На 24 февруари 1989 година, точно во 11ч30м претпладне, агентот на FBI Дејл Купер влезе во Твин пикс, и се чини дека никогаш не излезе оттаму. Серијата која дополнително ја усложнуваше психолошката ситуација додека старата федерација се распаѓаше, и ден-денес е во сеќавањата на филмофилите поради бескрајните можности со кои ни ја скокоткаше фантазијата. Миксот на реалното и оностраното, зачудното, беше добитната комбинација на „Твин пикс“. Но, ако во првата реченица зборуваме за влез во нешто, влез некаде во непознатото, за успешна приказна е потребна и обратната ситуација – излезот. Тоа режисерот Дејвид Линч многу добро, во само една реченица, го објаснува на втората фотографија подолу.
Сето ова навлегува во зоната на размислување за авторството. Кога еден писател, сценарист, автор… го препознава оној момент дека „тоа-е-тоа“, еве, музата ме повикува, си поигрува со мене, и време е да пишувам!? Важно е влегувањето во одредена состојба, или по долгиот престој таму, излегувањето од неа? Се чини дека подеднакво се битни и обете, особено за серии како „Твин пикс“, но јас некако повеќе стремам кон излезот, кон тоа прочистување откако долго време си чмаел во темните зандани на состојбата од која не си гледал излез. Или само си мислел дека нема излез? А воопшто, мора ли да има излез?
Меѓутоа, ете, дури и еден мрачњак како Дејвид Линч вели дека „сака кога ги гледа луѓето како излегуваат од темнината“. Тука лежи „месото“, тука чучи магијата на креацијата, на допирот на овоземното со оностраното, тука лежи моќта на пишаниот збор, доколку можеш таа специфична состојба да ја артикулираш во моќни реченици. Веројатно сето тоа и се препознава во книгите кои ги читаме и филмовите и сериите кои ги гледаме. Има нешто светло во темнината кое ни вели дека авторот на книгата или на сценариото го доживел, го преживеал, го надживеал одредениот момент за кој пишува, и тоа го пренел во делото кое не’ допира и нас. Моментот на идентификација со него е многу важен за перцепцијата да биде што поверодостојна.
Освен идентификацијата, доколку се водиме според основите на драматургијата, друг важен момент е трансформацијата на ликот/ликовите. Враќајќи се на „Твин пикс“, чие дејствие беше распоредено во две сезони (1990 и 1991) со вкупно триесет епизоди, се чинеше како истото да е распостелено на двесте епизоди кои траат вечно. Но во текот на сите епизоди, постепено ја гледавме промената на ликовите предизвикана од „чудните“ и необјасниви нешта кои им се случуваа во нивниот живот. Тука лежи мајсторството на сценариото и режијата, во малите детаљи кои живот значат (вклучувајќи ја и смртта на Лора Палмер).
Големото, крајно крешендо следи во 1992 година во целовечерниот спектакл „Fire walk with me“, кој разрешува одредени „опашки“, но остава и подотвроена врата низ која агентот на FBI, г-нот Купер повторно влегува во третата сезона (2017) која содржи осумнаесет нови епизоди, за реминисценција достојна за почит. Се чини дека „Твин пикс“ и неговата привлечна моќ да ве закова пред екранот никогаш нема да згаснат, и затоа на секој 24 февруари фановите на серијата се потсетуваат на овој датум, на моментот кога Дејл Купер влегува во Твин пикс, така влегувајќи и во легендите, истовремено излегувајќи од секојдневното, ефемерното.
Влез-излез, излез-влез, влез-излез… 😉