Драма за религиозната себе-потрага

Кон „Хадевич“ на Бруно Димон

Едно од највпечатливите остварувања на 13 издание на Скопје филм фестивал беше „Хадевич“, новиот филм на култниот француски филмаџија Бруно Димон. Предводникот на Новиот бран во француската кинематографија заедно со контроверзниот Гаспар Ное, неретко наградуван на светските фестивали, особено во Кан, 52-годишниот Димон и со своето актуелно чедо не’ води на патување во кое ние, како негови неми сведоци, се обидуваме да го сфатиме функционирањето на светот околу нас, иако истиот очигледно одамна го загубил својот компас.

Речиси во сите досегашни филмови на Димон религијата попатно се провлекуваше како тема која авторот никогаш не се осмели да ја разработи до крај, но време беше да го стори и тоа, бидејќи религиозните немири во последнава декада, кои предизвикаа нови поделби и гетоизација, го одбележаа социјалниот, општествениот и политичкиот живот во мултиетничка Франција.

Насловот на филмот, „Хадевич“, всушност е името на познатиот христијански автор и визионер од 13 век, чија мисла ќе ја обземе 20-годишната Селин, студентка по теологија која, иако ги има сите предуслови да стане модерна девојка од Париз бидејќи татко и’ е актуелен министер, таа сепак се одлучува да живее посветено, со љубов кон Бога. Пресвртот настанува откако ќе го сретне Јасин, муслиманско момче кое ќе се вљуби во неа, и кое ќе ја внесе во светот на наеговиот брат, исто така посветен религиозен млад човек.

Приказните на Димон имаат една фина, бавна линија на движење. Тие бараат интелектуална ангажираност од гледачот и толку возбудиваат што едвај чекате да видите што ќе се случи во следниот кадар, зад следниот агол. Изненадувањето кога најмалку тоа го очекувате е притаениот квалитет на овој филмаџија, па така и во овој филм ќе останете стаписани од една фина експлозија која, доколку не сте подготвени, ќе ви го разнесе умот.

Наградите на фестивалите го одминаа овој филм, но радува фактот што Димон, конечно, ги остави на страна неговите теории за човечкиот капацитет да произведува насилство, и што конечно во фокусот на приказните стави женски лик, чија невина и наивна верба во Севишниот не’ тера да ги преиспитаме и сопствените ставови во однос на модерниот начин на живеење, чии предности лесно стануваат недостатоци, и како последица на тоа – губење на сопствениот идентитет. Не на оној националниот, се разбира, тука на личниот, човечкиот идентитет, обременет со илјадници непотребни информации.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 4 мај 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *