Секогаш кога наближува новото издание на „КинеНова“, во мене се будат емоции кои предизвикуваат голема радост и насмевка на лицето. Правам мала рекапитулација во главата на последните месеци во кои со задоволство изгледав безброј дебитантски остварувања од целиот свет и ги селектирав оние најдобрите, кои сметав дека ќе бидат вистински предизвик за филмофилите во кино-салите, но и за жирито кое треба да ги додели наградите. Слатки маки, би рекол, и навистина е така. По двегодишната пандемија и малата криза во филмската индустрија, новите филмаџии ја земаа работата во свои раце и ни раскажаа безброј приказни отворајќи актуелни теми на кои публиката сигурно нема да остане рамнодушна. Токму тој предизвик низ кој поминав по петти пат ја создава таа радост кај мене, кревајќи го адреналинот на највисоко можно ниво.
