Велосипедски круг околу Мавровско езеро

Деновиве чичко ФБ со две фотографии ме потсети на фамозната 2020 година, кога во време на полициски часови и домашни притвори во текот на ковид пандемијата, јуниор за прв пат, на 6-годишна возраст, се искачи до врвот на Водно. Договорот за следната авантура падна тоа лето, кога го посетивме Маврово, и кога изразивме желба за една велосипедска авантура околу езерото. Но знаев дека работата прво треба да созрее, да купиме и нов велосипед (откако оној стариот кој го офарбавме со спреј одамна го надраснавме) и психички да се подготвиме за предизвикот. И еве, после три години, дојде време за еден прекрасно поминат викенд-ден на велосипед околу мавровското езеро.  

Планот беше оваа тура да ја направиме уште пред месец-два, кога календарски и официјално запролети, меѓутоа во меѓувреме дискус хернијата се врати на сцена, пролетниот полен ме растече, дојде и традиционалниот саем на книгата на кој промовирав нов роман, а малку пред тоа излезе и книгата со скопски графити во соработка со Матеј Богдановски… сепак, причина број 1 за одложувањето беше здодевното дождливо време, кое ни ги поремети плановите. Конечно, откако во петокот се стабилизираше, ја проверив временската прогноза која велеше дека во сабота ќе биде претежно сончево и топло, и одлуката падна. Денес колку сака нека врне, авантурата е зад нас со многу силни впечатоци.

Проверувајќи на Интернет колку километри треба да поминеме на велосипед, имајќи предвид дека едниот од патниците сепак е на мала возраст, заклучив дека се работи за околу 30 километри кружен тек околу езерото по асфалтиран пат претежно во добра состојба. Двата велосипеда во багажникот од автомобилот едвај ги собра, и заклучокот се наметна природно: кога веќе немам пари за нов автомобил, подобро е при следната прилика да купам држачи за велосипед. На патот немаше гужви, и бргу пристигнавме на прагот од Маврово. Пред да ја поминам капијата, ја ресетирав километражата за да видам и точно колку километри ќе покаже до последната точка, пред жичарницата.

Се двоумев како да ја извозиме турата: дали да стартуваме од почетната точка – Бунец, или кај жичарницата, или можеби од Леуново? Не знаев дали да возиме „од“ или „кон“, бидејќи немав претстава во кој правец има повеќе удолници отколку угорници за работата да ни биде барем малку олеснета. Поминувајќи со автомобилот низ Маврови анови, а потоа и преку браната кон крајната точка, сфатив дека оваа насока гравитира претежно „надолу“, па така и падна одлуката за нашето велосипедско движење во текот на денот. Стигнавме, ги ставивме кацигите на глава, ранците на грбот наполнети со намирници и резервна облека, и патешествието почна.

Тргнуваме „од другата страна на езерото“, кон Никифорово и Леуново, за кои знаците не’ информираат дека се оддалечени 7 и 12 километри. Piece of cake! Од левата страна е езерото со неговата надалеку прочуена знаменитост, црквата „Свети Никола летен“, која ужива во сувиот период од егзистирањето. Водата со години е прилично далеку од нејзините темели, што можеби само за миг ќе и’ го продолжат животот под царството небесно. Од десната страна не’ придружуваат планинските ѕидови, и релативно за кратко време стигнуваме до првата точка на која направивме пауза, земајќи малку блачко за енергија. Кладенецот освежува, иако сонцето и не не’ гали којзнае колку во овие доцни утрински часови.

До Никифорово следат неколку угорници на кои учиме за велосипедските брзини и за нивното менување во соодветни ситуации, за да можеме полесно да ги совладаме предизвиците на патот. На него, пак, во текот на целото возење, ги броевме животните кои целите среќни што запролетило, излегле да се шетаат, но ретките автомобили за повеќето од нив биле фатални. Вкупно изброивме 22 сплескани жаби, два крта (или можеби три, за третиот не знаевме дали е крт или нешто друго бидејќи беше сплескан до непрепознатливост), шест полжави (од кои еден спасивме и го ставивме во тревата отстрана), еден еж и една змија. Брррррр!

