Таг архива: двојна

Печурка

Црешата во дворот расцветала до крајност. Најавува сочна пролет. Сашо ужива во уреденоста на дворот на неговата мајка, која ја посетува кога може, најчесто за време на викендот. Татко му почина пред неколку години и оттогаш мајка му остана да живее сама во куќата, која беспрекорно ја одржуваше. Исто како и дворот и градината пред неа. Десетици цвеќиња наредени по вид и боја ги красеа леите крај бекатонските патеки што водеа кон влезот од куќата. Таа беше на два ката, со намера на горниот да живее Сашо со неговото семејство. Барем таков беше планот. Но, тој фати друг правец во животот, отиде да живее во градот и, еве, викендите останаа единствени денови за посета на неговата мајка. Секако, тој и во текот на неделата тркнуваше до родната куќа доколку се појавеше потреба за тоа, и онака живееше недалеку оттаму, на петнаесетина минути, во зависност од густината на сообраќајот. И како што поминуваше времето, сè повеќе сакаше да престојува тука, каде што порасна и каде што навистина имаше безгрижно детство. Едноставно, тука го наоѓаше својот мир, оној што одамна се загуби со безглавото трчање од една до друга обврска што од ден на ден го изморуваа и обезглавуваа.

Читај повеќе

Клупа

Во една сеопфатна енциклопедија посветена на републиките и нивните карактеристики во поранешна Југославија, посебен дел беше посветен на метрополите. Илустрирани со различни фотографии што ги претставуваа нивните најпознати знаменитости, главните градови Белград, Загреб, Љубљана, Сараево и Титоград, помалку или повеќе, го нудеа најдоброто што го имаа. Првата фотографија со која се претставуваше Скопје беа неколку дечки и девојки на една клупа, некаде низ една од населбите на Карпош. Двајца од нив седеа на неа, а двете девојки и уште едно момче, сите на возраст во своите рани дваесетти години, стоеја пред или покрај клупата, притоа, според погледите, поставеноста на телото и одредени ситни движења фатени со фотоапаратот, разговарајќи на одредена тема. Со тоа авторите на оваа богата енциклопедија, случајно или намерно, го овековечија вистинскиот симбол на градот на солидарноста во сите овие децении наназад, нејзиното величество – клупата.

Читај повеќе