Исечоци од два (или еден разделен на два) живота

пишува: Калина Малеска

На почетокот од Шрапнел на Игор Анѓелков, раскажувачот ни навестува роман што во прв план ќе се фокусира на метафикциски теми: процесот на пишување, методите, стилот на конструирање на приказната, прашањето што е она што еден роман го прави успешен. Она што, всушност, се случува во Шрапнел е исечок од два (или еден разделен на два) живота, оставајќи ги метафикциските теми суптилно во позадината на животните приказни.

И мислам дека тоа е одлична одлука за еден современ роман. Зашто најавените фиктивни приказни, онаа за телото на мистериозната девојка во Скопје во 1963 година и онаа за двата лика принудно слетани на еден остров на пат кон Килиманџаро, внимателно се конструираат, имаат интересни заплети, елементи на мистерија, потенцијал за популарност, но немаат реалност.

Шрапнел почнува како исечок од реалноста, со претставување на дедото во чиј грб има дупка од раната од топовски шрапнел нанесена за време на Втората светска војна. Шрапнелот, што е јасно уште од насловот, има функција на централна метафора, а раскажувачот понекогаш го чувствува и во себе. Потоа следуваат разговорите меѓу двајцата писатели кои имаат недовршени ракописи, неименуваниот раскажувач и неговиот пријател Ангел, кои во романот се пријатели, но можеби се и една иста личност, која раскажува за две животни искуства – на што наведува нивното меѓусебно речиси совршено разбирање. Иако нивните разговори се сосредоточени на начините на пишување книги, набргу двајцата пријатели ја препознаваат желбата да се свртат кон она што, всушност, ги мачи: „Јебеш Скопје 63-та, јебеш Килимианџаро, до кога ќе се криеме зад туѓите приказни?“

Од тој момент навистина течат двете „сопствени“ приказни: едната за таткото и другата за проблемите во бракот. Додека понекогаш разговорите меѓу раскажувачот и Ангел звучат нереално љубезно, па дури и преформално, деловите со таткото и Ана имаат целосно реалистичен призвук и ги прикажуваат сложените односи меѓу сите присутни ликови. Двете приказни, место конструиран заплет кој на крајот би довел до некакво дефинитивно разрешување, нудат нешто што наликува на исечок од реалност која тече и надвор од книгата.

Останатите импресии за романот можете да ги прочитате на следниот линк:

Книжевни импресии за „Шрапнел“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *