лудвиг“ во Будимпешта се наоѓа на неколку станици со трамвај од центарот, во комплексот „Мупа“, во чии рамки има и коцертна сала за филхармониски и разни други музички настани. Музејот е животно дело на Ирене и Петер Лудвиг, љубители на уметноста, поддржувачи, колекционери, кои во далечната 1989 година успеале да ја освежат уметничката сцена на Будимпешта со отворање на ваков прекрасен објект. Нивната визија и ден-денес го облагородува градот и го држи на мапата на светски градови во кои може да се проследи современиот уметнички крик на актуелните уметници, но и на оние од поблиското минато.

Во текот на летото 2018 година, на трите ката од музејот, можеа да се посетат три изложби. Првата од нив ја содржи постојаната поставка насловена „Westkunst-Ostkunst“, во чии рамки можат да се видат делата на современите унгарски уметници, но и неколку дела од Пикасо, како и оние на на претставниците на Поп-артот (Лихтенштајн, Раушенберг, Хамилтон, Ворхол – за жал „Елвис-от“ во моментот не беше тука, туку на турнеја во пар шпански музеи), како мал пресек на уметноста во 20 век, всушност, дел од приватната колекција на основачите на музејот.

Pablo Picasso – Matador and nude (1970) & Musketeer with sword (1972)

Andy Warhol – Electric chair (1974) & Uncle Sam (Legends) (1981)

Joseph Beuys – Sealed letter (1976); Keith Haring – Bronze age (1990)

Malkolm Morley – Race track (1970); Roy Lichtenstein – Vicki (1964)

Claes Oldenburg – Lingerie counter (1962); Robert Rauschenberg – Hedge (1964)

Втората изложба насловена „Knight move, Sam Havadtoy in New York“, на унгарскиот уметник кој во 70-те години направил њујоршка кариера и станал личен пријател со најизвиканиот брачен пар во таа декада, Џон Ленон и Јоко Оно, кои заљубени во неговата уметност, одлучиле токму Хавадтој да ги уредува местата во кои претстојуваат, а секако, и станот во легендарната зграда „Дакота“, пред која Ленон е беше застрелан.

Кокетирајќи со поп-артот како израз, користејќи познати и популарни предмети, но, обвиткувајќи ги истите со фолклорни мотиви (нашите миленца за на телевизор во минатото), унгарскиот уметник, според критичарите, умешно го коментира моментот во кој живее, особено во корелација со замислата на Јоко Оно низ играње шах да го пронајде својот мир, игра која по убиството на нејзиниот сопруг со месеци ја практикувала токму со нејзиниот пријател (некои велат и љубовник) Сем Хавадтој, кому на крајот, како благодарност, му подарилa една слика од Ворхол (Uncle Sam, погоре).

Sam Havadtoy – Doors series 1-14 (2013-2016)

И на крајот, третата „зафркантската“ поставка насловена „One-minute works sculpture as a programme“на австрискиот уметник Ервин Вурм, на која низ употребени парчиња текстил, облека и мебел, и нормално, изобилство хумор, уметникот создава нови предмети кои одлично функционираат во просторот (но не сум сигурен дали и во практиката 🙂 ).

Се’ на се’, „Лудвиг“  програмски совршено ја врши својата функција на музеј во кој домашните посетители и особено туристите уживаат во прегледот на современите тенденции во уметноста, нешто што всушност треба да биде практика на секој музеј на современа уметност, секако, доколку се има светоглед и визија за тоа, така станувајќи катче во кое човек секогаш може со фини чувства да наврати, што за дружба – што за конзумирање на уметност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *