Во текот на тринеделниот престој на книжевната резиденција во Пазин, мои драги соседи беа дечките и девојките кои работеа на зип-линијата чија патека ве вози над длабоката пазинска јама. Мојот балкон и првата платформа се оддалечени 5-6 метри, и во периодите кога подолго бев осамен работејќи на новите ракописи, баш ми беше драго кога ќе ја чуев екипата со новата група посетители, како врескаат додека адреналинот им шиба во срцето. Сето ова претставуваше добра психолошка подготовка за мојот писателски прелет над јамата, кој го оставив за претпоследниот ден, пред заминувањето.
Утрото испив кафе, се средив, и по 10 часот, кога слушнав дека доаѓа првата група, излегов на балконот и го прашав Ловро (неговото име го слушнав додека преку токи-воки комуницираше со колегата) кога би било фино да дојдам на зип-линијата. Тој ми рече веднаш, бидејќи напладне им се најавени неколку групи странски туристи. Го послушав и зашибав кон почетната точка, од другата страна на јамата. Како гостин во „Куќата за писатели“ ми дадоа попуст, почекав уште десетина минути, и веќе се собра група од 11 авантуристи подготвена за прелет преку карстот.
По мал вовед во кој Ловро ни кажа што смееме, а што не, се симнавме на првата платформа долу. Време беше за првиот прелет со брзина од 40 км/ч, во траење од 15 адреналински секунди. Бев посоветуван прво да го почувствувам возењето поради кочницата на крајот, а при вториот прелет, да го снимам доживувањето со телефонот. Океј, како ќе кажете 😉
Супер беше првата „вожња“, не гледав долу многу-многу, и со еден голем „лајк“ упатен до сопатниците им демонстрирав дека е навистина кул целата работа. А да, јас испаднав прв, па потоа сите после мене. На платформата чекав да дојдат и останатите десет, кои меѓу себе комуницираа на германски јазик, а со водичот Ловро на англиски.
Океј, дојде време за прелет преку подолгата патека за 40 метри, со брзина од 50 км/ч. Го подготвив телефонот, и со свиркање на основната тема од „Индијана Џонс“ си поминав квалитетни 20 секунди над пазинската јама. Бесценето.
И така, заврши и оваа моја последна пазинска авантура. Indiana Jones is still alive 🙂
На крајот, останува само да се заблагодарам на прекрасните домаќини Ива, Давор, Зоран… кои мојот престој го направија да се чувствувам како дома. Поздрав и до љубезната продавачка во „Антица“ која ме хранеше со вкусни „Цукеранчиќи“, љубезната продавачка на билети на автобуската станица која ми наоѓаше термини да ги посетам приморските градови на прекрасната Истра, Ловро од зип-лајн и Мартин, кој претходно со велосипеди ме прошета низ централна Истра, потоа, Тијана и екипата од Туристичкиот инфо-центар и од книжевниот клуб во Пазин, прекрасната Ингрид од туристичката агенција „Континео“, која организираше посета на Голи оток, несекојдневно доживување за кое ќе пишувам деновиве, и секако, голема благодарност на Градот Пазин за довербата да бидам еден од годинашните учесници на прекрасната книжевна резиденција, успевајќи да довршам дури два започнати ракописи. Се гледаме, се надевам, веќе следната година. Живели 😉