РЕТРО: Точка на љубовта

Кон „Zabriskie point“ (1970) на Микеланџело Антониони

Ова е едноставно – култен филм! Снимен кога спласнуваше едно големо историско придвижување на човечката позитивна енергија, „Котата Забриски“ на италијанскиот маг Микеланџело Антониони е еден вистински одговор на хипи движењето и на сето она што тоа го претставуваше (или само си мислеше дека го претставува). Бидејќи, да бидеме искрени, во хипи филозофијата закрила најдоа и разни шарлатани и манипуланти, кои само му наштетија на одличниот концепт на создавање креативен универзум, во кој би имало место за сите.

Филмот започнува со сцената која претставува вистинска филмска лектира: на еден калифорниски универзитет, студентите дискутираат за демонстрациите што треба да ги организираат против власта. Следејќи ја динамиката на разговорот со камера од рака, меѓу разните револуционерни карактери се наоѓаат и Марк и Дарија, кои оваа ситуација по малку и ги заморува. Подоцна овие двајца протагонисти, по игра на случајот, ќе се запознаат во „Долината на смртта“, на еден поетично-романтичен начин. Имено, Дарија работи за една голема проектантска фирма и таа со својот автомобил тргнува во потрага по атрактивно земјиште, додека Марк, откако неправедно е обвинет за убиство на полицаец за време на демострациите, краде еден спортски авион и заминува во бегство на единственото сигурно место – пустината.

Низ една неврзана игра преполна со симболика(црвениот џемпер, опен роуд филозофијата…), Марк и Дарија одеднаш се наоѓаат во ситуација далеку од урбаниот начин на размислување, на место во кое доминираат духовите на далечните предци. Токму во тој момент, тие се оние вистинските, модерни хипици, кои можат да ја искусат вистинската слобода на егзистирањето, која завршува со една од најмаркантните љубовни сцени воопшто, кога во пустината, вклучувајќи ги и главните ликови, со прпелкање и низ дива игра во непрегледната песочна идила, љубов водат илјадници млади двојки. Фабулозно и незаборавно!

Останувајќи доследен на својот концепт уште од почетокот на филмот, режисерот приказната ја завршува деструктивно, прво со фикцијата на Дарија дека куќата на нејзиниот газда во пустината одеднаш експлодира (оваа идеја ја искористи три децении подоцна и Фетбој слим во еден свој спот, оној со фрижидерот и шкафовите), додека судбината на Марк беше, и остана неговата неминовна смрт, со која авторот го заокружува апсурдот на цела една генерација која се обидуваше светот да го направи попристојно место за живеење.

Иако за мнгоумина филмофили „Blow up“ е најсилното филмско дело на италијанскиот режисер со интернационална кариера, сепак, неговиот единствен „американски излет“ за мене е неговиот мастерпис, бидејќи во него на идеалне начин се вклопени авторскиот шмек, филмскиот занает, отвореноста кон медиумот и коментарите што тој дозволува да се дадат, сето тоа надополнето со фантастичен саундтрак, за кој се погрижија автентичните и безмилосни Пинк Флојд во слатка, акустична варијанта, придружени од Грејтфл дед, Калеидоскоп, Ролинг стоунс, Џон Фахи, Јангбладс и Пети Пејџ.

Прочепкајте низ градските видеотеки или низ филмските архиви на вашите пријатели, пронајдете го и погледнете го овој филм. Ќе ве просветли!

@Текстот е објавен во јунскиот број на „Урбан магазин“ 2002 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *