Кон „Втора младост, трета светска војна“ на Бернајс пропаганда

На 04 септември минатата година излезе петтото студиско издание на Бернајс пропаганда насловено „Втора младост, трета светска војна“. Оттогаш помина доволно време за овој албум да се преслуша, да се пропушти низ филтрите, и на крајот, како феникс од пепелта да изнедрат зборови со кои ќе се опише она што оваа дружина им го пренесува на своите слушатели и фанови.

Уште со самиот наслов, бендот навестува дека веќе ја живее својата „втора младост“, бидејќи петто албумско остварување во нивното десетгодишно постоење е достигнување вредно за почит, особено доколку сте свесни дека „третата светска војна“ одамна е започната, а ние/тие (не) сме/се сосема свесни за тоа. Обвивката на албумот го поддржува ова спознание асоцирајќи на македонското знаме, или можеби на крушевскиот „Македониум“, чии зраци влегуваат или можеби се одбиваат од главата на граѓанинот, како краен конзумент на содржината внатре.

За анализата на овој албум важно е да потсетиме на претходникот, „Политика“ од 2016 година, бидејќи со тоа звучно остварување Бернајс најавија промени кои експоненцијално ќе се случуваат во понатамошната нивна кариера, и така и се случи. На „Политика“ за прв пат недостатокот од тапанар беше соодветно заменет со ритам машини, иако звукот и понатаму беше оној нивниот, препознатливиот. Но, ако „Политика“ сега веќе знаеме дека претставува премин, тогаш „Втора младост, трета светска војна“ е радикално поигрување со сопствените идеи, на моменти одејќи на ризичната граница од возможното, бидејќи навидум се’ е исто, а сепак не е. Бернајс пропаганда никогаш и не се грижеле за тоа што ќе кажат другите, туку секогаш својствено се труделе да создадат дело кое претставува отсликување на општатат состојба кога истото тоа дело е создавано, што е релевантен доказ за нивниот силен уметнички кредибилитет, колку тоа вам и да не ви се допаѓа.

Со респектибилна екипа од различни гости, секоја тема на петтиот албум на групата претставува свој свет, и колку тоа да изгледа хибридно и различно, на крајот сепак ја држите целината в раце. „Втора младост, трета светска војна“ не започнува со дел од државната ни химна, но истиот е обременет со моментните политички случувања кај нас, впрочем, како и на сите албуми на Бернајс. Сепак, овде ставот е прикажан во директен говор, а не преку приказните и доживувањата на ликовите/песни, што беше формула која функционираше на претходните албуми, сето тоа спакувано во, условно, опскурни аранжмани, како приказ на времето во кое живееме, како дупка во која отуѓувањето длаби се’ подлабоко, а светлината на крајот од тунелот како да е недофатлива. Бернајс се тука да ја констатираат состојбата, но не и да го дадат одговорот. Впрочем, кој може тоа да го стори? Кој?

„Втора младост, трета светска војна“ го отвора темата „Ретки билки“ со ритам кој горе-долу се провлекува речиси низ целиот албум, како репетитивен модул кој не ви дава многу простор за маневрирање. Изненадувачки момент е дувачката секција (Александар Ниниќ на тромбон и туба и Вилијам Баракоски на труба) која како новина во звукот на бендот дава зрак на надеж во неколку од темите на албумот. Потенцирањето на реткоста како особина која ќе го спаси светот е идеја која неретко е поврзувана со овој бенд: „Зашто ретки билки сме, само така растеме, само кога сакаме…“ Клаустрофобичниот звук е совршено доловен и во спотот за темата режиран од Милан Блажевски, кој е доволно авангарден за да прати сублиминални пораки до оние кои ќе се осмелат да го погледнат. И ова не го пишувам без причина, затоа што Бернајс пропаганда, и покрај кокетирањето со комерцијалните станици со нивниот хит „Лажи ме“ од претходниот албум, повторно се најдоа на „отстрел“ и речиси и да не ги слушаме темите од новиот албум на радио, а не дај Боже некој од спотовите да им се пушти на телевизија. Скраја да е.

