Следниот понеделник наутро ќе ги дознаеме годинашните добитници на престижниот Оскар. Како што најавивме уште минатата есен, Академијата реши годинава да номинира дури десет остварувања за најдобар филм, а меѓу нив се најде и „Горе во воздухот“ на Џејсон Рајтман, кој деновиве можеме да го погледнеме и во домашните кина.
Авторот на изненадувањето „Џуно“ од пред три години како да е претплатен за оскаровски проекти. По вознемирувачката сторија за бремената тинејџерка која решава да го задржи бебето , овој пат Рајтман не’ носи во возбудливиот, но осамен свет на корпоративна Америка, адаптирајќи го истоимениот роман на Волтер Кирн за „Монтсито пикчрс“. Приказната е фокусирана на животот на еден привлечен администратор за човечки ресурси, игран од Џорџ Клуни, кој ги отпушта луѓето од работа во името на компанијата, бидејќи „директорот нема мадиња да го стори тоа“. Ваквата професија изгледа стресна, но за Рајан Бингам таа е песна, бидејќи тој ужива во постојаните патувања и во собирањето на милион милји додека се вози со авиони, таму некаде горен, на небото, каде грижите во целост исчезнуваат.
Во време кога светската економија ја зафати рецесија, „Горе во воздухот“ е прилично храбро остварување, бидејќи од главниот херој со неблагодарна професија треба да направите симпатичен лик кој ќе кореспондира со пошироката публика. И токму во тоа успева режисерот, кој сигурно го имал Клуни во главата додека ја адаптирал приказната на Шелдон Тарнер, бидејќи тој е идеален избор за толкување на главниот карактер. Освен тоа, приказната содржи и неколку леери кои се следат паралелно, меѓу кои и главната поента во филмот, дека човекот, колку и да е вљубен во својата работа, на крајот не треба да остане сам, туку да го дели светот со некого. И покрај опасниот мирис на патетика, ова на ниво на идеја поминува глатко. Токму затоа, овој филм претставува успешна целина која е обид за правење на општо-американски филм за моментната ситуација во која се наоѓа модерниот човек на почетокот од третиот милениум. Филмот ги заслужи сите пет номинации за Оскар (филм, режисер, актер, споредна актерка и адаптирано сценарио). Кој и да го добие за една седмица, нема да биде незаслужено.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 2 март 2010 година.