После мали кризи и малку буткање на велосипедите, и откако не’ пресретна еден велосипедист со турбо брзина од спротивен правец, успевајќи да му го сликнам само задното тркало, стигнавме до Никифорово. Седум километри изминавме релативно бргу, но најважно е дека се’ уште сме свежи и орни за авантура.

Во споменатата 2020 година, на краткиот летен одмор во Маврово, имавме убави семејни доживувања, вклучувајќи ја и планинарската патека над Никифорово. Доколку сакате да читнете нешто повеќе за тоа, стис на следниот линк:

На аголот на кој пристигнавме се распостелува еден убав поглед кон езерото, но и кон шумата нагоре, каде поради далноводите забележуваме огромно исечено корито без дрвја. Долу крај езерото забележуваме и рибари, кои ги имаше на неколку пунктови крај езерото – одлично „губење“ на време со страсно гледање во тапата над мирната вода. Зен!

По фин пат кој претежно е без угорници и удолници, освен на многу кратки делници, од лево и од десно поминуваме низ шумски предел само со отворениот пат пред нас. Крај него во текот на целото возење не’ следеа црните вреќи со ѓубре кои чекаа да бидат собрани од комуналната екипа, откако уште при доаѓањето забележавме неколку нивни претставници како го собираат крај патот, фрлено до несовесните торлаци.

Срушената табла ни навестува дека сме стигнале до Леуново. Додека ги гледаме вилите крај патот, низ блага угорница се искачуваме до најгорната точка, каде не’ пречекува едно спортско игралиште, но и графит на еден од крајпатните ѕидови. Кој вели дека и во Маврово нема графити уметност!?

По поминати 12 километри, време е малку да се стоплиме и да здивнеме. Влегуваме во еден од најубавите мавровски комплекси, оној на хотелот „Радика“, во кој не сум навратил можеби дваесетина години. Ги заклучуваме велосипедите крај оние хотелските за рекреација на гостите, додека ски-санките се во пензија, очекувајќи ја следната зима.

Нес-кафето и топлото чоколадо не’ враќаат во живот, и јуниор изразува желба тука да ме почека, јас да се вратам назад до автомобилот и потоа да го соберам. Се насмевнувам и му велам дека пред да продолжиме, овде ќе одмориме малку повеќе, за да можеме да ги издржиме следните предизвици. Договорот за денес е таков, и нема враќање назад!

Додека јуниор одмора пиејќи го вкусното и скапичко топло чоколадо, јас одам бекстејџ и ги разгледувам содржините на хотелот. Погледот кон езерото од летната бавча е прекрасен, скулптурите интересни, малиот ски-лифт во зима им служи на почетниците, а базенот го чека летото – за мир во душата.  

Знаев дека ќе продолжиме понатаму, бидејќи како и качувањето на Водно пред три години од почетокот на текстот, и за овој предизвик важеше максимата „ако не го направиме сега, нема никогаш да го направиме“. Истото важеше и за мојата вело-авантура на Истра минатото лето, кога исто така, коинциденција!, поминав 30 километри низ прекрасни предели. Мала дигресија, пардон 😉

По посетата на ве-цето, а потоа и кратката закуска од намирниците во ранецот, се спуштаме низ Леуново до следната точка. Главната реклама на бандерите е од најпотребната професија во оваа околина – оџачарот. Неговиот телефонски број гордо виси на неколку места. Добар пат ни посакуваат и Снупи-графитот, но и споменикот на народниот херој од Втората светска војна. Оваа околија дала многу жртви за ослободување од фашизмот.

Стигнуваме до насипот од оваа страна на езерото. Погледот е величествен, и тука влегуваме во приказната со едукативна намена – што се вештачки, а што природни езера.

Пред да продолжиме, сретнуваме две велосипедистки кои ни кажуваат дека понатамошниот пат е со многу мали успони, освен кај Бунец. Супер, се израдувавме. Следи лежерно возење до крајот на првата половина од турата проследено со прекрасна природа, пар извори, маж и жена кои собираат глуварчиња за лек, диви коњи кои безгрижно пасат во ливадата на крајот од езерото, сето тоа, за жал проследено со еден стар телевизор фрлен крај патот како непотребен доказ за присуство на човековата цивилизација.

