Вечниот брак меѓу филмот и музиката

Филмот, една од најзначајните и најмоќните „играчки“ во 20 век, може да се пофали со својата интегрирачка функција што содржи повеќе уметности во себе. Најдолгорочната и најплодотворна врска што тој ја има воспоставено е онаа со музиката, како два пола во едно тело, заводливост што успешно функционира и ден-денес и без која не може да се замисли уживањето на седмата уметност

Веројатно сè уште се свежи сеќавањата од доделувањето на „Оскарите“ кога филмот со индиски мирис, „Уличен милионер“, ги собра повеќето од холивудските статуетки. Еден од хероите таа вечер беше композиторот А. Р. Рахман, кој си замина дома со два „Оскара“, првиот за најдобра оригинална музичка тема и вториот за најдобар саундтрак. Секако, од своите сограѓани во Индија беше пречекан како бог. Со тоа уште еднаш се докажа дека
филмската музика е неизоставен дел од севкупниот впечаток за едно филмско остварување, без којашто тоа не би било целосно. 

Поводот за ваков текст само го дополни и смртта на еден од славните композитори на филмска музика, француско-американскиот шесткратен оскаровец Морис Жар (инаку, татко на електронската поп-ѕвезда Жан Мишел Жар), чијашто „Тема за Лара“ од филмот „Доктор Живаго“ (1964) е едно од оние антологиски парчиња што никогаш нема да исчезнат од сеќавањето на публиката.

Интересно, почетоците на филмот, таму некаде во далечната 1895 година во Париз, кога браќата Лимиер влегоа во историјата, не ја содржат и музиката како составен дел од јавната проекција во кафулето. Едноставно, моќта на подвижните слики, што ги преплашила присутните кои мислеле дека влегувањето на возот во железничката станица во Лион навистина ќе ги прегази, била момент врз кој се градел понатамошниот развој на филмот како уметност барем во догледно време. Дури подоцна дошла потребата немите проекции да се зачинат со музика, што доаѓала од клавирот во кино-салата на кој свирел музичар најмен за тоа, импровизирајќи и потенцирајќи одредени моменти во дејството на филмот. Тоа траело сè до појавата на звучниот филм, кога и тотално се менува историјата на подвижните слики. Тука на голема врата влегува и музиката, како негов неизбежен и составен дел.

„Свири го тоа повторно, Сем“, му вели Илса (Ингрид Бергман) на црномурестиот пијанист во локалот на Рик (Хемфри Богарт), како носечки лајтмотив, што филмот „Казабланка“ го вброи меѓу десетте незаборавни филмски класици воопшто. Лека-полека моќта на музиката во спој со она што се случува на екранот сè повеќе беше карта на која играа сите филмаџии, бидејќи музиката функционираше буквално во сите жанрови, од вестернот,
па сè до историските спектакли. Мјузиклите како посебен жанр изнедрија токму од ваквиот развој на настаните. Но, има и автори кои поинаку ја сфатија приказната, па
така еден Стенли Кјубрик, да речеме, во легендарниот „2001: Одисеја во вселената“ (1968) како контрапункт ја користи тишината, а веќе во следната сцена да нè тресне со „Така зборуваше Заратустра“ на Рихард Штраус.

И конечно, верификацијата на сето претходно напишано ја донесоа модерните времиња, кога комерцијализацијата зема голем замав и се појавија саундтраците како рамноправен носач на звук на пазарот на музика. Така, покрај филмот на ДВД-формат, честопати во пакет оди и музиката, за комплетирање на задоволството. Постојат неколку типови на саундтраци, меѓу кои најчести се компилациите на музика од различни изведувачи, жанровски различни, па тоа на крајот честопати резултира во каша-попара производ. Затоа, најценети се оние што претставуваат оригинална музика од композитори со завидна кариера, кои знаат што сакаат. Најуспешни меѓу нив, пак, се оние што најчесто работат во тандем со одреден режисер, кои знаат како дишат филмовите на своите колеги и кои неретко уште повеќе ја збогатуваат визијата на филмските автори. Во овој случај би споменале неколку од нив, како тандемот Лик Бесон – Ерик Сера, потоа Дејвид Линч – Анџело Бадаламенти, па Вим Вендерс – Рај Кудер, како и Стивен Спилберг – Џон
Вилијамс итн. Најплодниот домашен композитор на музика за филм, пак, е Кирил Џајковски, кој веќе двапати соработуваше со Милчо Манчевски во „Прашина“ (2001)
и „Сенки“ (2007), а ја потпиша и музиката за „Бал-КанКан“ (2005) на Дарко Митревски, како и онаа за „Големата вода“ (2004) на Иво Трајков.

Некој мудрец рекол: „Да се зборува за музиката е како да се танцува за архитектурата“, и сосема бил во право, па затоа се надевам дека текстот што тукушто го прочитавте непретенциозно ќе ве натера во иднина колку што е можно повеќе да ги отворите своите сетила додека гледате одреден филм, секако алудирајќи на суптилноста на музиката во него, што со сета своја моќ ќе ги засили чувствата дури и на најпасивните гледачи, а вие сигурно не сте дел од нив, нели?! 


