По „Бикини мун“ (2017), првиот „американски излет“ во внимателно градената филмографија која трае веќе 25 години, Милчо Манчевски се враќа на домашно тло реализирајќи го своето шесто остварување насловено „Врба“. Филмот е интересен хибрид на сето она што авторот го провлекувал досега низ своите филмови, но истовремено овој филм на најдобар можен начин конечно ја покажува и неговата зрела фаза од творештвото, во која и формата и содржината се суптилно вткаени една во друга и претставуваат компатибилен пар.
Пред некоја недела низ медиумите проструи информацијата дека наталитетот во цела Европа е во огромен пад. Вешто надоврзувајќи се на овој поразителен факт, Манчевски ни сервира македонска верзија на приказната со три силни хероини, пакувајќи ги нивните животни приказни во омнибус со многу врзивни симболички ткива. Иако навидум неспојливо, авторот во првата приказна не’ води назад во 17 век, за во следните две приказни да не’ врати назад во иднината, соочувајќи не’ со проблемите на денешната реалност, преку темата на (не)раѓањето и (не)донесувањето на нов живот на овој свет. И ако Донка и Милан од минатото се слика на традицијата на битовата драма, во која причинско-последичниот редослед на нештата секогаш води до трагедија, тогаш Катерина и Никола, како и Родна и Бранко, се слика и прилика на суровото современие во кое раѓањето на дете во многу случаи се претвори во научна фантастика обременета со многу социјално-општествено-политички, и на крајот, секако, со медицински „причини“.
Истражувањето на темата Манчевски го донел до граница на совршенство. Особено фасцинираат деталите во првиот дел, во кој костимографијата е автентична, браздата од дрвеното рало во сувата земја доволно длабока и иконична, а начинот на изговарање на репликите претставува „кокетирање“ со наследството во рамките на филмската уметност. Овде крупниот план на камерата е доминантен за прикажување на чувственото, додека во следните делови од филмот, во кој се третира современиот момент, постигнувањето на синтезата помеѓу дејствието и општиот урбан хаос се одвива на погладок начин, неретко преку сосема спротиставени работи меѓу себе – шмркањето кокаин во таксито и просењето на ромката на семафорот додека од радиото свири народната „Македонско девојче“, потоа, сцената во која Родна му кажува на Бранко за аномалијата на фетусот, а во позадина го читаме графитот „Ова не е Америка“, и, уште една, овој пат музичка илустрација, преминот од темата „Мистер Комплекс“ на Бастион (заеднички проект на Манчевски и Џајковски од 80-те) кон зурлите и тапаните како крешендо во силната сексуална сцена.
Исто така, фасцинира симболиката со која изобилува овој филм. Врбата зазема значајно место во верувањата на словенските и другите индоевропски народи. Таа е симбол на напредокот, растот и подмладувањето. Бидејќи е упорно растение, таа е сфатена и како растение со магични моќи. Медот е симбол на чистотата, вдахновението, и тој бил основа за нектарот – пијалакот на Боговите. Се употребувал како лековито средство, како афродизијак, но и како потпомагач на плодноста. Каменот, пак, е симбол на постојаноста, силата, целосноста. Камените ѕвончиња во старогрчката митологија биле амблем на плодородноста, и нашироко се ползувале камени фалусоидни објекти за лекување на неплодноста. Сиот овој сплет од симболички значења кој провејува низ сите делови од филмската сторија се збогатува со гобленот на ѕидот за време на сунетот, на кој го гледаме козарчето кое свири на шупелка од врба како една фина паралела од крајот кон почетокот на филмската приказна, и особено со сцената од оригиналниот етонграфски филм „Говедар камен“ на Владимир Боцевски од 2001 година, на кој една неротка скока над јажето којзнае колку пати, филм кој еден од ликовите го гледа на телевизија додека неговата сопруга се соочува со истиот проблем. Знаци, значења, означувања…
Во ваквата прецизна поставеност на работите, своите ролји на супериорен начин ги одигруваат трите главни актерки Сара Климоска, Наталија Теодосиева, и особено Камка Тоциновски. Болката што во себе ја носат нивните ликови тие на големото платно ја пренесуваат на убедлив начин, давајќи му ја на филмот потребната длабочина. За жал, машките ликови, исто така одлично интерпретирани од актерите Никола Ристески, Ненад Нацев и Кире Ѓоревски, на крајот како да се оставени на страна, како да се недоправени, незаокружени. И ако Родна подоцна забременува со некој (случаен) странец, среќно очекувајќи ја својата мајчинска иднина за која толку сонуваше, баш ме интересира што се случи со Бранко, најпозитивниот, или подобро, најљубовниот лик во филмот? Нели „Умееш ли ти да сакаш?“, прашањето упатено кон него, иако во сосема неприродни околности во таа дождлива скопска ноќ, претставува движечка сила на филмското сиже!? Можеби треба да ја погледнам и „машката“ верзија на филмот!?
