Скопска усвитена жега. Болскотна острица на летото испосекла и ослепила сѐ околу себе. Бавност и подзамижаност. Никој да мрдне, ништо да претне. Малкуто дрвца во уличето скржаво си ги чуваат скудните ладовинки. Само за своето проретчено лисје. Половина Дебар маало заминало да се капе во какви било води, другата половина ете ја заточена во своите затемнети, климатизирани зандани. Вештачка подносливост зад смекнатите за’рѓани решетки на запарата. Марјан ја тресна вратничката од дворот и со брзи чекори се упати кон „Идадија“. Да се напие едно кафе додека сврти некој телефон. Ги сакаше карираните чаршафчиња, особено кога ќе ги засука некој безобразен ветар, а пепелникот и карафиндлот гордо ѝ ја чуваат честа на масата, не дозволувајќи да биде угол гола. Немаше ни најмало ветре, ама желбата за ненадејна алина му го помести непослушното перче на проќелавената глава.
– Дај едно продолжено еспресо, Ивица – му довикна на келнерот уште неседнат. Ги закова очите на таблата „ЖИВКО ЧИНГО“, џбарајќи во џебот по цигарите. – Ова е единствената улица во градов на која новото име ѝ е поубаво од старото.
– Зошто? Што му фалеше на „Раде Кончар“? – рече Ивица подавајќи му го кафето без да го погледне.
– Ништо. Ама „Живко Чинго“ ми е некако поубаво. Писател е човекот, одма е подруго. Некако пописмена станува улицата.
– Мразам писатели – просаска Ивица низ заби.
– Јас пак, мразам келнери, ебати келнерот!
– Еј, Мацкоооо, кај си, бе, брат!? Не сум те видел цело лето – довикна еден човек од соседната маса и без да чека одговор, си го зеде пивото и му дојде на масата на Марјан. – Што правиш, не си негде? Жив човек нема во градов, сам пијам пиво како пес.
– О, Сашо! Еве, бе, брат! Проблеми, не знам од кај да фатам.
– Што така?
– Организирам како да ги венчам мајка ми и татко ми, без да излегуваат. Да дојде матичар дома да ја завршиме таа работа. Кај да ги м’кнам по вруќиниве, човече.
– Аман, бе? Нели твоите се разведени?
– Да, бе! Триесет години се разведени, ама сега решивме со сестра ми пак да ги венчаме.
– Што збориш, бе? Па, сакаат ли?
– Ма јок, сакале! Да сакале не ќе се ни разведувале. Ама ич не ги вртам више, да ти кажам. Им кажав дека не мора да се смируваат, ама мора да се венчаат.
– И?
– Стариот не рече ништо, само молчи, како секогаш. А и неарен е последниве месеци…
– А мајка ти?
– Што ќе каже и таа, бе, брат!? Што има уште да ни каже после сѐ. Како ќе кажете деца, така, ни рече и продолжи да си гледа серија во пижами. Дење-ноќе во пижами! Да ти ебам и серии и све! Ми иде да ѝ го земам даљинскиот и да го заџипам у пичку матер!
– Аман, бе! Што да прави жената на тие години…
– Еве, нека се облече барем, нека се спреми за мажачка – Марјан го сркна кафето на екс, извади метална 50-денарка, ја остави на карираното црвено-бело чаршафче, го потчукна Сашо по рамото и си замина. Со брзи чекори и телефонирајќи некому се упати накај „Наџак“.
Очите на Ивица и на Сашо се сретнаа, подзастанаа за миг, но се разминаа без да трепнат. Никој не рече ништо. Сашо повторно си го зеде пивото и се врати на масата каде што седеше претходно. Сам како пес. Во далечините застружеа жеже-пече, жужалци, штурци, скакулци, што ли…
* * *
Драгица и Станко живееја во Дебар маало цел живот. Заедно учеа од прво одделение до матура. Маалски другарчиња. Кога се зедоа, речиси никој и не им честиташе, зашто ги мислеа за брачни близнаци од раѓање. Го родија Марјан, ја родија Весна и се разведоа. Немаше кај да оди таа, немаше кај да оди тој и цел живот го поминаа не-заедно под заеднички покрив. Таа на приземје, тој на кат. Децата пораснаа буквално на скалите помеѓу едниот и другиот родител. На почетокот не им беше јасно ништо, потоа криеја дека родителите им живеат секој посебно, појадуваа кај едниот, ручаа кај другиот, вечераа надвор. Како што одминуваа годините, Марјан и Весна почнаа сами да си живеат во својата заедничка соба. На родителите гледаа како на потстанари во своите животи. Ни можеа да ги избркаат, ни можеа да им го наплатат барем детството. Додека одеа на работа, Драгица и Станко речиси не се гледаа. Драгица беше наставничка во основно училиште, Станко беше угледен технолог со речиси секојдневно продолжено работно време. Децата имаа совршено разработен план кога да бидат со едниот, кога со другиот родител. На по десетина минути, секако, зашто заедничкото време на ова семејство одамна беше испокинато на куси нишки намотани на лажовно клопче. Како, впрочем, и заедничките пари. Малкуте на Драгица и многуте на Станко…
Добрата работа во сета таа по малку налудничава семејна приказна беше тоа што во куќата не влегуваа љубовници. Ниту нејзини, ниту негови. Не влегуваше ни љубовта, ама нејзиното отсуство барем беше потивко од можното врескаво присуство на љубовници. Марјан и Весна им беа благодарни на своите родители само за тоа. И за ништо друго на светот.