                                       Саундтрак фаворити на познатите филмаџии

Вим Вендерс: „Спонтаноста на музиката на Мајлс Дејвис во ремек-делото на Луј Мал од 1958 година, ’Лифт за губилиште‘“.

https://www.youtube.com/watch?v=PW-SxgZViuk

Мартин Скорсезе: „Музиката на Бернард Херман во филмот ’Вртоглавица‘ на Хичкок, поради нејзината прецизна пенетрација во срцето на опсесијата“.

Алан Паркер: „Од современите музики за филм, ја избирам онаа, заразната тема што се провлекува низ целиот саундтрак за филмот ’Реквием за еден сон‘ на Дарен Аронофски“.

Сидни Ламет: „За мене, ултимативни достигнувања во современата филмска музика се оние сместени на саундтраците за првите два дела од трилогија ’Кум‘ на Копола, бидејќи таа ги засилува чувствата кај публиката за судбините на ликовите за 200%“.

Вуди Ален: „Преферирам музика за филмови од минатото, а омилена ми е онаа од филмот ’Жулиет и духовите‘ од 1965 година, поради компатибилноста на композициите на Нино Рота со текстот“.

Махамат-Салех Харун: „Филмската музика што ми дозволува да сонувам со отворени очи е сместена на саундтракот ’Париз, Тексас‘, каде што меланхоличната гитара на Рај Кудер е вонвременска“.


                                                  За важноста на филмската музика

Патрис Шеро: „Музиката е еден од есенцијалните моменти во филмот, бидејќи е важна за дијалогот, осветлувањето, монтажата… Филмот без музика е како човек без нога“. 

Ф. Ф. Копола: „Музиката е голем фактор што помага илузијата да стане стварност. На ист начин музиката ни враќа во сеќавањето одредени периоди од нашиот живот“.

Крис Хардинг: „Музиката е моќно орудие во рацете на режисерот, која предизвикува емоции кај публиката на различни нивоа, но опасноста во нејзината прекумерна употреба лежи во тоа што може филмаџиите да ги направи мрзливи“.

Вуди Ален: „Музиката одлично ги покрива мноштвото гревови во еден филм“.

Нил Ла Бјут: „Ми се допаѓа кога филмаџијата ја користи музиката на ироничен начин и, пред сè, како контрапункт на она што го гледаме на екранот“.

Сантош Сиван: „Добрата музика или музичките теми, дури и ако филмот е лош, остануваат да одѕвонуваат во ушите дури и по крајот на проекцијата“.


                                                             Мои Топ 5 саундтраци

1. Вангелис – „Блејдранер“ (1982)
Л. А., 2019 година. Каков предизвик за компонирање
музика! Овој ноар СФ не би бил тоа што е без фантастичната музика на Вангелис. Минималистички, но комплексно и моќно. Се слуша во секоја пригода, но особено ноќе и во дождливи денови.

2. Ерик Сера – „Големото синило“ (1988)
Каков е звукот на делфините? Веројатно тоа била појдовната точка на Ерик Сера кога добил понуда од Лик Бесон да ја потпишеше музиката за овој филм, во кој милите суштества успеваат да комуницираат со човекот. Резултат: антологија!

3. Збигњев Прајснер – трилогија „Три бои“ (1993)
Лебедовата песна на Кшиштоф Кишловски, „Сино“, „Бело“ и „Црвено“ одлично функционира со музиката на најзначајниот модерен полски композитор, кој успеал одделно, на сите три дела, да им даде поинаква звучна димензија. Незаборавно!

4. Музика од документарецот „Крамб“ (1994)
Документарниот филм за култниот андерграунд стрип-цртач Роберт Крамб, потпишан од режисерот Тери Звигоф, е нетипичен носач на филмска музика, што е всушност составена од регтајм музика од триесеттите години на минатиот век, сместени на плочите од личната колекција на стрип-уметникот, кои тој ги пушта во текот на филмот. Заводливо.

https://www.youtube.com/watch?v=ZalUBMVqhus&list=PLdtrH_2E5nBfnOv-DcU-es_IEu3ujsEk2

5. Анџело Бадаламенти – „Изгубениот автопат“ (1997)
Двоецот Линч-Бадаламенти може да се пофали со одлична меѓусебна соработка и разбирање, а композиторот на заразната тема за „Твин Пикс“ сепак го потенцираме со друг саундтрак, што е одлична компилација во која оригиналните теми ги потпишува Бадаламенти, комбинирани со теми од Лу Рид, „Смешинг пампкинс“, Мерилин Менсон, Дејвид Боуви… Се сеќавате: Funny how secrets travel…

https://www.youtube.com/watch?v=aepBpZ3kXek

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *