Кон рускиот филм „Хармс“ на Иван Болотников

На претпоследната вечер од годинашниот „Синедејс“ имавме несекојдневна можност да го гледаме долгометражното остварување едноставно насловено „Хармс“. Се работи за, воопшто, првиот игран филм за ликот и делото на мајсторот на краткиот зачуден расказ, Данил Хармс, податок кој ни го даде режисерот на филмот, Иван Болотников, кој напомена дека досега приказната за овој руски писател е разработувана во неколку документарци, но не и во игран филм. Интересно, ова е и негово прво, дебитантско остварување кое чекало реализација многу години, за на крај, во стилот на Хармс, до негова реализација да дојде откако во игра влегуваат поддршките од македонската и литванската Агенција за филм, а подоцна и круцијалната, од европскиот „Еуроимаж“. Така, следејќи ја теоријата на апсурдот, во обелоденувањето на ликот и делото на Хармс на големото платно важна улога имаме и ние, така докажувајќи дека, вусшност, во 21 век „сите ние сме Хармс“, заклучи синоќа Болотников.

Хармс е писател кој во децениите наназад секогаш доживува еден вид ре-откривање. На балканските, па и македонските простори, неговите луцидни раскази ги голтавме во 90-те години, иако неговото влијание е присутно и ден-денес, бидејќи повеќето љубители на перото, особено почетниците меѓу нив, се’ уште сметаат доколку напишат нешто многу необично, во стилот на овој генијален руски автор, тогаш тоа претставува вистинска вредност за македонската книжевност. Но, да се свртиме кон филмското дело прикажано синоќа во киното „Фросина“, каде очекував малку поголема посетеност токму од помладата генерација македонски писатели. Нејсе.

„Хармс“ е комплетно дело во кое биографските елементи на писателот се испреплетени со неговите специфични приказни, создавајќи совршен баланс. И додека прекрасната филмска музика на нашиот композитор Сони Петровски, која на моменти е во традиција на филмските композиции на еден Филип Глас, или пак Мајкл Најман, да речеме, постојано не’ држи во тензија, сликата не’ носи од црно-белите ужасии на војната до шаренилото од бои во боемскиот живот на градското денди Данил. Неговиот стил „а-ла“ Шерлок Холмс, со слична капа на истражувач на човечките длабочини и постојано со луле во устата, природно од Холмс ќе се преточи во Хармс, како одлика на еден уметнички сензибилитет кој дефинитивно бил пред своето време. Во низата настани кои се редат сценаристот и режисер ни го прикажува неговиот бурен љубовен живот во кој жените го сакале, но и се плашеле од него, преку дружбата со пријателите од литературната дружина на кои повеќето подоцна им се губи трагата, па се’ до неправедното одбивање за објавување на неговите приказни од страна на издавачките куќи, чија политика, како што вели неговиот татко, кој е постојан критичар на неговиот ракопис, е застаната до Толстој во 19 век и не мрда понатаму. Меѓутоа, Хармс колку и да сака да се прави денди и над ситуацијата, сепак, живее без многу пари, но и покрај тоа, тој никогаш не го предава своето писателско кредо, знаејќи дека напишаниот збор еден ден, макар и во направено авионче кое тој го фрла од својот балкон, еден ден ќе дојде до напатените души кои се наоѓаат/наоѓале во слична ситуација како и неговата.

Сепак, сметам дека најголемата вредност која ја поседува овој филм се секвенците кои, за добрите познавачи на делото на Хамрс, ќе ги препознаат неговите „зачудни“ раскази во кои ја обесмислува стварноста. Впрочем, на крајот на краиштата, и самиот живот на Хармс бил токму таков, присутен во реалноста, но отсутен од стварноста која се одигрувала околу него. Токму затоа и денес уживаме во г-нот Кузњецов кому, откако ќе му падне цигла врз главата, делумно ќе ги загуби паметењето и идентитетот, во малограѓаните кои водат бесмислен разговор за тоа кој е на ред во редот за намирници кому не му се гледа крајот, или пак во парите кои еден од ликовите ги вади од реката и ги собира во вреќа. Дали овие луцидни визии на авторот му биле од шмркањето етер или едноставно инспирација кога гледал низ прозорецот кон дворот кој изобилувал со надреални ситуации, бидејќи многупати стварноста е понадреална од книжевната заложба за нови светови, авторот на филмот ни остава сами да пресудиме.

И на крајот од текстов, пригоден би бил крајот од филмот синоќа, кога Хармс, додека чекори со љубената во непрегледното белило пред и зад него, се прашува:

– Има ли чуда? Сакам да го знам одговорот на тоа чудно прашање.

За жал, Хармс не успеал да продолжи да го бара одговорот на вечното прашање бидејќи, благодарение на КГБ, му се губи секоја трага. Но филмот на Болотников претставува вистинско чудо, бидејќи се појавува дури 75 години по смртта на Хармс. Во него авторот се обидел, и успеал да го фати духот на писателот во чудните времиња во кои живеел, иако истите тие времиња (пост-револуционерна Русија од 20-те и 30-те години на 20 век, како и предвечерјето на Втората светска војна) можеле да се доловат на малку поубедлив начин, а не само со мали назнаки за нив, како повремените архивски снимки од големите слетови и цепелините кои лебдат на небото. Но, можеби, во суптилноста е уметноста, којзнае!?

Како и да е, сепак ова е филм за Данил Јувачев Хармс, и во него се’ е можно. Дури и да паѓаат старици 🙂

https://www.youtube.com/watch?v=i9s39GrE9zk

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)