Денеска во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик, во организација на Институтот за македонска литература од 10 до 15 часот се одржа конференцијата насловена „Урбаниот профил на Скопје во современата проза“. Проектот кој Институтот го реализираше со поддршка од Град Скопје имаше за цел да ни го претстави главниот град како инспирација во прозното творештво на македонските писатели од старата, средната и новата генерација. По воведното обраќање на директорката Наташа Аврамовска, најпрво ја проследивме промоцијата на зборникот „Писменото и книжевното културно наследство на Скопје и скопско“ на Маја Ангеловска-Панова, а потоа претседателката на одборот Соња Стојменска-Елзесер направи пресек на проектот кој ќе се случува и во следните две години.
Во двете конференциски сесии промоторите Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Гоце Смилевски, Африм Реџепи, Марина Цветаноска, Сарита Трајанова, Жарко Иванов, Биљана Рајчинова-Николова и Ана Јовковска се осврнаа на делата на Благоја Иванов (романот „Стебло“), Лидија Капушевска-Дракулевска (збирката раскази „Ден во Скопје“), Тања Урошевиќ (романот „Еден сив мартовски ден“), Луан Старова (романите „Времето на козите“ и „Балканската сага“), Димитар Солев (романот „Зора зад аголот“ и расказот „Кружно патување на сенката“), Драги Михајловски (збирката „Приказни од шести кат“) и Владимир Јанковски (романите „Вечно сегашно време“ и „Невидливи љубови“). Соња Стојменска-Елзесер и Дарин Ангеловски, пак, дискутираа на темите „Иконични места на книжевната мапа на Скопје“ и „Скопскиот земјотрес како хронотоп-сеќавање во современата проза“. Најавените текстови на Ема лакинска („Урбаната семиотика на Скопје во збирката раскази „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска) и Сунчица Трифуновска Јаниќ („Скопје во времето на проектот „Скопје 2014“ во хумористичниот роман „Скопје и сè е можно“ на Жарко Кујунџиски) ќе бидат објавени во зборникот кој набргу ќе биде издаден.
Особено ми е драго што во фокус на оваа конференција беа и моите две последни изданија, за кои зборуваше Ана Мартиноска во текстот насловен „Омнибус за Скопје во прозата на Игор Анѓелков“.
Во апстрактот на трудот е нагласено следното:
„Трудот има цел да ги истражи конкретните (и понекој имагинарен) хронотопи во прозата на Игор Анѓелков, особено во романот „Шрапнел“ и збирката раскази „Двојна експозиција“. Го користиме терминот омнибус, кој го споменува Владимир Мартиновски во контекст на прозата на Анѓелков, бидејќи како во филмската техника која Анѓелков често ја користи при нарацијата, во оваа проза има делови/епизоди кои функционираат како самостојни наративни целини, а кои се длабоко
поврзани со топосот на Скопје. Во трудот ќе се обидеме да ги проследиме и поврземе сите овие скопски разгледници од различни времиња, од она носталгично Скопје и неговите маала на нашите детство и младост кои веќе ги нема, преку транзициските промени кои ја менуваа атмосферата на градот и го
„просељачија“, па сè до сетингот на депресивниот град на духови во време на пандемијата. Како што вели и самиот автор, „никогаш не сум сакал да пишувам за нешто што не сум го почувствувал“ (Анѓелков, 2022).
Во тој контекст, јасно е зошто неговиот урбан стил е силно врзан за скопската реалност, за неговото минато и сегашност, но и неговата перспектива и иднина. Така, Игор пишува за омилената книжарница, фондациите за култура, факултетските аули, клупите во градскиот парк, Камениот мост, ГТЦ, кејот, киносалите, кафулињата и блузот, за сите оние кои израснаа и се вљубуваа по скопските улици, оние кои го одбележаа и станаа урбани легенди, оние кои го напуштија во потрага по подобар дом, но и оние кои му се вратија затоа што само дома си е дома“.
Овој настан низ прекрасни излагања и отворена дискусија на крајот, уште еднаш покажа дека Скопје е инспиративен хронотоп и за него од различни перспективи се пишувало и ќе пишуваат и идните генерации.
На крајот, да се навратам на почетокот од приказната, која содржеше уште едно интересно интро во конференцијата, каде неколку „скопски“ автори (Влада Урошевиќ, Александар Прокопиев, Оливера Ќорвезироска, Саша Станишиќ, Иван Шопов) преку четириминутни видеа се осврнаа на темата во своето творештво. Еве го мојот скромен придонес насловен „Дозволете родниот град да Ве изненади“: