пишува: Гоце Смилевски
Иако станува збор за негова прва книга, со дваесетината раскази понудени во збирката „Кротки приказни“, Игор Анѓелков се докажува како автор кој умее да го води раскажувачкото дејствие по углед на најсовремените светски текови на она што денес во светот се нарекува short story, кој ја исцизелирал својата реченица и кој вешто знае да создаде атмосфера во рамките на кусата форма.
Градејќи ги композициски своите кратки раскази со нагласено чувство за елиптично раскажување, при што најчесто сопоставува две дејствија кои се надоврзуваат едно на друго, а помеѓу нив постои временски интервал кој предизвикал важни промени за кои читателот ќе биде свесен дури во втората половина (во најголем дел при самото финализирање) на расказот, Анѓелков покажува судир во рамките на еден, на прв поглед, ист свет, со што постигнува особен ефект – во секој расказ не’ води кон конкретна поента, при што поентирањето кај него секогаш има и карактер на изненадување за читателот.