„Улица“ од Матеј Богдановски

Како дел од чествувањето на стогодишнината од раѓањето на Славко Јаневски, периодов во книжарниците е актуелно стрип изданието „Улица“ од Матеј Богдановски, работено според првата истоимена повест на писателот, и воопшто, во македонската повоена книжевност. Радува фактот што стрип културата кај нас во последниве десетина години граби напред со квалитетни изданија, а особено тоа што со „Улица“ почнуваат да се истражуваат и спојуваат и двете блиски уметности меѓу себе, книжевноста и стрипот.

Кратката повест „Улица“е првото прозно дело на Славко Јаневски издадено во 1950 година. Дејствието се случува на улиците на старо Скопје помеѓу двете светски војни, како фасцинација за едно не толку дамнешно време во кое главниот лик се соочува со реалноста онаму кадешто таа  единствено и може да се искуси, на градските улици, на кои владеат засебни правила на игра. Јас-ликот Јане Славковиќ, како што во еден момент го нарекува еден од професорите, се обидува да се пронајде себеси другарувајќи со ликови како Баждар, Пенчо, Кузман и останатите, чии приказни низ делото добиваат одреден расплет, притоа запознавајќи ја нивната судбина и зошто во одредени моменти тие реагирале на одреден начин, понекогаш донесувајќи и погрешни и штетни одлуки за себе и околината. Со ова дело Јаневски е дел од книжевната линија која ги вклучува и делата на неговите современици Благоја Иванов, Димитар Солев, Влада Урошевиќ… кои исто така во својот опус се навраќаат на овој период од градскиот живот во Скопје, кога растењето и созревањето е во фокусот на нивните приказни. 

Матеј Богдановски имал „слатки“ маки приказната на Јаневски да ја пренесе на 120 страници преку визуелниот јазик на стрипот, притоа не одземајќи од нејзината книжевна вредност. Богдановски претходно го знаеме како автор на неколку интересни стрип изданија како „Патенталија и Тантелина“, кој изобилува со прекрасен хумор, и особено „КШШЦ“, кој го сметам за еден од најдобрите, ако не и најдобриот стрип воопшто издаден кај нас, бидејќи ги содржи сите атрибути кои треба да ги има едно вакво издание: одличен и препознатлив цртеж, автентична поетика, интелигентно сценарио, урбано милје… и уште кога на тоа ќе го додатете и суптилниот хумор (Бетмен на крововите на Скопје вели дека тука е досадно, а Супермен го убедува да олабави малце и да ужива во Скопјево, додека ликот на Дејвид Боуви од Ashes to ashes фазата, како главен наратор, не’ „вози“ низ ноќниот живот на градот, со фокус на андерграунд клубот „Шахта“), тогаш на крајот имате полн стрип-погодок!!!

На трагата на цртежот и визуелниот израз во „КШШЦ“ е и новиот стрип „Улица“, во кој Богдановски низ една широка визија за градскиот живот во предвоено Скопје, со ситни детали ни го доловува духот на градот, следејќи ги доживувањата на ликовите низ нивните секојдневни случки. Локалните маалски херои тој ги отсликува верно, задржувајќи ги карактеризациите на Јаневски од повеста, притоа посветувајќи внимание на моментите како одењето во кино и гледањето на вестерн филмови, полнењето на старите памучни чорапи за да се направи фудбалска топка, доаѓањето на циркусот „Олимпија“ во градот како една од ретките забави итн, сето тоа во служба на запознавањето со доброто и злото во рамките на еден млад, момчешки градски живот.

Богдановски во стрипот го задржува историскиот контекст кој Јаневски го потенцира во книгата, и низ заводливи цртеж-секвенци преполни со силни бои ни го доловува моментот на атентатот на Александар Караѓорѓевиќ, потоа, животот на руските емигранти кај нас по Октомвриската револуција, како и на антагонизмот кон Евреите во зората на Втората светска војна. За премин од една во друга приказна стрип авторот користи големи табли кои графички изгледаат прекрасно, и на кои низ колажна естетика се обидува да ни долови што повеќе моменти и детали пред втурнувањето во понатамошниот дел од (и)сторијата.

Она што исто така е значајно во „Улица“ се истакнувањето на книжевните моменти, како еден вид мала книжевна енциклопедија наменета за читање за помладите генерации. Главниот лик кој Богдановски ни го претставува како предвесник на Џони Ротен, со сина панк фризура и максимална љубопитност и отвореност кон работите околу него, и покрај уличните пакости на кои е сведок, тој сепак е голем вљубеник во литературата. Па така тој со Ана (која му вели дека во косата е „како еж!“), и во која многумина се вљубени, разменуваат книги од типот „Оливер Твист“, „Том Соер“, „Капетанот Грант“, „Децата од Павловата улица“, но и „Ромео и Јулија“ и раскази од Иво Андриќ и браќата Грим, за на крајот сето тоа да финишира во поетски стил, со пеперутката која, за разлика од почетокот на стрипот, кога постои опасност да биде уловена во пајаковата мрежа, овој пат е слободна и нестварна.

„Мислите се одмотуваа како што одев накај дома. Улицата беше пуста како што беше пуст и животот , и темна. Сите врати беа затворени и сите прозорци затемнети. Пред да ја затворам зад себе вратата на својата куќа, погледнав кон студеното ведро небо и се зачудив. Дали секогаш пред насолзените очи месечината изгледа како растопено сребро во ноќта?“

И на крајот, да се потсетиме дека минатата година во организација на фондацијата „Славко Јаневски“ се одржа тркалезна маса на тема „Зошто „Улица“ од Славко Јаневски е повест, а не роман“, на која наши еминентни имиња ги изразија своите ставови околу ова прашање. Без разлика на заклучоците за жанровската определба, „Улица“ останува камен-темелник во современата македонска книжевност, која благодарение на Матеј Богдановски си доби и свој живот во рамките на стрипот, како обид за доближување на ова дело до помладите генерации, кои можеби преку Деветтата уметност ќе го продлабочат своето знаење и познавање на оваа круцијална материја од македонската литературна историја.

.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *