Почнувајќи од премиерата на фестивалот „Санденс“ во јануари, преку „Берлинале“ и њујоршкиот „Трибека“, па се’ до неговата официјална кино-премиера на почетокот од овој месец, новото остварување на почитуваниот британски режисер Мајкл Винтерботом не престанува да крева прашина меѓу филмофилите и критичарите. И со право, бидејќи „Убиецот во мене“ претставува хируршки прецизно отсликана состојба на убиецот кој, веројатно, чучи во секој од нас, неуморно барајќи излез и реализација на своите налудничави идеи.
Базиран според истоимениот роман на Џим Томпсон од 1952 година, приказната го следи психопатот Лу Форд, тексашки шериф распнат меѓу две посесивни жени. Животот во малото гратче за него станува интересен откако ќе почне тајно да убива, а уште повозбудлив откако соседите ќе почнат да се сомневаат, а тој ќе мора се’ повешто да ги крие трагите зад себе. Навидум веќе позната приказна, но во манир на врвен филмски автор, епитет кој Винтерботом го градеше со години наназад, во својот нов филм реши да оди чекор понатаму, разградувајќи го идентитетот на скриениот убиец до најмал детаљ.
На режисерот и во претходните филмови најомилена играчка му беше разголувањето на психолошкиот профил на ликовите, но овој пат реши да оди „до коска“, без никакви предрасуди. Токму затоа по проекциите неретко беше обвинуван за пре-експлицитното насилство на екранот, при кое во една сцена, да речеме, гледаме како шерифот многу долго и крвнички ја удира својата љубовница со тупаници в лице. Винтерботом објаснува дека со овој филм немал намера да ги згрози гледачите, туку едноставно да го прикаже оној пресвртен момент кај психопатот кој се случува кога буквално ќе ги повреди сите луѓе околу себе, што посакува да посегне и по својот живот, алудирајќи на разурнувачката авто-деструкција која во тие моменти знае да биде многу моќна.
И на крајот, секако, резултатот не би бил ефектен доколку кастингот не си ја заврши својата работа, особено Кејси Афлек во улогата на психо-шериф, нешто што нему не му е туѓо ако ја земеме предвид и маестралната ролја во вестернот „Убиството на Џеси Џејмс од страна на кукавицата Роберт форд“, каде го играше човекот кој му ги заплетка конците на легендарниот одметник од Дивиот запад. Затоа, внимавајте на овој актер и во иднина, тој едноставно е фантастичен!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 18 мај 2010 година.