Месецот февруари отсекогаш бил резервиран за одржувањето на првиот европски „А“ фестивал, легендарното „Берлинале“, кое годинава слави прекрасен јубилеј, 70 години од постоењето. И за се’ да биде во знакот на ексклузивното и прогресивното, фестивалот стартува нова страница од својата историја со две новини: првата е поместувањето на датумот на одржување од традиционалната втора недела – кон крајот од месецот (годинава од 20 февруари до 01 март, што делумно се должи и на раното одржување на Оскарите), но она што е поважно, фестивалот доби свежи сили во бордот по долгогодишното „владеење“ на г-нот Дитер Козлик, кој лани и официјално ја напушти функцијата на директор на Берлинскиот фестивал. Карло Шатриан е новиот уметнички директор на Берлиналето, велат, одличен познавач на филмската историја, со долгогодишно искуство на влијателниот филмски фестивал во Локарно, додека Мариет Рајзенбек е новата менаџерка која ќе се обиде да го крене фестивалот на повисоко ниво од досегашното. Да им посакаме успех!
Таг архива: Петрунија
Нормалноста како привид
Кон „Господ постои, името и’ е Петрунија“ на Теона Митевска
Со широко отворени порти за експериментирањето со филмскиот јазик, Берлинскиот филмски фестивал во последнава деценија се одвои од неговите „соперници“, филмските фестивали во Венеција и во Кан, и наметна свој критериум при вреднувањето на новините во седмата уметност. Во очекување на можност за гледање на годинашните победници во различни категории, се’ уште се свежи сеќавањата на минатогодишниот лауреат, контроверзниот романски доку-филм „Touch me not“ на Адина Пинтили, потоа, на унгарскиот победник во 2016 година „On body and soul“ на авторката Илдико Ењеди, како и на редица случаи претходно, кои само го потврдија непишаното правило дека еден од трите престижни „А“ фестивали на Стариот континент си фати своја траекторија на движење, и нема враќање назад.