Кон „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши
По официјалната премиера на 29 март во „Синеплекс“, дебитантското остварување „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши деновиве го доживува и својот кино-прикажувачки живот во „Милениум“, во Домот на култура во Кичево, а наскоро, според најавите, и во другите градови низ државава. Сето ова медиумски е скромно покриено, па можеби токму затоа и посетеноста на проекцијата во поранешното кино „Центар“ беше симболична, со триесетина луѓе во публиката. А продукцијата има сè уште можност актуелноста на филмот соодветно да ја изрекламира, бидејќи имаат добар аргумент во ракавот. Имено, филмот влезе во официјалната селекција на Московскиот филмски фестивал (иако надвор од компетиција), што за прво остварување не е мала работа, бидејќи се работи за голем „А“ фестивал.