Прва се омажи Весна и куќата малку се подиспразни. Но, кога се ожени Марјан, татко му мораше да го ослободи катот и да се симне на приземјето, што значеше и да биде поблиску до Драгица. Тераа така едно време, сѐ дури Весна не се врати дома повторно. Таа се разведе и, за разлика од своите родители, сметаше дека има кај да оди. Се правеа нови распореди, мали, тивки селидби од соба в соба, од кат на кат и испадна дека Драгица и Станко треба да делат кујна. И фрижидер и електричен шпорет. Но, важно секој си имаше своја соба, свој кревет, свој телевизор, свој далечински.
Родителите старееја, нивните веќе возрасни деца повторно се најдоа на скалите во куќата. Како мали раснеа на нив помеѓу едниот и другиот родител; како возрасни беа заробени на истите тие скали, овојпат помеѓу родителите на приземјето и своите животи на катот.
Од ден на ден, просторот на сите им стануваше сѐ поневажен, а големата пензија на Станко сѐ поважна. Кога и Марјан остана без работа, односите во куќата се испозаплеткаа во слепи јазли. Никој од нив не знаеше да врзе пристојна панделка ни со збор, а не пак, на некој друг начин да внесе малку убавина во секојдневието.
Кога кашлицата на Станко уште од зимата се дотегна до летото, стануваше сѐ појасно дека била или дека се престорила во нешто друго. Ова нема да трае уште долго, им рече пулмологот.
Марјан и Весна седеа на скалите во молк. Од собата на мајка им допираше гласно пуштена серија. Од онаа на татко им – само кашлање. Марјан погледнуваше де во едната, де во другата врата на приземјето и пцуеше. Тивко, само за себе. Тогаш Весна со глас речиси зарипнат од прекор, рече: – Да беа во брак,.. што и да му се случеше на тато, немаше да ја загубиме барем неговата пензија. Ќе се префрлеше на мама и…
Марјан речиси скокна.
– Ајде да ги венчаме! Веднаш!
* * *
– Дај едно продолжено еспресо, Ивица – викна Марјан влегувајќи во „Идадија“.
– Мацко, дојди кај нас, бе, брат, не пиј кафе сам како пес – му мавна Сашо од соседната маса каде што повеќемина во бурно расположение пиеја пиво.
– Брзам, Сашо, да мавнев едно кафе и бегам дома, за половина саат доаѓа матичарот.
– А бе ти стварно ќе ги венчаваш твоите?
– Стварно, ами како – го сркна кафето на екс и на заминување им дофрли – утре ќе ве честам сите за свадбата на моите. Пивопиите му одговорија со гласна, мајтапчиска дебармаалска смеа.
Марјан насилно ја отвори вратничката од дворот, нешто заглавуваше во последно време, и влезе во куќата.
– Дојде матичарот?
– Не. Само што му откажав… – со напукнат глас му одговори Весна, симнувајќи се по скалите.
– Зошто?
– Ги изгубивме, Мацко…
– Кого, ма? Што зборуваш?
– Двајцата. И тато и пензијата.
Во истиот миг Драгица излезе од својата соба на приземјето. Беше облечена во својот најубав фустан, имаше чевли на нозете и накит на вратот. Косата ѝ беше исфенирана, изгледаше барем десет година помлада отколку што беше. Наизменично гледаше во своите деца со оџагарени очи. Де во едното, де во другото.
Во далечините застружеа жеже-пече, жужалци, штурци, скакулци, што ли…
ИЛИ-ИЛИ (прво издание 2018, второ издание 2020)