PANGEA („Ангелски здив“)

Пред пар месеци Croatia records, наследничката на некогаш најголемата балканска музичка издавачка куќа Jugoton, направи одличен потег и на ЛП го реиздаде култниот албум Angel’s breath од 1994 година, кој досега беше достапен само на компакт диск. „Лебедовата песна“ на Милан Младеновиќ кој, бегајќи од балканското лудило, замина во Бразил кај пријателот Митар Суботиќ Суба, и со група музичари создадоа антологиски албум, кој дефинитивно го издржа тестот на времето и звучи актуелно и свежи и ден-денес.

ЛП-то има нов дизајн во бело (како и бојата на самата плоча), кој го потпишува Александра Ќебиќ, а внатрешната обвивка содржи стрип-илустрација од Зоран Јањетов, како и фотографија со двајцата автори, Милан и Суба. Албумот содржи 11 теми, која од која подобра, а меѓу нив и три куси вињети (40 seconds of love, Aplauzi, Madalena) како мала пауза пред следното музичко возбудување. За разлика од обвивката на ЦД-то, која ги содржи текстовите на песните, додаток во ЛП-то се двата текста од авторите, кои имаат свое гледање на заедничката соработка во топлиот и секогаш возбудлив Бразил.

Милан Младеновиќ за Angel’s breath вели:

„Ова време е време на повторна поделба, повторно ситнење на геополитичките целини, цепење на државите и локални војни. Ова време е време во кое доминира тесната специјализација во сите домени на човековата активност – од науката, преку стопанските гранки, до уметноста. Денешниот човек е осуден преку медиумите да го прима и доживува овој свет како колаж чие вистинско лице и целина не е во состојба да ги состави во една конечна верзија.

Овој проект, наречен според името на сепланетарното копно кое со текот на времето се раздвоило во денешните континенти, се занимава со придвижување на свеста за заедничкиот дух на планетата Земја во неговиот оригинален облик, онаков каков што постоел пред почетокот на распадот.

Ритамот, најстарата компонента на музиката, која пак е најстарата уметност, е основата на овој проект, додека преку него пливаат звуците на балканскиот етнос, од местото кое во моментов е жариште на исконската борба меѓу доброто и злото кај луѓето.

Овој потфат е продолжение на мојата работа на борбата против примитивизмот во денешната култура, како во СР ЈУгославија, така и во поранешните ЈУ републики, кој зема замав главно поради немилосрдните политички игри на моќ, кои предизвикаа сеопшто оддалечување од спиритуалното“.

Суба пак, под насловот „Музика на четвртиот свет“, објаснува:

„Музиката на овој албум ја направивме Милан, Жоао, Фабио и јас. Самиот факт дека четворицата сме различни и поседуваме различни музички сензибилитети и искуства, беше предизвик за создавање на заеднички проект. Генерално, тоа беше бразилски проект во кој се сретнаа европски и бразилски музички влијанија и се измешаа во некакви повисоки енергетски сфери. Сите тие четири засебни јазици изградија еден посебен, петти јазик, кој произведе музика без типичен печат на ниту еден од музичарите кој свиреше и учествуваше во креирањето на музиката. Поради тој микс, кој настана со мешање на четири типични печати, настана петтиот, и затоа јас оваа музика ја нарекувам музика на четвртиот, а не на третиот свет.

Во еден момент размислувавме дали поради овој проект да го смениме името, да не биде повеќе Angel’s breath, бидејќи тоа беше заедничкиот концепт со Милан од кој тргнавме, а во меѓувреме ни се приклучија уште двајца музичари. Сепак, се одлучивме да го задржиме името бидејќи претставува приказна за создавањето на човекот од кал, слична на онаа кога Бог го создава човекот од кал, потоа вдахнувајќи му живот. Ние не сме силни како Боговите, но со ангелскиот здив, со музиката која е дар од Боговите, сакаме во човекот да вдахнеме нов свет и ново искуство. Се одлучивме и понатаму да го задржиме тоа име бидејќи првобитниот концепт кој го имавме со Милан се продлабочи и отиде понатаму, во истражување на нови, не само музички, туку и емотивни светови околу нас и во нас“.

На крајот, да потсетиме дека Милан Младеновиќ замина од овој свет во истата година кога излезе албумот (на 05 ноември 1994, на мојот роденден!), а Суба пар години подоцна, по обидот да ги спаси музичките траки од сопственото студио, кое го зафатило пожар. Но тие зад себе оставија албум кој комуницира со универзален јазик, и останува сведоштво за некои минати, но и за некои идни, подобри времиња.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *