На претпоследната вечер од годинашниот „Синедејс“ имавме несекојдневна можност да го гледаме долгометражното остварување едноставно насловено „Хармс“. Се работи за, воопшто, првиот игран филм за ликот и делото на мајсторот на краткиот зачуден расказ, Данил Хармс, податок кој ни го даде режисерот на филмот, Иван Болотников, кој напомена дека досега приказната за овој руски писател е разработувана во неколку документарци, но не и во игран филм. Интересно, ова е и негово прво, дебитантско остварување кое чекало реализација многу години, за на крај, во стилот на Хармс, до негова реализација да дојде откако во игра влегуваат поддршките од македонската и литванската Агенција за филм, а подоцна и круцијалната, од европскиот „Еуроимаж“. Така, следејќи ја теоријата на апсурдот, во обелоденувањето на ликот и делото на Хармс на големото платно важна улога имаме и ние, така докажувајќи дека, вусшност, во 21 век „сите ние сме Хармс“, заклучи синоќа Болотников.