Инаку, Манчевски во „Врба“ на многу места се рециклира себеси, или покултурно кажано, влегува во маниризам. Сцената снимена во неговата омилена прилепска околија, во која роднините ја казнуваат Донка, многу потсетува на сцената со Замира (Лабина Митевска) во „Пред дождот“. Репликите како (парафразирам) „Мувите касаат, ќе врне дожд“ и „Камен да родиш“ се исто така дел од „Пред дождот“, но и од „Сенки“, а желките, како и „куре-пиче“ изразите на ликовите на генијалната Ратка Радмановиќ веќе се препознатливи филмски реплики. Манчевски во ваков филм во кој третира сериозни теми не заборава да го зачини сценариото и со хумор како сигурна формула која за момент ќе ве олабави, внесувајќи ги епизодните ликови играни од старите мајстори Петар Мирчевски и Благоја Чоревски, како и онаа фасцинантна сцена кога таксистот Бранко бара заем, а пријателот му одговара дека некогаш бил професор по математика, но денес ја има највносната работа во транзицискава ни држава – извршител! Да не ја заборавам и успешната алузија во таксито во која патникот преку телефон нарачува нешто од пријателот.
Исто така, и промислата за мајката како значаен субјект погледнат од сите аспекти, Манчевски на овој или оној начин ја провлекува низ сите негови остварувања, најдиректно востоличувајќи ја во истоимениот филм „Мајки“ од 2010 година. Но, за разлика од тогашниот експеримент со формата, кога режисерот ја повика публиката фиктивното и документарното да се обиде да ги спои во сопствената глава, овој пат во „Врба“ гледаме покомпактно филмско остварување со многу школски елементи и сценски решенија речиси на ниво на предвидливост. „Поигрувањето“ со времето е одамна апсолвирана материја за режисерот, промовирајќи ја истата уште во 1994 година заедно со Квентин Тарантино и неговиот „Евтини приказни“, како сосема свеж пристап и ново поимање на нештата, така што тој елемент е на супериорно рамниште и во „Врба“. Она што плени во овој филм е конечното „приземјување“ на Манчевски во однос на сценаристичкото третирање на приказната. За разлика од ликовите во претходните остварувања, кои во фукнција на приказната и самиот филм често пати се карикатурални (Манчевски вели дека снима поради самите филмови, а не за публиката), ликовите кои ги гледаме во „Врба“ се живи, тие се наши соседи, пријатели, весели и тажни, со реплики кои неретко разоружуваат. Таа негова игра со секојдневното и ефемерното претставена преку зборови и филмски слики, од која на крајот успева да извади многу крв, пот и солзи залиени со еден тон мед претставува голема вредност на филмот, која ќе биде препознаена од пошироката публика. Бидејќи, на крајот од краиштата, функцијата на уметноста е да ги придвижува работите, а „Врба“ го прави токму тоа, провоцира и отвора многу прашања, иако не на начин на кој тоа можеби би го направиле авторите од современата романска кинематографија, кои на оваа провокативна тема веројатно би навлегле уште подлабоко во сржта погледнувајќи на аномалиите во распаѓачкиот државен здравствен систем директно в очи, а не само површински чепкајќи ги болните точки преку мали детали. Но, реалноста отсекогаш болела многу повеќе од филмот.
Всушност, „Врба“ е успешната верзија на она што Манчевски сакаше да го направи со „Сенки“ во 2007 година. Тогашната гала премиера на филмот во Универзалната сала предизвика големо внимание, како и неговата подоцнежна дистрибуција низ државата. По ист терк се одвива и планот за новиот филм, овој пат со гала премиера во репрезентативниот филхармониски храм, кадешто само пред година и кусур еден веќе непостоечки медиум го прослави својот прв роденден со видни гости од општествената и политичката елита. Новото остварување на Манчевски ги занеме присутните на премиерата, кои молкот на крајот го претворија во громогласен аплауз и честитки за екипата, која гордо се поклони пред присутните. И со право, бидејќи продукцијата на „Врба“ не се толку залудно потрошени пари како оние за жалните врби во Вардар кои се’ уште ѕиркаат од реката и не’ потсетуваат на едни времиња кои, по инерција, можеби се’ уште се тркалаат крај нас. Затоа што, кругот не е тркалезен!
Со тенденција да го видат што повеќе луѓе во кино салите, филмот веќе си го живее сопствениот живот во умот и срцата на публиката, надевајќи се и на интернационални фестивалски награди во периодот што претстои, кога веќе првата можност во Рим го одмина. За остварување на посакуваното, а надоврзувајќи се на фолклорниот дел од приказната во филмот, можеби решението лежи во успешното изговарање на брзозборката „На врx брда врба мрда“ што повеќе пати. Со среќа.