Првиот превод од класичен јазик во издавачката дејност на ИЛИ-ИЛИ изискуваше да се отвори и нова едиција насловена „Арго“, која се надеваме дека во иднина ќе се збогати со уште многу наслови. „Виновник“ за оваа новина е книгата „Вистинска приказна“ на Лукијан од Самосата, во превод од старогрчки јазик на Светлана Кочовска-Стевовиќ.
Лукијан од Самосата е старогрчки автор со сириско потекло од II век. Традицијата му припишува импресивен книжевен опус од 82 дела: дијалози, беседи, посланија и философско-сатирични наративни дела.
Вистинска приказна е едно од најпознатите и најчитаните дела на Лукијан од Самосата. Претставува типичен жанровски хибрид во кој се измешани елементи на авантуристички роман, сатира, научна фантастика и пародија. Со врвно јазично и стилско мајсторство и со исклучителна имагинација, Лукијан нè води на возбудливо патување на Месечината, во утробата на еден кит, во подземниот свет, на Островот на блажените и на многу други попатни места, на кое нè запознава со различни вонземни облици на живот.
Вистинска приказна, според многумина, е првиот научно-фантастичен роман во историјата на западната книжевност. Бил книжевна предлошка за многу подоцнежни дела, меѓу кои Гуливеровите патувања на Џонатан Свифт, Патување на Месечината на Сирано де Бержерак, Mikromégas на Волтер, како и за Патувањето на Пантагруел во четвртата книга за Пантагруел на Франсоа Рабле.
Извадок
„За време на мојот престој на Месечината забележав некои необични и чудни работи за кои сакам овде да раскажам. Прво, таму луѓето не се родени од жени, туку од мажи. Склучуваат бракови со мажи, и зборот „жена“ воопшто не им е познат. До дваесет и петтата година од животот секој има улога на сопруга, а по таа возраст – на сопруг. Децата не ги носат во утробата, туку во ножните листови. Кога ќе се создаде ембрионот, ногата почнува да им набрекнува. Некое време потоа, ја засекуваат и од неа го вадат новороденчето мртво. Го оживуваат така што го оставаат со отворена уста да седи спроти ветер…“