Келнерката ми го донесе нарачаното кафе. Убаво изгледа. Ми се насмевна. За момент погледна кон книгата што ја читам, но не ме праша за што се работи. И подобро. Кој ќе ѝ објаснува дека неодамна во мојата омилена книжарница наидов на ова непроценливо богатство, кое ме потсети на едни убави времиња кога мојот град дишеше сосема поинаку. Во моите пубертетски денови, слободата на движење низ градот за мене беше ултимативно правило. Начелата на панк движењето кон кое се стремев сè уште беа дел од мене, секако, во видоизменета форма, иако и на времето нив не ги сфаќав во буквална смисла, туку си ги толкував онака како што знаев и умеев. Тоа често пати ме доведуваше до конфликтни ситуации со ортодоксните, но мојата ќелава глава ги одвраќаше од намерите да ме подберат, иако и тоа во старт означуваше контрадикција, бидејќи скинхедсите и панкерите и не се мирисаа баш многу. Но, во нашиот град, под ова железно небо во боја на бамји, такви беа правилата на играта.