Ја заокружуваме првата половина од турата за три ипол часа, вклучувајќи ги и попатните одмори, стигнувајќи до детското одморалиште „Бунец“. Му раскажувам на јуниор дека во минатото македонските деца овде зимувале, и во рамките на „Снежен град“ правеле разни скулптури од снег. Отвораме на google images и наоѓаме пар фотогорафии од минатото, кои навистина изгледаат убаво. Штета што комплексот, како и многу други низ државава, пропаѓа без план и надеж за негова ревитализација.

Следи делот кој ми предизвикуваше најголеми грижи – пет ипол километри возење на регионалниот пат на кој фреквенцијата на возила е далеку поголема од онаа досега, автомобили и камиони кои одат кон Маврово и Дебар, а отстрана нема тротоар. По лекцијата дека во следните дваесетина минути треба да сме добро фокусирани на безбедноста, тргнуваме да ја искачуваме угорницата. За среќа, поради кривините, возачите се внимателни и возат во рамките на дозволеното, почитувајќи ги и останатите учесници во сообраќајот.

За функционалноста на крајпатните знаци се уверивме со следниот случај – иако попатно видовме еден куп лепешки, а ниту една крава, откако поминавме крај знакот кој укажуваше на опасност од „крави крај/на патот“, навистина наидовме на стадо крави кое безгрижно пасеше од вкусната трева.

Ова беше добра причина за одмор на последната, најгорна точка од ова патешествие, сето натаму ќе биде една голема и убава вело-спуштанка, со синото езеро лево од нас, се’ до Маврови анови! И уште еднаш заклучокот дека избравме добра страна за возење, со повеќе удолници од угорници.

По поминати 3/4 од авантурата, си помислив колку би било убаво сега некој да не’ викне на ручек. Знам неколку луѓе со викендици во Маврово, но не можеш туку-така да им се тупнеш на гости. Планот беше тука да се руча, меѓутоа, јуниор рече дека не е нешто особено гладен, и дека би било фино додека се’ уште има енергија, да ја извозиме авантурата до крај, а потоа дома ќе си правиме пица. Бидејќи и јас не бев нешто особено гладен, ја прифатив сугестијата, и го оставаме крајпатното вестерн-место со опоен мирис на скара зад нас.

За кратко стигнуваме до една од најубавите скулптури кај нас, онаа посветена на работникот кој со својот труд пред неколку децении ја изградил браната на мавровското езеро.

Се спуштаме над браната, уживаме во нејзината авнгардна структура и во погледот кон езерото, но и кон највисоките планински врвови отспротива. Така вели приказната – токму од браната се гледаат нашите највисоки планински врвови на Кораб. Сепак, облаците кои надоаѓаат не’ предупредуваат дека е време за одење понатаму и заокружување на денешната авантура.

Проаѓаме крај некогашниот диско клуб, кој во златните мавровски зимски денови ги приредувал најнезаборавните журки. Возењето е рилакс, и неизмерно уживаме во последните километри. Галичник? Можеби следниот пат. Ќе се искачиме со автомобил до видиковецот, и ќе возиме по рамното се’ до селото. И тоа е убав предизвик. Но, следниот пат. Сега сме капнати, вклучувајќи го и сениор.

Кога повторно ја здогледуваме „Свети Никола летен“ како гордо сјае над исушеното езерско корито, знаеме дека сме пред самиот крај. Влакната од косата на јуниор се лелеат над дупките од кацигата, и му кажувам дека тие се неговата сила, како во приказната за Самсон.

Поради нашиот успех, не сме ниту на небо, ниту на земја. Среќата и задоволството ги овековечуваме со едно селфи 🙂

Отвораме лименки и наздравуваме. Ѓубрето го фрламе во контејнер, како што и нагласуваат знаците крај патот во Националниот парк. Се сместуваме во автомобилот, и тргнуваме дома исполнети со радости, со уште едно прекрасно искуство зад нас.

Јуниор веднаш го совладува дремка, сепак ова беше напорен предизвик за него кој храбро го издржа. Ги сумирам резултатите во главата, и ми се чини дека последното видео кое го снимивме додека се приближуваме кон целта, кажува буквално се’ што треба да се каже.

До следната авантура 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *