Деновиве од печат излегоа две нови книги од ИЛИ-ИЛИ во новоотворената едиција насловена „Виртус“, латински збор со значење „храброст, доблест, вредност…“, од кој се изведени „виртуоз“, и следствено на тоа, „виртуозност“. Чест да ја отвори доби францускиот писател Антоан Компањон со двете негови книги „Едно лето со Бодлер“ и „Едно лето со Монтењ“, издадени во соработка со Францускиот институт во Скопје. Всушност, токму неговите две извонредни книги беа инспирација за отворање на нова едиција, која во иднина треба да вдоми многу автори со еднакво возбудливи дела.
„Долго време се прашував дали ќе се одважам да го цитирам многу непристојниот заклучок во Есеите, од страв да не навредам нечии чувствителни уши. Но штом тоа го кажал Монтењ, од каде ми право да не го кажам повторно? Ајде тогаш, бидејќи ова е последна можност за тоа: „Езоп, тој голем човек, го видел својот господар како мокри додека се шетал. Што е ова, извикал, ќе треба ли ние да сереме трчајќи? Да си го штедиме времето, иако ни останува уште многу неискористено и лошо употребено.” Цела една филозофија на животот е содржана на овој начин во неколку силно впечатливи зборови. Луѓето во ренесансата не водеа толку сметка за однесувањето како нас и отворено го кажуваа она што го мислеа. Последната глава од Есеите, „За искуството“, ја изложува конечната мудрост на Монтењ, честопати поврзувана со епикурејството. „Да му посветуваме доволно време на живеењето; да се однесуваме во согласност со природата; да уживаме во сегашниот миг; во ништо да не избрзуваме.“
Во четириесет глави Антоан Компањон нѐ поканува да присуствуваме во откривањето на еден поинаков, летен и закрепнувачки Монтењ: почнувајќи од поимот на активен јавен живот па сѐ до престолот на светот, минувајќи преку разговорот, пријателството или образованието, изгубеното време па дури и многубројните дополнувања. Тој истовремено ја прикажува историската важност на Есеите и нивното сегашно значење. Интересно, книгата во почетокот претставува серија емисии што во текот на летото 2012 година беа емитувани на радиото Франс Интер, како што беше случајот и две години подоцна со серијалот радио емисии за Бодлер, од кои настана „Едно лето со Бодлер“.
Ниеден поет не ни оставил толку впечатливи стихови. Ниеден писател не зборувал подобро за љубовта, за сплинот, за патувањето. За него, летото било неповратното годишно време на детството, изгубениот рај што неговата поезија би сакала одново да го пронајде.
Модерен и антимодерен, Бодлер останува наш современик, иако некои од неговите ставови можат да нè вџасат. Тој го мразел напредокот, се интересирал за фотографијата за да ја омаловажи, помислувал да се самоубие затоа што весниците го зголемувале тиражот, се соочувал со вечното Зло.
Делото на овој повреден човек – поезија во стихови и во проза, уметничка и книжевна критика, интимни извадоци, сатири и памфлети – најпрво било осудено поради провокациите во него. Кратко потоа, им се придружило на класиците.
Бодлер, кој им се воодушевувал на Делакроа и на Мане, бил еден од најпроникливите набљудувачи на десакрализацијата на уметноста во модерниот свет. Денди, пријател на собирачите на партали, тој бил битие на парадоксот и на оригиналноста.
„Скокајќи и потскокнувајќи“, како во Едно лето со Монтењ, со книгава на Антоан Компањон ги препрочитуваме Цвеќињата на злото и Сплинот на Париз. Во триесет и три поглавја, тој нè кани да споделиме еден Бодлер што останува единствен и не допушта никакво поедноставување.
Главен „виновник“ за овие две прекрасни дела е францускиот писател и литерарен критичар Антоан Компањон (1950, Брисел). Тој предавал на Универзитетите „Сорбона“ во Париз и „Колумбија“ во Њујорк. Од 2006 година работи како редовен професор по модерна и современа француска литература (историја, критика и теорија) на престижниот Колеж де Франс.
Компањон е автор е на книгите: Книжевноста за време на Третата Република: од Флобер до Пруст, Петте парадокси на модерната, Мачка во џеб: Монтењ и алегоријата, Антимодерната: од Жозеф де Местр до Ролан Барт.