Кон филмовите „Денот кога ја изгубив мојата сенка“ и „Сè уште се снима“
Тhe Day I lost my shadow (Yom Adaatou Zouli)
Сирија/ Либан, 90 мин, 2018
Режија: Soudade Kaadan
Still recording (Lissa ammetsajjel)
Сирија/Либан, 122 мин, 2018
Режија: Saaed Al Batal, Ghiath Ayoub
Сосема непознатата сириска кинематографија во последниве години се крева како феникс од пепелта и почнува да создава дела кои на светската фестивалска публика им ја раскажува приказната за суровата војна на која во оваа земја на Блискиот исток сè уште не и’ се гледа крајот. Уметниците мораат да творат, да документираат и да поставуваат прашања преку своите дела, а токму Седмата уметност ја има апсолутната моќ за таа цел. Неодамна имав несекојдневна можност во краток период да изгледам два филма од современата сириска кинематографија (во копродукција со пријателскиот Либан) и да се уверам во новата тенденција која ја зафати филмската фела од пошироките простори зафатени од т.н. „Арапска пролет“, да се создаваат дела кои отворено зборуваат за општествата кои сè уште се во војна, или пак оние кои излегоа од пеколниот вител на воените пци, но се соочуваат со трансформација која се врти во сопствениот маѓепсан круг, при што ветените промени никако да тропнат на вратата.
„Денот кога ја изгубив мојата сенка“ е дебитантско остварување на режисерката Судаде Кадан, родена во Франција, меѓутоа, своето филмско образование го стекнува во Сирија и Либан. Филмот веќе има три фестивалски награди зад себе, оние од Лос Анѓелес и Ванкувер, но највредната меѓу нив секако е „Златниот лав“ од Венециската Мостра од минатата година, кога филмот беше прогласен за најдобро прво остварување во многу силната конкуренција со наслови од целиот свет. Токму од Венеција и започна патувањето на ова филмско дело, кое не’ навраќа во зимата 2012-та, на почетокот од војната во Сирија, кога основните ресурси за преживување во велелепниот Дамаск се’ повеќе недостасуваат. Младата докторка и самохрана мајка Сана се обидува да го одржи нормалниот тек на настаните во животот со синчето, но еден ден, во намера да зготви ручек за обајцата, и’снемува плин. Потрагата по можност повторно да и’ биде наполнета боцата со гас ја носи на периферијата од градот каде веќе владеат други правила на игра, и каде ќеги запознае братот и сестрата Џалал и Рем со кои ќе сподели иста судбина и ќе ја помириса смрдеата на надоаѓачката војна.
Снимен во манир на најдобрите остварувања од европската кинематографија, филмот на Кадан на суптилен начин, низ призмата на сосема обичните луѓе, ни раскажува за кругот на животот во кој еден ден си среќен и на тронот, а веќе следниот си соочен со неприродна ситуација во која гледаш да спасиш жива глава. Иако филмот можеби не бил толку тежок за реализација бидејќи војната е таму некаде, зад полето, при што слушаме само експлозии и пукотници, па затоа за задржување на вниманието на гледачот била потребна солидна актерска екипа која ќе ја носи приказната на своите плеќи. Секако, тоа и се случува, а режисерката успеала и траумите од кафкијанското талкање по ничија земја да ги обремени со допадлива симболика, во која се вели дека дрвото на маслинката не умира, бидејќи гранките паѓаат на земјата и од нив потоа никнува ново маслиново дрво. Сепак, главната симболика во филмот, како и неговиот наслов, лежи во присуството или исчезнувањето на сенката, како меѓник меѓу реалноста и оностраното, за на крајот сторијата да биде заокружена со едноставната реплика: „Немој да се плашиш“, откако некој непознат силно тропа на вратата, а мајката, по преживеаното искуство, го храбри синот да биде силен и да и’ пркоси на ситуацијата, каква и да биде таа.
За разлика од „…сенка“, доку-филмот „Сè уште се снима“ на двоецот Саед Ал Батал и Гиат Ајуб на ланската венециска Мостра се закити со дури седум награди, од онаа на филмските критичари „ФИПРЕСЦИ“, до специјалната награда на жирито во селекцијата „Недела на критиката“ и веројатно највредната, за најдобар филм од публиката.
Ова остварување е уште еден доказ дека новите, дигитални технологии, се одлична можност секојдневно да се документираат случувањата околу нас, особено доколку се работи за воена состојба, за која и раскажува ова остварување, враќајќи нè повторно на почетокот од сириската војна и покривајќи ги случувањата и во следните три ипол години на територијата на окупираниот град Дума, кој е под контрола на бунтовниците. Приказната го следи секојдневието на двајцата пријатели (авторите на филмот) и нивните познаници, бележејќи ја трансфорамцијата на градот и неговите жители кои поминуваат низ вистинско лудило, не знаејќи во кој момент ќе бидат бомбардирани. Саед и Милад во такви околности се обидуваат да покренат графити проект, но работите се изјаловуваат по контроверзниот хемиски напад врз Источна Гута. По губењето на еден од блиските пријатели, Милад сепак одлучува да го оживее уметничкиот проект со сликање на шарени графити врз сивите, срушени ѕидови на градот, и барем за момент да внесе светлина во животот на децата кои постојано живеат во темнината на подрумските простории. Интересно, двочасовниот филм е создаден по 500 часови снимен материјал од страна на четири сниматели, кој содржи многу сурови моменти како безброј мртви тела при нападот врз една станбена зграда, интервју со еден снајперист додека е на позиција, како и сцени снимени директно на линијата на фронтот, каде и животот на авторите бил во опасност. Токму затоа и завршната посвета на филмот гласи „посветено на сите оние кои носеле камера во борба и кои загинале“. Сепак, некаде во позадината на случувањата, на будното око на профилираниот гледач нема да му се провлечат одредени кадри во кои се гледа дека екипата сето чувство на опасност и возбуда го постигнала за време на монтажата на филмот, но тоа не ја намалува нивната храброст да се соочат со реалноста и преку филмското дело да проговорат за случувањата на улиците на својата земја.
Можеби злобниците би искоментирале дека појавувањето и наградувањето на овие два сириски филма на светските фестивали е „фаќање на моментот“ токму тоа да се стори, но на работите може да се гледа и од позитивната страна на нештата, бидејќи токму ставањето во фокус на сириската кинематографија истовремено претставува и ветер во крилјата на тамошните филмаџии, кои треба да продолжат да работат и во следните години на јавноста да и’ подарат уште многу дела, за на крајот од квантитетот неминовно да се појави и квалитет.
(Текстот е објавен и на kinoteka.mk)