Птицата подбивница Харпер Ли

На денешен ден во 1926 година е родена американската романсиерка Нел Харпер Ли, чиј роман „Да се ​​убие птицата подбивница“ (To kill a Mockinbird) ја освои Пулицеровата награда во 1961 година. Со тоа Ли стана вистински раритет меѓу писател(к)ите, бидејќи само со една објавена книга таа стана класик во модерната американска и светска литература.

Заплетот и ликовите во книгата се засновани на набљудувањата на Ли на нејзиното семејство и соседите во Монровил, Алабама, како и на настан од детството што се случил во близина на нејзиниот роден град во 1936 година. Романот се занимава со ирационалноста на расистичките ставови кај возрасните, како и со класната раслоеност во 30-те години на минатиот век на американскиот југ, сето тоа прикажано низ очите и размислувањата на две деца.

Од другите референци поврзани со Ли, да споменеме дека таа му помогнала на нејзиниот близок пријател Труман Капоти во неговото истражување за книгата „Ладнокрвно убиство“ (In Cold Blood), која исто така стана општо и препознатливо место во американската литература. Инаку, нејзиниот втор роман „Оди и постави стражар“ (Go Set a Watchman), всушност претставува претходен нацрт за „Птицата подбивница“ и беше објавен во јули 2015 година – како продолжение. Според мене, сосема непотребен потег, реализиран, претпоставувам, од комерцијални побуди.

Харпер Ли во текот на својот живот доби бројни признанија и почесни дипломи, вклучувајќи го и „Претседателскиот медал на слободата“ во 2007 година, кој и’ беше доделен за нејзиниот важен придонес во литературата. Почина на 19 февруари 2016 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *