Зградата „Бредбери“ во Лос Анџелес

Деновиве, после неколку зими, конечно падна снег, а Калифорнија, за жал, ја голта безмилосен оган. Одамна членувам во една група на фанови на филмот „Блејдранер“ (признавам, тоа ми е омилениот научно-фантастичен филм), и таму загриженоста, покрај човечката, нели, беше и дали пожарот ќе ја зафати популарната зграда „Бредбери“ во Л.А.. За среќа, информциите велат дека квартот во кој се наоѓа не е во опасната зона. Веќе претпоставувате, се работи за зградата во која се снимени сцените во апартманот на Џ.Ф. Себастијан (Вилијам Сандерсон), како и бркотницата на кровот, кога репликантот Рој Бети (Рутгер Хауер) ја изговара антологиската реченица „All those moments will be lost in time, like tears in rain“. Oттаму и загриженоста на фановите. Еве мал историјат за значењето на оваа популарна градба во центарот на калифорниската метропола, со бонус изненадување на крајот од приказната 😉

Зградата Бредбери е архитектонско обележје во центарот на Лос Анџелес. Изградена во 1893 година, петкатната деловна зграда е најпозната по својот извонреден атриум со оклоп со пристапни патеки, скали и лифтови и раскошнo изработеното ковано железо. Зградата е нарачка од милионерот Луис Л. Бредбери, а изградена е од архитектот Џорџ Вајман според оригиналниот дизајн на Самнер Хант. Поради нејзината атрактивност, таа се појавува во бројни романи и е место на многу филмски и телевизиски снимања и музички спотови. Во 130-те години постоење, оваа градба беше мултинаменска. Во новиот милениум во нејзините простори(и) се сместија разни институти и студија, како и уметнички галерии и музеи. И што е најважно, таа е постојано отворена за туристите, кои сакаат да уживаат во нејзиниот откачен ентериер, кој наликува на сликите на Ешер.

Ете, на овие фотографии замислете полузатемнета атмосфера, снопови светла кои пробиваат од улицата, малку чад, и веќе сте внатре, во сцена од „Блејдранер“. Филмот на Ридли Скот од 1982 година, иако на почетокот не беше добро прифатен, во меѓувреме доби култен статус, оттаму и загриженоста на фановите за опстојување на зградата, бидејќи повеќето од нив, кога им се укажала можност да го посетат Л.А, ја посетиле „Бредбери“ зградата за, барем на момент, да го доживеат филмското чувство што ги прогонува со години.

Покрај „Блејдранер“, во ова велелепно здание се снимени сцени од еден куп филмови, серии и музички спотови. Да споменеме само дел од нив:

филмови:  China Girl (1942), The White Cliffs of Dover (1944), Indestructible Man (1956), Caprice (1967), Marlowe (1969), the 1972 made-for-television movie The Night StranglerChinatown (1974), The Cheap Detective (1978), Avenging Angel (1985), Murphy’s Law (1986), ‘’Midnight Cabaret’’ (1990), The Dreamer of Oz (1990), Wolf (1994), Lethal Weapon 4 (1998), Pay It Forward (2000), What Women Want (2000), (500) Days of Summer (2009) and The Artist (2011).

телевизиски серии: The Outer Limits, Perry Mason, 77 Sunset Strip, BanyonCity of AngelsMission: Impossible (1966–73), Pushing Daisies, FlashForward, CSI: NY, FameBosch

видео спотови на Cher, Janet JacksonEarth Wind and FirePhil Seymour and Genesis, the Pointer Sisters‘, Huang ZitaoItzy, Justin Timberlake ft Chris Stapleton

Се надевам дека еден ден ќе бидам во можност да го посетам Л.А. и да уживам во магичноста на „Бредбери“ зградата, која е навистина уникатна.

A кога сме веќе на тема „Блејдранер“, пред одредено време наидов на фотографии од хотелот „Ryugyong“ во Пјонгјанг, чие здание многу ме потсети на легендарната зграда во која престојува креаторот на репликантите, доктор Тајрел (Џои Туркел). Малку прочепкав, и еве што открив, како бонус кој го најавив на почетокот, во воведот.

Се сеќавате, нели? Главниот блејдранер Декард (Харисон Форд) пичи низ воздухот со полициското возило, музиката на Вангелис е феноменална, а чувството величенствено футуристичко. Не знам дали архитектот на зградата во Северна Кореја е инспириран од филмот на Ридли Скот според визијата на Филип К. Дик, но тоа и не е важно.

Приказната вели дека хотелот „Ryugyong“ е волшебно архитектонско чудо кое раскажува приказна за амбицијата и издржливоста. Зградата има 105 ката, и оваа градба во облик на пирамида е симбол на надежта на севернокорејскиот народ, но истовремено и енигма откако изградбата запре во 1992 година поради економските тешкотии. По две децении работите финишираа во 2008 година, но сепак хотелот остана неотворен, како нем сведок на историјата на земјата. Нејзината впечатлива стаклена и метална фасада ја доловува имагинацијата на сите што гледаат во неа, правејќи ја фасцинантна знаменитост што предизвикува љубопитност и интригантност.

„Ова не е брутализам, ова е нео-футуризам“, би изјавил лидерот Ким Џонг-ун доколку случајно (или намерно) го изгледа „Блејдранер“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *