Возбудливи филмови во трка за „Златна грива“ на „КинеНова#9“

Од 15 до 20 октомври, по деветти пат, „КинеНова“ го нуди најдоброто од остварувањата на новите автори. Со провокативните дизајн и слоган „Што е прво? Филмот или приказната?“, предјубилејното издание на меѓународниот филмски фестивал низ богатите содржини исполнети со проекции, мастеркласови, работилници… ќе се обиде да го задржи нивото на провокативност кое отсекогаш претставувал негов квалитет.

И оваа година имав чест како фестивалски селектор да ја составам програмата од шест возбудливи остварувања, сето тоа сублимирано во краток каталошки текст во кој се чини дека сум кажал се’ што сум имал да кажам. Еве го во продолжение:

„Предјубилејното издание на „КинеНова“ ни носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во пост-ковид времиња кога се’ е возможно, па затоа решивме годинашниот фестивал да ни понуди еден фин микс од еклектични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум.

Нашиот најчест фестивалски гостин се остварувањата од омилената иранска кинематографија. И овој пат гледаме филм кој се занимава со филмската уметност и љубењето на вистината. Во силното грчко остварување, пак, се соочуваме токму со моќта на филмот да ни раскаже приказна за чедоморството, кое кај нашиот јужен сосед се случувало се до доцниот 20 век, пред да биде забрането со закон. А поигрувањето со законот скапо го чинеше изрелскиот (анти)херој кој реши да направи хаос во матичната држава која во моментов е во немилосрдна војна со својот вечен непријател.

Војната остава лузни врз душата, а тоа многу добро го прикажува хрватскиот режисер во својот дебитантски филм кој се случува недалеку од военото поле на кое нема правила. Правила нема ниту во детските игри, каде секој може да има свое кралство, а момчето во филмот на црногорскиот режисер посакува само едно нешто – семејна хармонија. За тоа му треба супер херој, можеби некој како Јон Вардар, првиот долгометражен македонски анимиран филм. Да, тој е семоќен, и со неговата магија ќе биде отворено годинашното деветто издание на фестивалот, кој ги слави првите и втори остварувања на младите синеасти“.

А сега, поединечно, ви ги претставувам сите филмови во трка за наградата „Златна грива“:

1. ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА на Гоце Цветановски / МАКЕДОНИЈА, УНГАРИЈА, БУГАРИЈА, ХРВАТСКА / 2024 / 85мин

Улоги: Жарко Димоски, Дамјан Цветановски, Емилија Мицевска

Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот кој патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка Зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, нормално е да настане хаос. Двајцата ќе мора да здружат сили за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки, и можен крај на севкупната егзистенција. Научнофантастична пародија со балкански шмек со супер-јунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство.

2. КАФУЛЕ на Навид Михадуст / ИРАН / 2023 / 93мин.

Улоги: Масуд Карамати, Маса Маџур, Сетаре Малеки

Сохраб Сепехри е режисер кој е осуден на пет години затвор поради филмовите што ги снимал. Тој сега има свое кафуле поради забраната за работа во својата примарна дејност и се соочува со предлог да биде соработник на Државната разузнавачката служба во замена за одложување на извршувањето на казната. Во меѓувреме се случуваат авантури кои го вклучуваат во нови предизвици.

3. БУНТОТ НА СИЛВЕР на Дан Шадур / ИЗРАЕЛ, 2023 / 97мин.

Шеф на криминал или бестрашен дисидент? Најголемото сајбер судење во историјата на Израел ќе ја одреди судбината на едно поранешно ултраортодоксно дете кое го трансформираше бизнисот со трговија со дрога. Ова е еден од најконтроверзните документарци во историјата на израелската, но и воопшто, на современата светска кинематографија.

4. ХОТЕЛ ПУЛА на Андреј Коровљев / ХРВАТСКА, 2023 / 95мин.

Улоги: Ермин Браво, Ника Грбеља, Ника Иванчиќ

Познатиот босански актер Ермин Браво и извонредната млада хрватска актерка-дебитант Ника Грбеља многу убедливо отелотворуваат лежерна залутана љубов, осудена неизбежно да заврши со срцепарателна разделба. Малолетната средношколка Уна волшебно ја прекинува тажната и болна рутина на Босанецот Махир, 22 години постар од неа. Како што флертувачката девојка постепено прераснува во млада жена, тешко повредениот гостин ја открива неможноста да залечи од раните на вина, омраза и срам.

5. ЖЕНА-УБИЕЦ / ФОНИСА на Ева Натена / ГРЦИЈА, 2023 / 99мин.

Улоги: Кариофиља Карабети, Марија Протопапа, Елена Топалиду

Базиран на класичното ремек-дело на Александрос Пападијамантис, филмот „ЖЕНА-УБИЕЦ / ФОНИСА“ се одвива на оддалечен остров во Грција, околу 1900-та година. Хадула, која го изгубила својот сопруг на млада возраст, е жена која научила да преживува во крајно патријархално општество. Но Хадула не толку лесно ја прифаќа таа судбина. Нејзината лична, внатрешна, бликава револуција набргу ќе дојде до израз. Жртви на нејзиниот испад се малите девојчиња на островот, кои таа ги ослободува од општествениот и економскиот товар што го носи нивното постоење… со одземање на нивните животи. Нејзините постапки ќе ја доведат лице в лице со властите.

6. ПЛАНЕТА 7693 на Гојко Беркуљан / ЦРНА ГОРА, МАКЕДОНИЈА, СРБИЈА / 110мин.

Улоги: Илија Пејаковиќ, Андрија Кузмановиќ, Кристина Стевовиќ

Лука (9) живее со родителите и поголемата сестра во живописно соседство во предградието. По еден настан во неговото навидум хармонично семејство, недоразбирањата насобрани низ годините излегуваат на површина и предизвикуваат низа конфликти. Ткивото на семејството се кине. Лука бара начин како да ги поправи нарушените односи, повлекувајќи се во светот на „супер моќите“ и фантазијата, каде го запознава мистериозното девојче по име „7693“.

Како и секогаш, Ви посакувам добри проекции и многу научени лекции. Филмски, и животни. Во темнината на киното. На сребрениот екран.

Се гледаме на отворање во “Фросина“ во МКЦ на 15-ти, а потоа од 16-ти до 20-ти октомври во кафе „Котур“ и Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Кисела вода.

Следи комплетната фестивалска програма, изберете ги своите фаворити 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *