За романот „Фото синтеза“ од Игор Анѓелков (ИЛИ-ИЛИ, 2013)
пишува: Роберт Алаѓозовски
Игор Анѓелков (1974), кого, пред се’, го знаеме како филмски новинар и критичар, дискретно се издвои како ново квалитетно перо на урбаната проза. Од 2003 година, тој веќе 11 години е автор и уредник на филмскиот магазин “Филмополис” на ТВ Телма, единствената актуелна емисија во македонскиот етер што се занимава со седмата уметност. Паралелно на овој ангажман, ненаметливо, преку збирката раскази “Кротки приказни” (2006) и романот “Крај-пат” (2010) до најновата новела “Фото синтеза”, тој успеа да изгради стил и јазик на кој можат да му позавидат многу понаградувани, но во поетичка смисла, понедоделкани автори.