Враќање на довербата

Кога еден актер одамна ќе ги достигне личните врвови во професијата, треба мудро да продолжи понатаму. Токму тоа се случува со култниот Роберт де Ниро, кој по неверојатните трансформации во текот на богатата кариера, во новиот милениум како да го најде својот нов начин на филмска возбуда, а тоа е играњето во семејни филмови каде улогата сосема природно кореспондира со неговата возраст. Едно од нив е новото остварување на режисерот Кирк Џонс насловено „Сите се добро“. Иако ова е само трет негов наслов, сепак, токму поради името на де Ниро, но и на останатата квалитетна актерска екипа, филмот заслужува особено внимание.

Без предрасуди, филмот на Џонс е полн погодок. Ваква непретенциозна драма полна со емоции и интелигентно решени сцени одамна не сме гледале, барем не на големото платно. Приказната го следи Френк, кој по смртта на неговата сопруга решава, после долго време, да ги собере своите деца на семеен ручек на кој ќе си поприкажат како им оди во животот. Но планот се изјаловува откако сите ќе ја откажат посетата, па пензионираниот вдовец решава: „Ако не сака Мухамед кон брегот, тогаш…“. Од тој момент филмот се претвора во патување кое наликува на филмовите на Џим Џармуш, и после кое Френк ќе сфати дека неговата сопруга била факторот на единство во семејството, бидејќи децата од него кријат многу тајни кои тој, како татко, чувствува дека ако сака истите да ги дознае, ќе мора да се потруди да ја врати нивната загубена доверба кон него.

Перформансот на Роберт де Ниро како херој од работничката класа кој има многу љубов, но малку зборови за своите ќерки и синови, е просто одличен. Сепак стариот волк не би прифатил да игра во било каква лимонада, особено не доколку сценариото би мирисало на површност. Да се потсетиме и на комедијата со Фокерови, каде њујоршкиот актер исто така е брилијантен. И со право, бидејќи на овие години тој не може да го игра таксистот кој без, или со причина се бунтува против општеството („You talkin to me?“), а уште помалку „разјарениот бик“ на Скорсезе, улога поради која мораше да се здебели триесетина килограми. Неговата мудра одлука да се занимава со продуценство, да стои зад ценетиот фестивал „Трибека“ во Њујорк и одвреме-навреме да не’ чести со излети во вакви искрени филмови ме потсетуваат на славниот Дракула, поточно, на актерот Бела Лугоши, кој пред крајот на својот живот, прашан од најдобриот Б-филмаџија Ед Вуд „каква улога сака да одигра во неговиот (можеби) последен филм?“, овој гордо му одговара тоа да биде обична сцена во која би излегол од куќата и би ја помирисал прекрасната црвена роза во дворот. Дефинитивно, човек треба достоинствено да старее, а мајсторот де Ниро има нос за тоа.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 9 март 2010 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *