Утрово ме дочека веста за заминувањето од овој свет на мојот омилен современ американски писател Пол Остер. Тој беше единствениот автор од другата страна на Атлантикот чии книги ги чекав со голема нетрпеливост. За жал, не на македонски јазик, бидејќи кај нас, ако добро паметам, му се преведени вкупно четири книги, од кои само за едната сум сигурен дека има совршен превод. Со останатите три се обидов, но набргу ги ставив на страна и ги заборавив. А работата добро тргна: „Табернакул“ на македонски јазик ја објави „Њујоршка трилогија“, камен-темелникот во неговиот книжевен опус, но потоа Остер беше заборавен, освен оние неколку неуспешни обиди за кои не сакам да пишувам.
Ова богатство во домашната библиотека го имам благодарение на белградската издавачка куќа „Геопоетика“, која ревносно го преведуваше секој книжевен излет на Пол Остер. Дури и еден од романите (не се сеќавам кој) имаше светска премиера токму на српскиот пазар, како убава ексклузива. Пријателството на Владислав Бајац со Пол Остер резултираше со крупен издавачки потег благодарение на кој и ние, читателите од регионот, имавме можност навремено да се нурнеме во богатиот раскажувачки свет на њујоршкиот гениј, чија глад за раскажување никогаш не беше јасно кон каде ќе го одведе, како него како автор, така и нас како читатели.
Листајќи по архивите, наидов само на еден текст кој сум го посветил на една од многуте книги на Остер кои ги сакам и ми значат. Почувствував како да сум го предал. Тој текст е пишуван пред 20 години и се однесува на неговата тогаш актуелна книга „Пророчка ноќ“. Секако, од оваа дистанца текстот веројатно би изгледал поинаку, но нејсе, еве го на увид, како потврда на се’ досега кажано и напишано.
Што е она што ме привлече во делата на Пол Остер? Па пред се’, тоа што главниот град на светот, Њујорк, во кој живееше и твореше, ми го даде на дланка. Од “баукот” Њујорк тој го претвори во дофатлив и прифатлив Њујорк за сите нас, со сите вклучени “бруклински будалаштини”. Неговите приказни ми го потврдија она што веќе го знаев, дека главна предлошка во книгите на еден автор треба да бидат личните приказни, семејните односи и релации, кои спротиставени на останатиот свет, го претставуваат она универзално ткиво кое ќе го препознае секоја читателска публика. А тој тоа го правеше на волшебен начин, како што наведувам и во самата рецензија, со раскажување на „приказна во приказна, каде границите на реалноста и фикцијата се губат, ликовите го менуваат идентитетот, реалноста дури станува и банална, а веќе на следната страница преполна со нови значења, вклучувајќи ги и илјадниците подтекстови кои писателот ви ги фрла не пред, туку под очи, само ни даваат краен читачки хедонизам, дури и при нивното макар и малечко разоткривање“.
Уште една значајна карактеристика на неговиот ракопис е тоа што имаше европски сензибилитет, како да го читаш еден Кундера, на пример, а истовремено неговите приказни се толку многу американски. Ова е „превртен“ пример на оној со режисерот Вим Вендерс, чиј пристап во своите филмови е толку многу американски, дури и повеќе од самите американски филмаџии, а тој е сепак наш, европски режисер. Впрочем, пред книжевно да експлодира, Остер во 70-те долго време престојува во Париз каде ја подготвува својата „книжевна матура“ во следните неколку децении.
Уште една значајна нишка за „љубовта на прво читање“, или „на прв поглед“, е поврзаноста на Остер со седмата уметност. Неговите книги се богати со приказни, но режисерите не се одлучуваа туку-така да ги екранизираат, бидејќи се голем предизвик. Затоа Остер сам ги зема нештата во свои раце, и потпиша неколку сценарија, а истовремено и режираше неколку филмови. Секако, најнезаборавен меѓу нив е „Smoke“ од 1994 година, во кој Вилијам Х’рт е алтер егото на писателот, кој се инспирира од ликот на Харви Кајтел како локален њујоршки бакалџија, кој собира едноставни, човечки приказни од неговите муштерии. Прекрасно! Една година подоцна беше снимено и продолжението насловено „Blue in the face“, во кое слушаме еден куп приказни раскажани од Лу Рид, Џим Џармуш и други познати фаци. Овој филм Остер, освен што го напиша, и го режираше заедно со браќата Ванг.
И на крајот… 4, 3, 2, 1… како што гласи и насловот на неговото капитално дело, одбројувањето беше започнато од поодамна. Долго време по овој роман немав прочитано ништо од, или за Остер, се’ до неодамна, кога налетав на напис во кој пишуваше за неговото влошено здравје и долгогодишната борба со ракот. На оваа состојба и’ претходела ситуација во која еден од членовите на неговото потесно семејство излегува надвор од зацртаниот животен колосек, и на прилично идиличната состојба во опкружувањето на славниот американски писател, и’ дава друга насока на движење. Слично како и во неговите романи, каде суптилно се мешаат реалноста и фикцијата. Затоа Остер е голем, затоа неговите дела ќе се вбројат меѓу најзначајните во американската и светската литература кон крајот на минатиот и почетокот на овој век.
Збогум Пол, ќе недостасуваш!
П.С. Сигурно се прашавте што бара насловот „Се’ што сакав“ на врвот од насловната фотографија? Тоа е романот на неговата животна сопатничка Сири Хуствет, која, како и Остер, е брилијантна раскажувачка. И „се’ што сакав“ е само да ја потврдам таа значајна творечка спрега меѓу сопружниците 😉