Премиерата на најновиот филм на Киро Урдин, насловен „Вода и оган“, во кој станува збор за човекот како врховно мислечко битие кое милиони години ја ползува земјата доведувајќи ја до деструкција, се одржa во киното „Фросина“. Базирајќи се врз претходните искуства на авторот со мега проектот „Планетариум“, кој беше сниман долги години низ целиот свет, и уште толку долги години промовиран во земјава и во странство по различни поводи, ова е само капка во морето од животот на овој филм, чие битисување на екраните штотуку претстои. „Вода и оган“ е документарен филм кој излегува од општите постулати на жанрот и се движи по свои сопствени насоки. Впрочем како што вели самиот Урдин, тој како автор, во било кој медиум, секогаш се обидува да работи слободно, непретенциозно и без наметнати правила. „Вода и оган“ зборува за животот на планетата Земјата како врвен постулат на универзумот, за чудесната хармонија меѓу животинскиот и растителниот свет, за водата и за воздухот како извор на живот, за оганот како божји дар на громовите. Но филмот најмногу говори за појавата на човекот кој ја има моќта на знаење, а кој уништува се’. Според авторот, филмот сака да предочи дека дури ни оганот, водата и воздухот не можат да се одбранат од него: стрелката на животот на планетата се движи кон крајот. Филмот поставува најразлични прашања: Од каде доаѓаме? Што сме? Каде одиме? Дали човекот ќе се промени ако отиде на некои други планети. Одговорот на авторот е децидно „НЕ!“
Филмот почнал да се реализира пред две години, на локации во Македонија (Велес и Нерези), вo Чиле и во Танзанија. Урдин вели дека снимањето почнало спонтано, без однапред определено сценарио. Снимен е материјал од 160 часа, а резултатот е 60-минутен филм. Во филмот играат Тера Селишкар, Драган Спасов-Дац и Пол Валеин. Камерата е на Бранд Феро, Владимир Петровски-Картер, Пабло Феро и на Жан Лук Шоле. Музиката е на Венко Серафимов, а текстот на Снежана Лазаревска.
(Прилогот е емитуван во филмскиот магазин „ФИЛМОПОЛИС“)