Во манир на насловната тема од претходниот албум, каде стиховите „долга е раката, двоглава е птицата, трнлива е розата“ се јасна алузија на нашата триесетгодишна транзиција, во наредните теми бендот, текстуално, се движи на линијата на политичкото, отворено говорејќи за „ние и тие“, за „слепите робови и послушници“, за „вежбање држава“, за „чаталот и катапултот“ наспроти „светската полиција“, итн, итн, нешто што сме го насетувале и сме го добивале во дозирани количини и на претходните остварувања, но овде е доведено на ниво на протест, гласен крик против сите политички неправди.

Како контрапункт на трезвениот зоон-политикон поглед на светот се наоѓаат скриените бисери на овој албум, како начело врз кое треба да се гради иднината, онаа недофатлива иднина за која сонуваат токму „ретките билки“, скриени од овој проклет свет. И ако „Не сме фини еден со друг“ претставува реминисценција на едно не толку далечно време кога сме се „смееле од срце“, а во меѓувреме „нов град никнал“, тогаш во „Марија“,  која е олицетворение на едноставна личност, полна со љубов, песна/девојка која сака да диши чист воздух со полни гради, да живее триесет, а не три дена во месецот, која не сака да брои лајкови, туку да живее овде и сега, Бернајс како да ја повикуваат познатата сентенца „сакам сега и сакам се’“, колку тоа во моментов да звучи неверојатно. Но, како беше онa, „надежта последна умира“, нели.

Други два битни момента на албумот на Бернајс се темите „Ќерка на гладот“ и „Ништо нема да не’ раздели“. Базирана врз стиховите на Коста Солев Рацин, „Ќерка на гладот“ не’ потсетува на звукот од најдобрите денови на бендот во минатото, низ една елегична атмосфера која ве стаписува, но истовремено и ве опушта, иако и во таа lazy ситуација легитимно е да се постави совршено важно прашање за презирот и потсмевот, за омрзата и бдеењето: „ох, зошто тоа така е?“ Од друга страна, „Ништо нема да не раздели“ на која гостуваат Мајк Ват со цврстиот бас звук и Тони Китановски со типичните гитарски пасажи во негов стил, доколку повнимателно ја чуете, во нејзината срж, таа всушност претставува засебен свет, и можеби ќе звучи претенциозно, но таа е првата џез тема на Бернајс пропаганда во нивното десетгодишно егзистирање на сцената. „Го легнувам Скопје за да сонувам… И ништо никогаш нема да не’ раздели“. Моќно!

И конечно, албумот се заокружува со деветтата тема насловена „Злобен фанк“ во соработка со Стојче Цветановски, тема-сублимат на целиот албум , опис на замислата што всушност треба да претставува овој звучен излет на Бернајс во (не)познатото. Темата која доби и видео запис во „соникјутовски“ стил ја следи класичен електро денс звук и веројатно совршено функционира на подиум. Со тоа Бернајс како да кокетираат со случувањата во музичката историја од крајот на 70-те и почетокот на 80-те години од минатиот век, кога по заминувањето на Ијан Кертис во некој поубав свет, старо-новите „Њу ордер“ од мрачниот манчестерски звук на „Џој дивижн“ запливаа во сосема нови води. До годините ли е, до зрелоста ли е, до збоктисувањето од еден ист израз ли е… веројатно од се’ по малку. Зашто, „ да беше ова филм, ќе ја исечев лентата, и би ги оставила сцените што вредеа…“, пее Кристина Гороска  во една од темите, но, и овој албум, како и сите други, мора да се преслуша во целост, нема „сечење-лепење-монтирање“, бидејќи на животот, како и на дискографијата на една група, се гледа во целост, со сите доблести и мани во меѓувреме.

Како и да е, крајната констатација е дека музиката на „Втора младост, трета светска војна“ служи како платформа преку поезијата да се пренесат пораките до слушателите. Ритам машините создаваат подлога на која се надоврзуваат останатите инструменти и гости, но на крајот, како да ја немаат финалната, разорна моќ на музичкиот универзум од првите три албуми на бендот. Но, тоа мораме да го прифатиме како реалност, бидејќи сосема легитимно е Бернајс пропаганда да се менува и да зема различни наличја. Стилистички разновиден, но идејно стабилен, албумот на Бернајс  претставува уште еден опис на отуѓувањето на човек од човека, со назнаки дека меѓу ретките билки се’ уште има некој кој размислува, дека постои некој што ќе го крене својот глас, и дека се’ уште ништо не е залудно… веројатно до следниот издаден албум, кој веќе нетрпеливо го очекувам.

Војната започна, и нема враќање назад!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *