Музејот „Бардо“ и легендарната Картагина во Тунис

Вообичаен почеток на патувачките советници е „When in Tunis…“. Кога си во Тунис, кој во последниве години повторно се отвори за туристите по демонстрациите за време на „арапската пролет“, една од неизбежните дестинации е музејот „Бардо“ во главниот истоимен град на оваа симпатична северноафриканска држава. Се работи за еден од најважните музеи во медитеранскиот регион, втор на „црниот“ континент според богатството на својата колекција, по Египетскиот музеј во Каиро. Меѓу изложеното, најрепрезентативна и највозбудлива за гледање и доживување е најголемата колекција во светот на зачувани римски мозаици, која плени со својата убавина.

Поставките во музејот ја прикажуваат историјата на Тунис во текот на неколку милениуми и низ неколку цивилизации, преку широк спектар на археолошки парчиња. Сместен во старата палата од 1888 година, тоа е прекрасен амбиент за изложување на многу дела откриени од почетокот на археолошките истражувања во земјата, почнувајќи од 19 век па се’ до денешен ден.

Музејот е составен од неколку тематски делови. Во еден од нив доминираат предмети од старогрчките времиња, во друг од египетската култура, во трет од исламскиот период, и секако, веќе споменатиот, делот со огромните римски мозаици кои висат на ѕидовите насекаде околу вас. Посебен дел е обезбеден за примероците од ископувањата на легендарниот антички град Картагина, кој има и засебен музеј, но сепак, дел од тие богатства се наоѓаат и во музејот „Бардо“.

Тунискиот музеј ја содржи една од најдобрите и најголемите збирки на римски мозаици во светот благодарение на ископувањата преземени од почетокот на 20 век на археолошки локалитети во земјата, вклучувајќи ги Картагина, Хадруметум, Дуга и  Утика. Мозаиците претставуваат единствен извор за истражување на секојдневниот живот во Римската Африка. Музејот исто така содржи и богата колекција на мермерни статуи кои ги претставуваат боговите и римските императори пронајдени на различни локации, вклучувајќи ги и оние во Картагина и Тубурбо Мајус.

Секако, треба да се спомене дека токму овој музеј беше во светскиот фокус на 18 март 2015 година, кога тројца терористи во цивилка влегоа внатре и земаа заложници. Дваесет и едно лице, главно европски туристи, загинаа на местото на настанот, додека уште една жртва почина десет дена подоцна. Околу педесет други беа повредени, со што властите го прогласија за најголем терористички напад во историјата на земјата. Одговорноста ја презема ISIS. Инаку, немилиот настан се случи по познатиот напад на „Charlie Hebdo“ во Париз, каде беа убиени многу новинари.

Но, да се вратиме на возвишеното – уметноста. На крајот од посетата, во музејската продавница посетителите можат да си купат убав сувенир, т.н. „направи сам свој мозаик“. Иако упатството е прецизно, сепак предизвикот е голем. На крајот, кога испадна мозаикот онака како што треба, бев навистина горд. Тој и ден-денес виси на ѕидот во домот, потсетувајќи на оваа убава посета на прекрасниот музеј. Добро, знам, не е сјајно, можеше и подобро, но тоа не е ни толку важно, нели 😉

Посетата на „Бардо“ одзема половина ден, и пријатното попладне препорачливо е да се помине на отворено. А каде, ако не на едно антологиско, митско место. Заносната Картагина во минатото била еден од најзначајните градови на Медитеранот, околу кој се кршеле копјата на многу цивилизации. Пред да се пуштиме во нејзино истражување, ги гледаме неколкуте слики за тоа како таа (можеби) изгледала во минатото.

Картагина била еден од најважните трговски центри на античкиот Медитеран и еден од најбогатите градови во класичниот свет. Тој станал главен град на цивилизацијата на Античка Картагина, а подоцна и на Римска Картагина. Градот се развил од феникиска колонија во престолнина на пуничката империја која доминирала во големи делови од Југозападниот Медитеран во текот на првиот милениум п.н.е. Легендарната кралица Елиса (а можеби и Алиса или Дидо), по потекло од Тир, се смета за основачка на градот, иако историјата ова го доведува во прашање.

Античкиот град бил уништен во речиси тригодишната опсада на Картагина од страна на Римската Република, за време на Третата пунска војна во 146 п.н.е. Повторно бил развиен еден век подоцна како Римска Картагина, која станала главен град на Римската империја во провинцијата „Африка“. Картагинските пад и пропаст се предмет на многу литерарни, политички, уметнички и филозофски дебати во античката и во модерната историја. Или – Картагина како вечна инспирација!

Бурниот период на градот продолжува и во доцната антика и средновековието, каде Картагина продолжила да игра важна културна и економска улога во византискиот период. Градот бил ограбен и уништен од силите на Омајадите по битката во 698 година за да се спречи повторно да биде освоен од Византиската империја. Градот останал окупиран за време на муслиманскиот период и бил користен како тврдина се’ до периодот на Хафсид, кога бил освоен од крстоносците. Хафсидите одлучиле да ја уништат неговата одбрана за да не може повторно да се користи како база од непријателската сила. Потоа продолжил да функционира како епископска столица. Се’ на се’, бурна историја се одиграла на овој митски простор, во кој неколкуте зачувани исправени столбови потсетуваат на величественото минато на градот.

И додека морскиот ветар од недалеку си пирка и носи свежина во воздухот, си мислиш: посета на „Бардо“ и Картагина во еден ден – полна капа. До следниот пат!

@2004   

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *